Фотомонтажа од врвот Матерхорн – Демант од ФПСМ за искачувањето на Дишовска

Еден месец по објавувањето на информацијата за првото женско соло искачување на Матерхорн од италијанска страна од страна на Ирина Дишовска, на забелешка од поголемиот дел од македонската планинарска јавност како и други релевантни институции, се појави сомневање во веродостојноста на дел од информациите. Откако случајот беше разгледан и во Комисијата за високогорство и експедиции, во официјално соопштение се огласи и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

На 27.07.2018 од страна на Ирина Дишовска од ВАК Анапурна во јавноста беше пласирана веста дека таа успешно го направи првото женско соло искачување на Матерхорн од италијанската насока Креста дел Леоне. Веста беше пренесена од повеќе македонски веб-сајтови а истата беше и објавена на личниот фејсбук профил на Ирина. Воедно, истата беше пренесена и на нашиот веб-сајт откако имавме комуникација со Дишовска. 

Набргу по објавите, од страна на дел од планинарската јавност се појави сомневање за лажирање на одредени делови од сторијата и можно лажирање на дел од фотографиите. За оваа објава, преку соопштение прва се изјасни и Македонската Алпинистичка Федерација каде според одговорните, наведени се неколкуте детали кои се спорни: 

„1. Фотографијата на самиот врв каде што планинарката е фотографијата пред крстот. Тука сме сигурни дека се работи за очигледна и неумешно направена фотошоп интервенција во оргинална фотографија која е претходно објавена на интернет од страна на Македонски планинар, и која е од неговото искачување на Матерхорн на 23.07.2018. Ирина во текстот вели дека се сликала со свој мобилен телефон!

2. Втората според нас спорна слика е онаа, каде Ирина укажува на еден клучен дел – Џордановите скали. Тука е употребена слика која е превземена од интернет од Италијански портал, и датира уште од 8 јули 2017та година.

3. Повеќете слики се близу домот, а двете клучни се според нас неверодостојни. Би ја потенцирале и контрадикторноста во користењето јаже – приказната дека е кристено нејзиното јаже за абзел со Пољаците. На една од сликите тие носат розево јаже, на уште фотографија се гледа поставено за абзел на снег тоа розево јаже, на неколку други слики се гледа Ирина како абзелува на друго плаво јаже.” – се вели во соопштението на МАФ. 

Истотака, за случајот беше известена и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, од каде, преку соодветната Комисија за високогорство и експедиции се очекуваше верификување на искачувањето. 

Според последните информации во соопштението од ФПСМ, Комисијата во изминатиот месец го разгледувала случајот со Ирина и е констатирано дека немаат добиено соодветен материјал за верификувањето на искачувањето од страна на Ирина Дишовска. 

„Во врска со објавата на планинарката Ирина Дишовска од ВАК Анапурна која беше пренесена од повеќе медиуми за соло искачување на врвот Матерхорн 4478 мнв на 27.07.2018 година, Комисијата за високогорство и експедиции при ФПСМ и покрај барањата нема добиено никаков материјал за верификација на ова искачување. Од јавно објавените фотографии констатирано е дека се невалидни клучните две и тоа: фотомонтажа од врвот Матерхорн и превземена фотографија од италијански медиум од секцијата “Џорданови скали”.

Воедно ја известуваме јавноста дека КВЕ при ФПСМ досега нема ниту едно верификувано соло искачување на насоката “Креста Дел Леоне” од италијанската страна на врвот Матерхорн, а најстрого ги осудуваме сите обиди за било каква повреда на планинарската и спортската етика.” – се вели во соопштението на ФПСМ. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија