Мариово Офф-роуд 2017 – Уживаме во Мариово – опуштено, тивко и полека

Она што следува за шестото издание на еден од најдобрите вело-рекреативни и спортски собири на отворено – Мариово Офф-роуд 2017 е една мини реконструкција која цели за враќање кон корените на првичната замисла на фестивалот – спокој, уживање и сплот со прекрасната природа на регионот. Затоа решивме да поразговараме со Слободан Трајковски кој ни откри нешто повеќе за следново издание. Се гледаме во мај… 

Епа вака… 

– Оваа година мотото на фестивалот е „Уживаме во Мариово”. Трите дена од фестивалот ќе бидат посветени само на уживање. Тивко, полека. Тоа значи дека нема да има гужви, галами, гласна музика, тресење глави до ниедно време. (барем таков е планот) Оваа година си поканивме чалгии кои што ќе ни одржат концерт во прекрасен амбиент под полна месечина во саботата вечер.

Што ќе има од спорт?

– Велосипедизам, планинско трчање, планинарење и болдеринг. Фитнес предизвикот оваа година го ставаме на стенд бај. Новитет во спортските активности ќе биде спелологијата (кејвинг) при што, заради специфичноста на самата активност, дваесетина гости ќе имаат можност да ја посетат прекрасната Мелничка пештера, во организација и водство на спелеолошкиот клуб „Златоворв” од Прилеп.

Дај нешто повеќе за пештерава.


– Епа како што почнавме секоја година да воведуваме нова активност, оваа година решивме да одиме со кејвинг или спелеологија. Шеста година, шеста активност. Остваривме контакт со дечките од клубот Златоврв, ги договоривме деталите и времето. Посетата на Мелничката пештера ќе се изведе во саботата, со тоа што прво ќе има пешачење, ќе се помине селото Мелница и после триесетина минути се стигнува до пештерата. Повторувам, заради специфичноста на самата активност бројот на посетители ќе биде ограничен на дваесет. Секој посетител ќе добие кратко предавање за спелеологија, опрема за кејвинг и престој со професионален водич внатре во пештерата.

Повеќе за Мелничка пештера на следниот линк

Планинското трчање?

– И оваа година планинското трчање е во организација на клубот ТРЕКС и ќе се изведе низ прекрасните ридови на Мариово, а ќе се одржи во саботата.

Планинарењето?

– Оваа година и тука имаме измена. Планинарењето ќе биде во организација на Планинарското друштво „Трансверзалец” и ќе се искачува врвот Панделе (Скрка) на 1344 мнв. Од таму планинарите ќе можат на уживаат во највеличенствената глетка од Мариово. Целата област ќе можат да ја видат како на дланка, заради поставеноста на самиот врв. Ќе го посетат полчишкиот манастир посветен на Светиот великомаченик Пантелејмон. Активноста ќе се изведе во неделата со старт во 9 часот.

Точаци ќе се возат?

– Е тука е можеби најинтересната новина. Закажуваме ноќно возење низ неколку мариовски села, Бешиште, Полчиште, Мелница и Витолиште. Оваа тура ќе биде изведена во петокот со старт во 19 часот. Неколку водичи внимателно ќе ја водат групата, ќе направат неколку предавања за Мариово, ќе раскажат неколку легенди, ќе си направат гезме на едно посебно место и ќе се вратат во кампот. За цело време ќе бидат следени од Месечината која што таа вечер ќе биде во полн сјај. Единствено искуство.

За неделата ќе се возат уште две рути. И двете добро познати МТБ 1 (Бешиште, Градешница, Старавина, Зовиќ и Манастир) и МТБ 2 (Витолиште, Полчиште, Бешиште). Стартот на овие две тури е во 10 часот.

А од културно-уметничкиот живот ќе издвоите…

– Епа тука е најмерачкиот дел. Музиката ќе си почне тивко, лабаво, со домаќинот диџеј Торта, и околу 20 часот, токму околу зајдисонце на сцената ќе се качи чалгискиот оркестар при МРТ со нивниот репертоар составен од македонски староградски песни. Има да ѕвони Мариово. И околу 22 часот музиката ќе си се повлече, а ние ќе си останеме да си уживаме во тишината повремено нарушена од штурците и птиците на дрвјата. Сакаме да се вратиме на изворната причина зошто почнавме да одиме во Мариово.

Опуштено, тивко, лабаво, ќе се понудат повеќе уживателски спортски активности, убаво музиче, скаричка со пивце, салатичка со ракивче. Дружење, убав народ, весели лица, пријатели. Фестивал за своја душа.

Локација, време, завршен збор.

– Оваа година се селиме во манастирот Свети Илија на патот за Витолиште. Значи не сме повеќе на ливадата во село Манастир. Сменивме и термин. Фестивалот ќе се одржи од 12 до 14 мај.

И ги поканувам сите што искрено си го сакаат Мариово и Македонија, сакаат да уживаат во природа, а патем да спортуваат, да повелат и да бидат наши гости.
Влезниците за фестивалот се веќе пуштени во продажба во Пола Југотон (ГТЦ на спрат) и продажните места на kupikartizase.com. Дополнителни информации за сите Мариовољупци на телефон 078/400-047.

Sирнете го видеото од минатата година и се гледаме… 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија