Бугарска вреќа - уникатна функционалност

Бугарска вреќа

Ако сте “заситени” од вообичаените вежби со тегови, ако ви е потребна промена во силовиот тренинг, ако ви фали функционалност, тогаш ова парче опрема ќе биде вистинско освежување кое ќе ви донесе повеќекратна корист.

Бугарската вреќа за прв пат е направена во 2005 година од страна на тренерот по борење Иван Иванов. Идеата за сето ова потекува од неговата матична земја Бугарија. Имено бугарските овчари, имале традиција на такмичења во кои на рамена носеле живи јагниња или овци со што ја докажувале нивната физичка сила и издржливост. Па така тренерот Иванов, заситен од вообичаените тренинзи со слободна тежина и инспириран од традицијата, ја креира првата вреќа која за кратко време го обиколи и освои светот.

Иако оригинално дизајнирана за потребите на олимпискиот борачки тим на САД, каде Иванов бил тренер, денес Бугарската вреќа наоѓа широка примена во сите боречки спортови, во многу воени единици а исто така се почесто наоѓа примена и во пошироката фитнес заедница заради уникатната можност да се работи на горниот или долниот дел од телото изолирано, како и на целото тело.

Бугарската вреќа може да биде изработена од кожа или гума. На неа постојат рачки во страничниот и централниот дел, за да можат да се изведуваат повеќе типови на вежби.Тежината на истата варира од 5 до 40 килограми. Типична тежина со која се стартува е 5 килограми за жени и 8 килограми за мажи.
Вреќата може да се користи на повеќе начини. Како изолирана вежба за специфичен дел од телото или како вежба за целото тело. Удобна е, безбедна и лесна за употреба. Со неа можете да трчате, да правите чучњеви, да замавнувате во страна, преку рамо или преку глава или пак да ја фрлате. Уникатниот дизајн и положба на рачките исто така ќе направи да го подобрите фатот со дланките и силата на подлактицата.

Редовното вежбање со бугарската вреќа има голем број на бенефити за вас и вашето тело, еве некои од нив:
-зголемено фитнес ниво на целото тело
-зголемена цврстина на горниот и долниот дел на телото
-подобар фат со дланките
-сила и моќност
-генерална подвижност на телото
-зголемен аеробен фитнес
-заради динамичноста на вежбите, ќе ја намали можноста за повреди.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија