Прва македонска екипа на трката Ред Фокс Елбрус 5642 м.н.в

Денес на 28.04.2017 од Скопје за градот Минерални Води, Русија тргна првата македонска екипа составена од Александар Кирковски, Кирил Филиповски, Марјан Бонев и Дејан Тодевски на една од најтешките планински трки во светот – Ред Фокс Елбрус која се одржува на истоимениот врв кој воедно е и највисок во Европа – Елбрус 5642 м.н.в. 

Настанот претставува целонеделен фестивал составен од неколку планински дисциплини и трки – трчање (планинарење), ски-алпинизам и трка со снегохотки кои се одвиваат на различни висини на и околу врвот Елбрус 5642 м.н.в. Во сегментот на трчање (брзо пешачење) постојат трките Вертикален Километар која оди од 2450 до 3450 m, Спортска Класа SkyMarathon која се одвива од 2350-5642 m и Класик Класа SkyRaceод 3780-5642 m. 

Нашиот прв македонски тим кој ќе учествува на оваа трка e составен од: Александар Кирковски, Дејан Тодевски и Кирил Филиповски од ПК Македон и Марјан Бонев од тимот на ТРЕКС/ПСД Макпетрол. Тие сите ќе учествуваат на најтешката трка во Спортска Класа SkyMarathon која е во должина од 12 километри со совладување од 3300 метри висинска разлика. 

Стартот на трката кој е закажан за 07.05.2017 во 06:30 часот по локално време е од надоморска висина 2350 метри, а финишот е на самиот западен врв на Елбрус – 5642 метри над морето со временски лимит од 7 часа. Покрај временскиот лимит за искачување кој реално е доста компактен и тежок за фаќање, трката има и одреден лимит за симнување до стартната позиција (до 16 часот по локално време) кој исто така мора да се фати за успешно признавање на трката. 

Два дена пред трката, секој од учесниците мора да ги помине квалификациите – стазата на Вертикалниот Километар од 2450 до 3450 m, како би можел успешно да влезе и се натпреварува на следната трка. 

Нашата екипа пак има план и дополнително, неколку дена пред овие настани т.е. во текот на наредната недела да го искачи врвот како аклиматизација за висината и условите во кои одат. Врвот нема технички тешки и комплексни делови, но самите услови, ниските температури и ветерот кој овде владее ја прават трката една од најекстремните на земјата. 

Моментално најдоброто време на оваа рута го држи Полјакот Андржеј Баргиел кој го има искачено врвот за 3 часа и 23 минути во 2010 година. Оваа година меѓу фаворитите е и Карл Еглоф кој ги држи актуелните брзински рекорди на Аконкагва и Килиманџаро.

Во разговор со нашата екипа тие ни открија дека нивните реални цели и очекувања се да ја финишираат трката без разлика на времињата бидејќи одат во целосно непознат терен, висини и услови. Во секој случај, настапот е исклучително важен за македонското планинарство бидејќи тие ги прават првите чекори кон поекстремните и интересни натпреварувања од овој тип во светски рамки. 

Во следниот период karas4training.com ќе ги следи и пренесува активностите на тимот. Им посакуваме добро и мирно време и солидно претставување на трката. 

Проектот е поддржан од Федерацијата на Планински Спортови во Македонија како и од Агенцијата за Млади и Спорт. 

Среќно!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија