Смрдливиот проблем на Еверест и неговото решение

Имајќи предвид дека вкупната бројката на годишни посетители кои доаѓаат на трекинг до Базниот камп на Еверест или се дојдени да го искачуваат врвот во последните години се движи околу 30000 луѓе, замислете колку е тоа измет и фекален отпад. 

Со тоа што планината стана подостапна од било кога поради склоп на околности и повеќе фактори, огромен број на планинари, но и туристи се во можност да отидат и да бидат дел од атмосферата на планината. Во 2016 година статстиката вели дека регионот на Базниот Камп го посетиле околу 36000 луѓе, за разлика од 2015-тата кога имало 27500 што означува скок од 33,5 проценти. 

Ова можеби означува уште подобар приход за властите и локалното население, но локалците се соочуваат со еден огромен проблем. Ѓубрето кое се прави и остава во камповите е огромно, а изметот веќе прави проблеми од таков размер што веќе одамна, водата од едно од локалните езера се смета за небезбедна. 

Според одредени извори, во просек по сезона, од Базниот камп на Еверест се вадат околу 12 тони измет, кој, во пластични буриња, носен од шерпаси се одлага во септички јами во месноста Горак Шеп, пресушено езеро на 5100 метри надморска. 

За да биде уште поголем проблемот, поради ниските температури изметот тешко се разградува и го загадува регионот долготрајно. 

Сепак, на Гери Потер, еден од посетителите на планината во 2003 година, сликата и целиот проблем воопшто не му оставил добар впечаток поради што тој отпочнува да развива проект за долготрајно и еколошко решение за одлагање на изметот. Гери Потер е поранешен инжињер на компанијата Боинг кој заедно со други архитекти и тим од соработници го поставуваат проектот Mount Everest Biogas Project

Не се работи за некоја „вселенска” технологија. Едноставно тоа е тоалет каде изметот се одлага во посебни херметички затворени контејнери каде има бактерии кои го преработуваат изметот во нус продукти како метан кој може да се конвертира и во струја и течно ѓубриво за земјоделие. 

Има еден проблем, а тоа е релативно ниската просечна температура поради која бактериите не би биле во можност да го „работат” норамално, па затоа во проектот е предвидена и изолација на контејнерите како и соларни панели кои би произведувале струја за затоплување на единицата и одржување на „работна” топлина. 

Проектот е започнат уште во 2010 година, но истиот не е се уште инсталиран бидејќи се работи на волонтерска база, а финансии се собираат преку донации. Сепак, добиени се потребните одобренија од локалните власти и еколошки здруженија кои се вклучени и запознаени со активностите. Се предвидува дека оваа 2018 година, инсталирањето во Горак Шеп ќе започне и истото ќе се заврши напролет во 2019 година. 

Сепак, овој дел од Хималаите се бори и со друг сличен проблем, останатиот вид на отпад кој се одлага од посетителите. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија