четврток, 8 јули Георгијани – Кожани - Неаполи, 106 км

Велоаџилак – ден 7

Утрото се разбудивме рано. Доста беше спиење. И онака рано легнавме. Се што беше оставено надвор беше водено. Требаше да претпоставам дека ќе има мнгу роса. Георгијани се наоѓа на 500 метра висина, но има големо влнијание од планината. Тука поминува и реката што ја зголемува влжноста, и сите услови за роса се исполнети.

Сврти на претходна страница >> Ден 6

Првично се договоривме да доручкуваме некаде горе по пат. Демек прво да повозиме малку. Но многу време требаше да се исуши шаторот и затоа решивме тука да доручкуваме. Надворешниот дел од шаторот беше многу воден и му требаше време да се исуши. Селото беше сместено во една длабока долина и сонцето имаше проблем да се изкачи над ридот. Па го чекавме да излезе за да ја пекне мушамата. Никогаш не го собирам шаторот воден. Не памтам некогаш да се случило тоа. Ако се собере воден прави некоја бактерија и почнува да мириса. Повеќе ништо не го ветрее тоа. Мора да се пере.

А одвај чекавме да тргнеме. Си викавме ако угорницава е како она што го качувавме вчера, ќе поминеме многу лесно и брзо. Кога ја цртав рутата го приметив ова искачување, ама гледаш дека се околу е рамно, па си велиш нема да биде крволочна оваа планина. Каракамен планина. И тргнавме. На почетокот беше рамно и тоа ни го потврди мислењето дека ќе биде лесно. Но штом излеговме од селото угорницата стана пострмна. Па уште пострмна. Па на места каде што сонцето грееше беше многу жешко и тоа ме исцрпуваше. И како врв на се ми беше доручекот што ми ја исцица целата сила. И плус, водата си ја испив во првите два километра заради солениот доручек и немав ни за пиење, ни за ладење. Превојот се гледаше во далечината. Не ме плашеше тоа. Чудно ми беше што не ми вртеа нозеве. Многу неубаво се чувствував. Ме болеше стомак, не можев да вртам, сонцето ме пржеше. Правев пауза на места каде што имаше сенка. Па после и сенките ги снема. Едноставно патот се прошири и крошните беа далеку од коловозот.

На 5.4 километри од селото начекавме црква покрај патот каде што имаше вода, тоалети, клупи. Одлично место за одмор. Застанавме тука. Се наголтавме вода и се замивме. Па ние ни лице немавме миено од сабајле. Седев на клупите, Марко отиде да прошета, па јас си легнав да се истегнам. Туку сум заспал. Ух како ми требаше тоа. Сум спиел можеби 15 минути. Ме разбуди кола што застана пред црквата. Ама доволно беше. Добро ресетирање. Планинава испадна многу потешка од што пресметавме и од што замислувавме. Многу лоши параметри се поклопија за искачувањето да ни биде напорно. Ги прашавме луѓето уште колку има до превојот или до следното село. На точно 3 километри, како што ни кажаа, се наоѓаше следното село Кастанија. И тука застанавме да одмориме и да пиеме вода. Веќе знаев дека од тука нема да имаме многу километри. Висински бевме искачени многу и не би требало да имаме стрмни делови во продолжение, освен ако нема некој спуст, па пак да качува. Всушност, патот од Кастанија се движи околу планината и станува поблаг зошто оди како по изохипса.

Стигнавме до нешто како превој и живи радосни извадивме да се сликаме. Потоа малку надоле, па пак угорница. Значи тоа не беше превојот. Пак подоцна истото. Абе каде е превојот? Покрај патот имаше бетонски ѕид на кој што имаше нацртано многу убав графит. Со ситни букви имаше напишано краток текст со многу силна порака. Вели: „Синџирот на твојот велосипед е единствениот синџир што те ослободува.” Убаво кажано. Возејќи, на едно место видовме знак што означуваше влез на територијата на друга општина. Има логика. Нормално дека на превојот би била границата на две општини, Бер и Кожани во случајов. Планината што ја искачувавме се вика Каракамен планина и е позната по песната со гунчето, нели. Вкупно имавме 25,4 км за искачување од 1330 метра и просек од 5.2%. Просекот не е висок, но искачувањето е долго, со многу стрмни делови, и неколку рамни делови каде што само се поминува километража, а не се искчаува. Затоа станува досадно. Јас сакам превои што одат само нагоре. Па колку сака нека има. Само нека не ме спушта. Никогаш не се радувам на некој дел од планина каде што има спуст. Демек, ај ќе одморам. Нема врска. Само нека оди нагоре. Колку може да има? Затоа мојот втор вело-гуру Јово секогаш се лутеше кога некој ќе прашаше уште колку има од угорницата. Колку има толку, велеше. Дали ќе се скрати угорницата ако дознаеш уште колку има? Не! Врти нагоре и таму сме. И така е. Не е важно колку е долг превојот се додека се движиш. Ако се движиш ќе се искачиш, кога-тогаш. Ама ако не се движиш само ќе сметаш уште колку има, стрмно ли, е дали ќе се искачам. Вози и ќути.

Не застанавме да одмориме на превојот. Само се сликнавме и право надоле. Знаев дека следува долга удолница. Тоа беше 10 километри долга удолница, по широк асфалтен пат. Песокот на работ на коловозот го правеше спуштањето многу опасно. Затоа успорував на многу места. Приметив дека планината на оваа страна беше гола. Немаше едно дрвце. Овчарите си ги напасуваа своите стада. Во далечината се гледаа неколку езера. Според теренот можев да приметам каде е Кожани, и во кој правец ќе се движиме. Некаде позади тие планини е морето. Таму е Игуменица и траектот што ме чека само мене да ме префрли во Италија. Така си фантазирав. Многу ми се продолжуваше. Ние веќе се враќавме накај дома. Имавме уште три дена од патувањето. А ми се возеше.

На дното на планината влеговме во село Хадова. Едно суво, пожолтено поле во околината. Многу почнав да ја приметувам разликата кога ќе се симнам од планина. И почнува да ми смета. Горе е убав, чист, свеж воздух. Во котлините е многу спарно, со тежок, густ воздух. Дополнително, тука се наоѓа и она полето со јагленокопи и неколку термоцентрали.

Излеговме во рамницата и веднаш продолживме. Во продлжение имавме од оние прави и рамни делови. Досадни патишта што одвај чекаш да поминат. Само млатиш километри. И врти, и врти, и нема ништо ни лево, ни десно. Ќе помине некоја кола. Полето еднолично. Планините се во далечината. Немаш некој репер за тоа колку си поминал. Се вртиш назад право и ја гледаш точката од која си тргнал. Гледај напред истото. Туку ќе се појави некое село во подножјето на ридот и толку. Застанавме да одмориме во дворот на една напуштена кафана. И тука многу објекти сведочеа дека многу народ се врткал тука кога овој пат бил главна артерија кон морето. Сега сите одат по автопатот. Овој пат го користат само локалците. И ние. Според картата немавме многу до Кожани. Само требаше да ја издржиме жештината и после ќе се частиме гиро кога ќе стигнеме во градот.

Пак седнавме да возиме, па на неколку километри пак пауза. Не спржи сонцето. Одморивме на една бензиска и нормално со кока кола. После имаше кратко искачување и влеговме во село Инеова. Решивме тука да одмориме. Ама нели гиро ќе јадевме во Кожани? Прашав на неколку места, но во селово немаше гиро. Ќе треба да ручаме од нашите залихи. Пак разочарување. Се сместивме во дворот на селската црква. Прво поспавме, па отидов да купам нешто од блиската продавница, па ручавме, па пак дремка.

На пат тргнавме околу 17 часот. Целта за тој ден беше да го поминеме Кожани и да се доближиме што е можно повеќе до Костур. Само ги следевме патоказите и излеговме од селото. Се движевме кон Кожани. Влеговме во градот и пак пазаревме нешто за вечера. Се повеќе ни се троеша залихите што ги купивме уште во Делчево. Моравме да докупуваме продукти.

Патот се движеше низ градот па можевме да го разгледаме. Немаше многу луѓе. Препоставувам дека сите се по одмори, на море. Излезот од градот беше на една стрмна угорница по која што требаше да го префрлиме ридот. Па ни следуваше долг спуст. Се уште возев брзо после спустот, иако веќе теренот зарамни. Ме понесе адреналин. Марко одвај ме стигна и ми покажа накај гумата. Веднаш застанавме до една напуштена бензиска пумпа. Ми кажа дека надворешната гума, на нагазната површина се повеќе му се кине. И навистина, тоа беше една стара гума, со поминати многу километри. Марко ги купи тие гуми уште кога бевме на Доломити, за МТдФЕ 2014. И уште ги возеше. Надворешната гума имаше дупка снатиметар на сантиметар и внатрешната гума веќе почнала да излегува. А околу дупката имаше испакнување како печурка. Не сакав да замислам што може да се случи доколку гумата пукне на спуст. Па и предна. Истиот проблем го имав првата година во Франција, кога Гоце откри дека внатрешната гума ми излегла. Мислам дека е многу опасно. Му кажав на Марко дека не е ништо страшно, дека ќе го средиме и ќе проролжиме со патот. Ја истругав гумата од внатрешната страна, земав голема лепенка и така ја затворив дупката. Ова беше привмремено решение додека не најдеме друга надворешна гума. Вака не може да продолжи да вози. Едноставно е опасно.

Возевме низ рамничарски предел со мали ниски ридчиња. Патот се движеше околу ридовите и на тој начин ја убиваше монотонијата. Лево од нас ги гледавме колите што се движеа на автопатот. Влеговме во една клисура каде што многу дуваше. Тука се менуваа климите. Позади нас имаше влијание континенталната клима, а пред нас го имавме влијанието на морето. Тоа малку не успори, но продолживме. Дојдовме до знакот каде што се свртуваше за градот Сачишта. Сакав да го посетиме, но се наоѓаше на еден висок рид. Така ме мразеше да веслам по угорници, што одлучив да не го посетуваме. На тој начин и километарски се скратуваше патот, но таа стрмнина ме обесрхабри. Исто како за Кутлеш кога стоев покрај знакот, и тука стоев така мислејќи дали да го посетам градот. А тој па, сирот, сместен на една височинка, ни дрво околу, ни вода. Гола голина од рид. Којзнае колку е жешко тука преку ден. А нашиот ден веќе се ближеше кон крајот. Сакав само да продолжиме и да стигнеме поблиску до Костур. Некако математикава не ми одеше. Како да ќе треба и единаесет дена да возиме, ако не стиснеме малку.

На неколку километри од знакот за Сачишта, свртевме десно на север. Веќе бевме на патот што води кон Костур. Само ја гледав картата и си мерев колку километри има до градот. А ми помагаа и таблите покрај патот, што најчесто попкажуваа различни мерења. Теренот беше ист. Ридови, и полиња наоколу. Скоро жнеано жито и по некој човек во полето. Понекогаш ќе поминевме преку некоја река и одма гледав дали тоа место е доволно добро за кампинг. Ако најдев некое убаво место за спиење, веднаш ќе застанев. Веќе ми се досади од вртење. Прво сабајле искачувавма една стрмна планина, па спуст, па рамно, рамно, рамно, досадно, Кожани, рид, и пак рамно, ридови, рамно, досадно. Застанавме на една бензиска да пиеме сок. Море кога ни се пуштија кучиња. Може десетина беа. Одвај ги смири газдата. Седнавме и пиевме по една кока-кола и по еден сладолед. Ама сме се почастиле. Навистина бевме исцрпени. Ќе ни треба овој шеќер за до крајот на денот додека бараме место за спиење. Патот продолжи со угорници и удолници, колку да го најави теренот што не очекуваше следниот ден. Ни најавуваше дека повторно се враќаме во планините.
И пак не стемни а немавме абер од место за кампинг.

Така возевме цело време ѕверејќи се лево десно. Сега се ми изгледаше добро за спиење. Ама пак не сакав да ми светат бандерите покрај патот, млинот прави голема бучава, понатаму мотор за вода. На едно место се симнав од патот да проверам дали би имало потивко и потемно место за спиење. Тоа беше асфалтиран пат, што се користел и пред овој пат да биде направен. Всушност, трасата на новиот пат се поклопува со овој, но на ова место двата пата беа откриенни. Ќе спиеме на сфалт што има врска. Се додека е темно и тивко. И нема да ни биде прв пат да спиеме на асфалт. Ќе си ставиш изомат под тебе и колку-толку ќе стане помеко. Па нели на тврдо е убаво да се спие заради рбетот. Епа еве ти рбету мој, спиј на асфалт и исправи се. Кој го измислил тоа, нека дојде да спие овде. Сме се искичмиле до сабајле. Јадевме и право во кревет. Местото беше обраснато со капини од сите страни и моравме да внимаваме како се движиме за да не се закачиме за трњата.

Море што убаво сме се наспале.

Сврти на наредна страница >> Ден 8