Полека со ластата

Лето е, топло е и ви треба освежување. Сакате забава и одмор од рутината. Скокањето во вода е секако забавно, но пред да се залетате за легендарната “ласта” ајде да се позанимаваме со безбедноста поврзана со водените лудории изведени од височина. 

Скокањето во вода од височина изведено од професионалци е вистинска уметност. Нивото на координација, баланс , цврстина и храброст кај овие атлети е на навистина високо ниво. Овие нивни карактеристики се главната причина која не тера да помислиме дека скокањето во вода е неверојатно лесно. Но, дали е така?

Без разлика дали сакате да скокате во базен или отворен простор, една од првите работи на кои треба да помислите е брзината при скокањето. На пример, кога изведувате скок од ”само” 5 метри височина, максималното забрзување кое го достигнувате во воздухот пред да удрите во водената површина е 50 километри на час.

Ако пак сте навистина храбри и се обидете да скокнете од околу 20 метри височина, треба да знаете дека брзината која ќе ја достигнете во воздухот ќе биде скоро 100км на час. Со други зборови, доколу при влегувањето во вода немате перфектна позиција, можете да претрпите сериозни повреди па дури и скршеници.

Доколку сакате да скокате во отворена водена површина како река или езеро, секогаш треба да имате на ум дека под неа можат да се кријат различни скриени предмети или бетонски конструкции кои однадвор неможат да се видат. Можеби водата има својство да го апсорбира најголемиот дел од брзината, но доколку ваквите предмети се наоѓаат непосредно до водената површина, скокот може да има фатални последици.

Бидете внимателни и добро проучете го теренот.
Она што исто така треба да го знаете е дека доколку немате искуство со скокови во вода, ударот во водата може да ви создаде чувство на дезориентираност, паничен страв што пак може да доведе до давење.

Затоа бидете внимателни и полека напредувајте. Почнете со скок кој ќе биде без дополнителна височина и работете на својата техника. Кога ќе бидете сигурно дека сте ја совладале техниката постепено зголемувајте ја височината од која скокате. Никогаш не заборавајте дека колку и да е забавно безбедноста треба да е на прво место. 

 

Уживајте во летото! 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија