Големата хималајска датабаза и жената која стои позади истата

Ако некогаш се заинтересирате или воошто ви треба информација за тоа колку експедиции, луѓе, националности, успешни и неуспешни, смртни случаи и многу повеќе имало на околу 350 хималајски врвови во период од околу 120 години – тогаш не барајте повеќе. Сето тоа долготрајно и макотрпно документирано од рацете на една жена.. 

Во 1960 година госпоѓицата Елизабет Хоули дава отказ од нејзината новинарска работа во магазинот Форчун и оди на патување околу светот. За време на тоа патување таа го посетува и Катманду, главниот град на Непал каде решава да се пресели и да продолжи со новинарство од таа локација. Набргу наидува на соработка со Ројтерс како дописник за Американската експедиција на Еверест во 1963 година кога Том Хорнбајн и Вил Ансоелд го прават првиот (и успешен) обид за искачување по западната страна – преку денес познатиот Хорнбајн кулоар. 

Оттогаш Елизабет започнува да работи и постанува најголемиот светски хроничар за хималајските врвови, собирајќи и запишувајќи за сите следни искачувања на околу 350 врвови во највисокиот дел од планетата. Иако самата никогаш се нема искачено на некој од овие врвови и воопшто не е фан на пешачење и активности во природа, таа претставува доста важна и светски призната алка во планинарската историја со нејзината комплетна и прецизно датабаза на искачувања, рекорди и сите останати информации за Хималаите. 

Датабазата содржи податоци од сите експедиции и нивните исходи во период откако Непал ги отвара границите за странски туристи некаде во 1950-тите до 2003 година. Вклучително, тука се земени и информациите за искачување од различните страни на врвовите кои граничат како Еверест, Чо Оју, Макалу и други. Покрај ова, таа работела и на собирање информации и пред овие години, каде постојат записи од 1905 година. 

Информациите се сортирани (и може да се пребаруваат) по врвови, качувачи, експедиции, националности, сезони, смртни случаи и повеќе. 

„Доколку ми е потребна информација за искачување на некој 8000-метарски врв, јас одам кај неа, таа знае се” – вели Рејнол Меснер во една изјава.

За период од 2004 до 2016 година, информациите се веќе објавени на официјалната веб-страна, откако идејата на Елизабет со издавање на ЦД со овие информации испаднала залудно трошење на средства и време. Сега, таа решава да ја отвори целосната датабаза достапна за јавноста без никаков надомест. 

Се очекува некаде на почетокот на ноември 2017 година дневниците да бидат достапни на овој линк.  

Во 2014 година Непалската планинарска асоцијација именуваше врв по Елизабет – Врвот Хоулли висок 6,182 м.н.в во северо-западен Непал. На ова таа одговори дека е почестена со одлуката, но според нејзините извори врвот веќе си имал локално име, и дека планините и врвовите не треба да се именуваат со имиња на луѓе. 

Непал има околу 1300 врвови, од кои само 414 се отворени за туризам.  

Елизабет е родена во 1923 година и се уште живее во Катманду. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија