Ден 5. среда, 7 јули Пиргос – Солун, 124 км

Велоаџилак – ден 5

Во текот на ноќта почна да дува. Некако ми мирисаше дека ветерот ќе донесе дожд. Спиев веднаш покрај шаторот на отворено. Штом почна да врне се прфрлив во гаражата. По некое време и таму ми дојде вода. Па се префрлив во кујната. Па почна да ми мириса на готвено, и видов-не видов си се пикнав во шатор. Само се плашев да не врне и во текот на денот па да не можеме да возиме.

Сврти на претходна страница >> Ден 4

Утрото беше многу матно. Облаци на сите страни и ладно. Ама се возеше. Убаво беше дека и Германецот ќе вози со нас до некаде па ќе има муабет да се сврти, да помине време. Оставив 30 евра во кујната, и си заминавме. Така се договоривме, да платиме сабајлето, ама бидејќи немаше никој, им ги оставив да си ги најдат. Патот беше истиот од вчера. Прав, со благи угорници и удолници, лево се гледаше морето, повремено го гледавме Света гора. Само грабевме километри. Повремено си разменувавме искуства. Ми раскажуваше каде бил, како возел, места што ги посетил. Како го доживеал Балканот? Како се снаоѓа без патокази на патиштата? И рече дека не смее да кажува дека е од Германија, зошто Гарманците лошо стојат во Грција во последно време, заради кризата. Па имал искуство со Златна зора па кажувал дека е од Австрија. Па ми раскажа случка со кучиња во Романија. Па во Бугарија се простил со животот после средба со неколку млади. Епа вреди ли сиот тој страв, го прашав. Се е тоа искуство ми рече. Понатаму ми зборуваше за сообраќајните знаци и патокази. Во Германија ги имало многу. Тука се научил дека доколку нема потреба од патоказ, не го ставаат. Стоиш на раскрсница, и ако нема патоказ продолжуваш право, зошто ако имало потреба ќе ставеле знак дека треба да се сврти. Држи вода му реков. Иначе тргнал од изворот на Дунав, па возел по целата должина се до вливот во Црно Море, па го возел целиот брег на југ, па преку Александрополи влегол во Грција и преку Кавала продолжува накај краците, па преку Игуменица ќе оди во Италија. Интересно момче.

Патиштата што требаше да ги возиме во овој дел на картата беа чудно претставени. Ми немаа логика. Си помислив дека само ќе се држиме до овој пат, па ќе прашуваме луѓе каде да свртиме. Се движевме во правец на Амфипол и Аспровалта. Доручкувавме во близина на село Крушево. Од бензиската купивме сок, а вода побаравме од блиската куќа. Убаво не прими тетката.

Цело време се плашев дека ќе излеземе на автопат. Уплав имам кога возиме покрај автопат. Страв ми е дека некаде ќе го утнеме патот и ќе се качиме на автопатот. Но овој пат само го следевме знакот во сина боја и бевме на вистинскиот пат. Веднаш штом ја поминавме реката Струма, на неколку метри од нејзиниот слив во Егејското море, здогледав голема статуа на лав. Што ли ќе биде ова? Подоцна прочитав дека тоа е храмот од Амфипол посветен на Лаомедон од Митилена, близок соработник на Александар III. Убаво го простудиравме лавот и цеиот археолошки локалитет. Имаше и текст па сакав се да прочитам. Градот Амфипол сме го спомнувале на факултет. Сега бев тука. Грција е еден голем археолошки локалитет на отворено. Човек што сака историја или старини, тука ќе се изнаужива. Постојано се јавував дома возбуден од местата што сме ги посетиле. По некое време ќе ти станат и вообичаени и нема да се изненадуваш многу, туку само ќе си ги одминеш.

Пред Аспровалта пак застанавме пред продавница. И пак сокче, овошје, нешто благо. Тука ни кажаа дека убаво место за одмор има после селото Рентина и да ја бараме црквата Света Марина. Возејќи покрај брегот поминавме и неколку туристички места. Камповите беа затворени и обраснати. Некогаш тука имало многу туристи. Со надеж дека пак ќе се вратат. Многу работи се имаат сменето и со изградбата на новиот автопат. Сега целиот сообраќај е пренасочен таму и повеќе возилата не поминуваат низ селата што биле изградени токму заради патот. Порано сите тие возила застанувале тука, на овие бензиски, па ручале во рестораните, пазареле во тие продавници. Сега се беше затворено. Со надеж дека некогаш тоа ќе се смени.

Се разделивме на излезот од Аспровалта. Тој сакаше да оди на краците, ние продолжувавме на запад кон Солун. Тој си го фати правецот за Ставрос, ние кон Рентина. Разменивме контакти и се поздравивме. Патот што го возевме од тука беше многу обраснат од страните и моравме да возиме на средината на лентата за да ги избегнеме гранките, а имаше многу сообраќај во двата правци, па беше малку опасно. Постојано морав да се вртам назад за да проценам дали можеме да поминеме. Влеговме во густа шума. Тоа ни го најавија луѓето што ни раскажуваа за црвата Света Марина. Ќе имате шума, па ќе го видите езерото, па ќе ја поминете Рентина и од лева страна ќе ви дојде црквата. И ја најдовме лесно. Абе едни сенки, една студена вода, клупи и маса за ручање, овоштарник, продавничка со ладни сокови. Така отприлика изгледа рајот за еден туринг велосипедист. Порано со Јово имавме описни оценки за местата каде што одмаравме и спиевме. Така оценките се движеа од тиња, така-така, бомбона, хотел и рај, во зависност од условите што ги нуди. Ова дефинитивно беше рај. Бев многу задоволен.

Одма ги измив садовите од доручекот, па се забањав со грч ладна вода, перев алишта, па прошетав малку да видам што има во околината. Марко веднаш си легна да одмара. Местото не освои. Двајцата си бевме тивки и задоволни. Тоа беше црква од 11 век со типична византиска архитектура, изградена од камен и тули, со голема купола во средината. Потоа ручавме, па миевме садови, ги собрав водените алишта, се спакувавме и тргнавме. Денеска требаше да стигнеме до Солун. Не знаев каков е патот. Само знаев дека Солун не е далеку и ќе треба да тактизираме со местото за спиење. Ќе треба да легнеме или пред или после градот. Зависно од тоа колку време ќе имаме до стемнување.

Возевме покрај големото Бешичко езеро. Патот одеше нагоре-надоле и повремено ни нудеше прекрасна глетка на езерото и околината. Од другата страна се гледаше автопатот со многу возила. Порано целиот тој сообраќај поминувал по овој пат. Нека си останат таму, добри се. Нас нека ни ги остават овие патишта. Лево од патот имаше многу овоштарници што се напојуваа со вода од езерото. Сонцето веќе беше префрлено на запад и се спремаше да заоѓа. Како паѓаше подоле така повеќе ми сметаше на погледот. Ни одеше право во очи. Одвај чекав патот да сврти малку од правецот кон запад, за да ги одморам очиве. А не пржеше силно. Иако беше попладне уште беше жешко. Но ако по нешто ја памтам и фалам оваа тура тоа е водата. Во ниту еден момент немавме проблем со вода. Секогаш од некаде ќе се појавеше некое чешмуле да налееме. Оваа чешма беше од оние гадните со многу ѓубре и пластика. Обично не би се ни доближил во друга прилика. Ама сега беше непроценливо богатство. Па кога ќе си налееш вода, па кога ќе се заплакнеш, ќе се измиеш. Како нов човек. Ух колку ми значи кога ќе се оладам така. Можеби не беше ладна како на планините, ама имаше вода. Многу ни значеше и да се ладиме со водата. Ќе се потопев цел во вода и ќе продолжевме да возиме. Марко ја потопуваше и кацигата. Мене на почетокот ми беше чудно, но после видов дека има ефект.

Двајцата бевме жедни за сок. Одвај чекавме да стигнеме до некоја подавница да си купиме кока-кола и следолед. Само му викав на Марко да издржи, набрзо Марко, набрзо. Така се смеевме. Одвај стигнавме во село Аполонија. Патот што одеше нагоре-надоле не исцрпи. Таман загреј се на угорница, олади се надоле. Па пак така. Ама кога сме седнале во една бензиска. Литар кока-кола, па по еден сладолед да се вратиме во живот. Пријатни луѓе ни понудија маса и столчиња да седнеме. Ние некако ги одбивме, најверојатно дека не бевме подготвени на таа добрина. Фино постапија со нас иако знаеја од каде сме и на кој јазик зборуваме. На крајот па и што е чудно тоа? Јас во секоја продавница се трудев да се разберам на македонски, ако видев дека ептен не оди, ќе свртев ан англиски. Грчки знам само она добар ден да кажам. И некој збор што и онака го користиме секојдневно.

Следуваше удолница. Цело време гледав во карта и се трудев да го распознаам теренот. Веднаш после Големото Бешичко езеро, следува Малото. На половина на тоа езеро ќе треба да свртиме лево кон Солун, во селото Свети Василиј. А имавме и друга опција. Според картава, а и според теренов, му реков на Марко, гледам дека ќе имаме планина. Ај да си ја заобиколиме, и од север да влеземе во Солун. Малку повеќе километри, ама барем нема да се мачиме на планинава. Еден човек во селото ни пријде и не праша каде одиме. Солун, му велам. Абе одете си од тука преку планина, ми вели. Четири километри, стрмни, ама не многу. Потоа ќе имате убава глетка на градот. И Марко се сложи да одиме од тука.

Море кога се исправи пред нас една планина. Едно стрмно. Цело време сме возеле во еден-еден. Товарот позади си влече надоле. Ако малку посилно стиснеш на педалата, предното тркало се крева. Ај, што ни направи човеков, си помислив разочарано. Ама ако се 4 километри, ќе преживееме. Повремено се вртев назад да ги гледам езерата. Прекрасна глетка. Си правев паузи на 300-400 метри и се вртев назад за да уживам. Демек ете, застанувам заради глеткава, не дека не можам да возам. Ама кога возев тоа го правев поагресивно. Сакав да ја поминам угорницата што е можно побрзо. Коли поминуваат и ни се чудат. А ние само гледаме кон ридот и нагаѓаме каде е превојот. Се тешиш дека е ондека, во најниското. Ама додека стигнеш до таму е проблем. Ќе се свретв назад да видам Марко до каде е, а тој како на скали да се качува. Ете така го гледав. Толку беше стрмно. Двајцата се сложивме дека е најстмното нешто што сме го качувале. Дури пострмно и од 22% угорницата на Ѕонколан што ја качивме заедно на МТдФЕ 2014. Тоа беше 4 километри долга угорница со просек од 10%. И плус, дента имавме поминато преку 100 километри. Разочарувачки тешко. На угорницата крај и немаше. Па не стемни и почна да дува. Се трудев да ги видам објектите околу превојот и да проценам дали можеме да спиеме во близина на некој од нив. Ветерот ќе ни го однесеше шаторот. Затоа мораше да се спикаме до некоја градба или да го поминеме превојот и подоле да спиеме.

Јас стигнав прв и го почекав Марко. Го чекав малку подолго па дури и се исплашив да не му се случило нешто. Не очекував дека е толку далеку позади мене. На превојот дуваше многу силно. Решивме веднаш да продолжиме надоле иако веќе одамна беше темница а ние немавме најдено место за спиење. И тогаш ме фаќа паника. Сакам да сум си сместен на убаво тивко место уште пред да стемни. Вака немаш прегледност каде легнуваш, што има на тоа место, да не е приватен имот. А кога е темно па и ги пропушташ сите убави места што би ги видел со ден. Возејќи надоле веќе завлеговме и во некои предградија на Солун. Што поблиску до центарот на градот, толку потешко да се најде место за спиење. Пробавме на неколку места, но сите беа лоши. Не сакав да спиеме на место што ќе ме боде нешто од доле, па сообраќај, галама. За среќа, најдовме едно широко поле со трева и се сместивме позади неколку дрвца. Така не штитеа од луѓето да не можат да не видат, да не ни светат фаровите и да биде потивко. Воедно и ветерот тука беше послаб. Мислам дека треба многу искуство во темница да се најде толку убаво место за преспивање. Е сега, нема вода, нема река, нема клупи за јадење, ама за преноќување е супер. Јас му предложив на Марко ни шатор да не пуштаме. Ама тој инсистираше заради ветерот. Не ни вечеравме. Не памтам некогаш да сум прескокнал вечера. Тоа е недозволиво. Ама оваа вечер бевме толку уморни што не чувствувавме глад. Го завршивме пееттиот ден и бевме на средина на патувањето. Добро се држевме во секоја смисла.

Сврти на наредна страница >> Ден 6