Првите Македонци на Ултимејт фризби турнир

Фалконс Скопје на Disc of Peace Sofia 2016

Викендот на 08/09 Октомври 2016 во Кокалјане во близина на Софија се одржа Disk of Peace 2016 – Meѓународен турнир во Ултимејт Фризби, на кој учество земаа претставници од 7 екипи од 5 земји (Бугарија, Романија, Германија, Македонија и Грција).

Би сакала со овој текст да им оддадам признание на домаќините Шопски Одред-Софија, кои прославија 5 години постоење и беа одлични организатори на овој настан од огромно значење за нашата мала аматерска група на ентузијасти ФАЛКОНС-Скопје.

Ние сме 10-тина луѓе кои помалку од година дена играме заедно Ултимејт, ретко кога сме биле повеќе од 6 души на тренинг (т.е. на собиранка во некој од парковите низ градот) но го сакаме овој спорт за кој верувам допрва многу ќе се слуша и зборува. Нормално, како и за секоја друга активност, кај нас полесно ќе убедиш странец или непознат отколку некој од нашите сограѓани скептици, па така и ние секогаш имаме по некој интернационалец во екипата, но Maxwell, Helen (за неколку дена и Диего) заминаа од Македонија (секогаш ќе ги паметиме како дел од првата постава на ФАЛКОНИ) и остануваме ние неколку души кој со работни обврски, кој со дете, кој полага на факултет, кој болен…да се пребројуваме на една рака.

Иако така „едвај се собравме” сепак нашите пријатели од Софија ни пружија рака и ни овозможија едно незаборавно искуство. Голема благодарност морам да упатам и до Трент Симонс и неговата организација 10Мillion Disks за поддршката која ја имавме и без кои тешко дека ова гостување ќе беше реализирано.

Се гордеам со моите тимски другари Хелен, Борјан, Дамјан, Мирко и Митко кои и без потребните подготовки, стегнаа заби и на најладниот ден годинава успеаа да истрчаат 5 натпревари од по 1 час. Ја имавме таа чест да пишуваме историја и да се натпрваруваме заедно во иста екипа со уште 6 дечки од Грција т.е. од Ultimate Frisbee Club Athens.

Под кое име се натпреварувавте не’ прашуваат? Name: P E N D I N G (во целата брканица не заборавивме да се нашалиме на сметка на двете наши земји) така се викавме, прв пат се гледавме, бевме 14 луѓе од 7 нации и успеавме да се забавуваме во целиот тој умор и студ, заеднички како екипа.

Секако тоа беше заслуга и на одличната атмосфера која ја правеа тимовите со кои игравме: Bucharest Revolution, Negrești, Аzvarlirea Timisoara, Uncle John’s band и Shopski Otryad, но и овој наш спорт во кој основна цел е добар дух на играта (Spirit of the game).

 Со секој нов натпревар бројот на порази растеше, но игравме се подобро и подобро и последниот 5ти натпревар во првиот натпреварувачки ден за малку не извлековме нерешено со Негрешти-тимот кој утредента го освои турнирот. Имавме и повредени, имавме и уморни, имавме и разочарани но сето тоа исчезнуваше на крајот од секоја игра во The Circle of Spirit. Ви благодарам уште еднаш на сите.

На 9ти утрината игравме натпревар со Револушн за влез во полуфинале, овој пат го сменивме името во Name: S T I L L P E N D I N G но не го сменивме резултатот во наша полза. На крајот Револушн влезе во полуфиналето каде ги победија Шопски. Во другото полуфинале не успеаја да победат Германците. Во финалето се сретнаа двете најдобри романски екипи Револушн и Негрести. Иако Револушн беа фаворити и водеа поголемиот дел од натпреварот, на крај Негрести успеа да израмни и да победи со еден разлика. Наградата за Spirit of the Game сосема заслужено ја понесе Револушн од Букурешт. На следниов линк може да го видите видеото од настанот 

Сите тимови учесници не прашуваа за МАКЕДОНИЈА и изразија желба да дојдат на турнир кај нас. Да се надеваме дека и ние овде ќе пораснеме и ќе може да се гордееме со организација на турнир кој ќе биде масовно посетен. Во Европа, само на Балканот нема Ултимејт федерации. Освен Хрватска и Унгарија кои веќе на големо се натпреваруваат и Романците фаќаат приклучок. Србија за прв пат лани имаше организирана лига од 5 екипи, а во Бугарија Софискиот тим веќе почнува да се бори за високи позиции на турнирите надвор на кои земаат учество. Добро е и ние да бидеме во чекор со другите. Се надевам дека некој од вас кој го читате текстот ќе ни се приклучи и дека иднината на овој спорт ќе стане реалност во Македонија.

Ултимејт е безконтактен тимски спорт со 175гр. летечки диск (фризби) кој се игра низ сите континенти на светот. Од 2015 год е дел од Меѓународната Олимписка Организација и од 2024 год се очекува да биде дел од Олимписките игри. Се игра 7 на 7 на терен со димензии 100м на 37м во категории: Open, Жени и мешано (мин 3 од ист пол на терен). Ова е спорт во простор, каде се избегнува физички контакт, со многу трчање и скокање. Поен се постигнува кога вашиот тим ќе фати диск во end zone која ја напаѓа. Кога сте со диск во рака не смеете да се движите и имате 10 сек да го подададете дискот на ваш соиграч. Секое некомплетно додавање е turnover, при што нападот го превзема другата екипа. Најважните вредности за кои се залага овој спорт се нарекуваат Spirit of the Game (fair play, почитување на правилата, размислување за безбедноста пред се, добра комуникација). Спортот се игра без судии каде сите неправилности се решаваат меѓу играчите, со тоа се очекува голема доза на самоконтрола и самосвесност.

Во нашата држава од лани неколку од средните училишта се вклучија во програмата Let’s learn to Play Together и се надеваме дека наскоро ќе се создадат услови за формирање на клубови, федерација и лига и дека нашите момци и девојки ќе ги гледаме на Европски и Светски првенства а зошто не и на Олимпијади. Со ова ве повикувам сите кои сакате да се обидете, да не исконтактирате или без посебна покана приклучете ни се кога ќе не видите низ парк.