Денис Урубко ја напушта зимската експедиција на К2

Откако викендов тој тргна во целосно непланиран соло обид за искачување на врвот К2 во зимски услови, денеска од третиот висински камп тој се спушти во базниот камп и се повлече од експедицијата. 

Овој викенд, еден од најдобрите и најспремните качувачи во експедицијата на Кшиштов Вјелицки кои се веќе неколку месеци во обид за зимско искачување на К2, Денис Урубко, направи неочекувана потег и ненајавен тргна од базниот камп во соло искачување на врвот. 

Оваа одлука не беше во никаква согласност со рамките на експедицијата и нејзиниот водач, а Урубко на искачувањето одби и да комуницира со базата во неколку наврати одминувајќи ги другите колеги. Причината за овој потег лежи во неговите лични замисли за зимските искачувања кои тој ги оправдува единствено до крајот на месец февруари т.е. 20 дена пред истекот на календарската зима – нешто што го има изјавено и во интервјуто за pytohm.com.

Денеска на 26.02.2018 од третиот висински камп, поради непознати причини тој одлучи да го откаже своето соло искачување и да се врати во базниот камп каде по разговор со другите членови на експедицијата тој одлучи да се повлече. Според останатите информации, експедицијата си продолжува со нормално темпо, обезбедени се кампови до C3 – 7200 мнв, а полскиот тим чека подобри услови на почеток од март. 

Денис Викторович Урубко е алпинист роден во времето на СССР, подоцна, по распадот на сојузот тој добива казакстанско државјанство под чиешто знаме станува петнаесетиот човек кој се искачува на сите 14 врвови над 8000 метри. Познат е како еден од најспремните високогорски качувачи во светот кој има искачено повеќе врвови во зимски услови и го има комплетирано „Снежниот Леопард” – искачување на сите 5 врвови повисоки од 7000 метри во СССР во период од 42 дена (во 1999 година).

Заедно со Адам Бјелицки на крајот од јануари беа во спасувачката акција за Елизабет Револ и Томек Мацкијевич. 

Севкупно се има искачено 19 пати на врвови повисоки од 8000 метри. Качува без суплементарен кислород. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија