Скратена трката Ред Фокс Елбрус 2018

Нашите втори претставници на трката Ред Фокс Елбрус, Александар Кирковски, Дејан Тодевски и Димитар Тодоровски немаа можност да финишираат на највисокиот врв на Европа откако поради неповолни услови истата беше скратена до седлото на 5300 м.н.в. 

Александар Кирковски беше дел од најтешката спортска дистанца во Скајранинг – од полјаната Азау 2350 м.н.в до врвот Елбрус 5642 м.н.в. Иако трката стартуваше без најава за скратување, сепак, поради неповолни услови во погорните делови од планината беше решено истата да заврши на висина од 5350 метри. 

Поради скратувањето на патеката Кирковски одлучи да не ја финишира во тие рамки и да се врати надолу. Сепак, неколку денови претходно тој успеа да го подобри резултатот на патеката Азау-Елбрус вон официјалната трка кога без логистика се искачи за 5 часа и 18 минути што е за 15-тина минути побрзо од претходниот негов рекорд. 

На пократката дистанца која се одвиваше на висина од 3780м до 5350м и назад настапуваа Дејан Тодевски и Димитар Тодоровски кои двајцата завршија со успешни резултати. Тодевски со време од 4ч 35м заврши на 33-то место (29-ти во машка конкуренција), а Димитар Тодоровски на 73-то место (63-ти во машка конкуренција) со време од 5ч 54м. 

На главните трки претходеа и квалификации со т.н. Вертикален Километар – трка од 2450 до 3450 мнв што воедно е и највисок вертикален километар во Европа. На таа трка Александар Кирковски заврши на 46 место со 1час 00 минути, Димитар Тодоровски беше на 162 место со 1час 14 минути, а Дејан Тодевски веднаш зад него на 164 место со 1 час 15 минути. 

Оваа година трката го имаше своето 10-то јубилејно издание а досега два пати поради временски неприлики истата е скратена. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија