Синдром на „смрзнато” рамо

Смрзнато рамо (frozen shoulder) претставува клинички синдром со нејасна етиологија (не е познат причинителот). Се карактеризира со болки и ограничени движења во рамениот појас. Во голем дел од случаите пациентите се жалат на силна болка особено во текот на ноќта, па дури и дека користат аналгетици за да може да заспијат.

Зглобната чаура е задебелена и со фиброзни промени. На рентген снимка може да се забележи намалена густина на коската поради неактивност. Промените кои настануваат во рамениот зглоб се реверзибилни и во поголем број на случаи настапува опоравување.

Ова заболување најчесто се јавува после петтата односно шестата декада на животот, но почетокот може да биде во било која доба.
Постои примарен и секундарен синдром на смрзнато рамо. Примарниот се развива без позната причина и не може да се поврзе со ниедно друго познато заболување, додека секундарниот е често пропратен со други заболувања: дијабетес, мозочен удар со одземеност на екстремитетите, трауми, вратна спондилоза и сл.
Самата состојба поминува низ три фази и тоа:

 

– Фаза на замрзнување ( 0 – 8 недела)
– Замрзната фаза (8 – 16 недела)
– Фаза на одмрзнување ( над 4 месеци)

ФИЗИОТЕРАПИЈАТА е основна терапија за враќање на функциите на рамото кај ова заболување,таа има за цел да ја намали болката и да го зголеми обемот на движење. Примената на медикаментозна терапија, е само помошно средство, во процесот на опоравување.

Во првата фаза на смрзнато рамо се применуваат вежби со умерено темпо со истегнување до граница на болка за да се зачуваат движењата, дополнително се применува криотерапија (терапија со мраз) пред и по изведување на вежбите.Во третмано може да се комбинира и со електротерапија – ултразвук, TENS – транскутана електронервна стимулација, апликација на кинезиотејпинг ленти и ласеротерапија за да се намали болката, а исто и отокот.

Во втората фаза на смрзнато рамо се задава акцент на вежби и истегнување на рамениот појас онаму каде што движењата се најмали. Во оваа фаза се инсистира да се одржи силата и колку што е можно повеќе да се врати мобилноста во рамото. Се препорачува да се аплицираат кинезиотејпинг ленти.
Терапевтот во оваа фаза работи активно – потпомогнати вежби кај оние движења кај кои пациентот се штеди најмногу.

 

Третата фаза е онаа фаза каде што веќе започнуваат да се враќаат движењата во рамото.
Во оваа фаза се изведуваат “по агресивни” вежби но сепак до граница на болка за да се достигне целиот обем на движење.
Се изведуваат вежби за јакнење на мускулатурата на рамениот појас која што е ослабната поради недоволната активност.
Препопрачливо во оваа фаза е да се изведуваат вежби со двете раце за да нема дисбаланс.

Многу е важно третманот да го спроведе квалификуван физиотерапевт, за да може пациентот да добие соодветна терапија.

Никодин Велјаноски
Спец. Физиотерапевт
[email protected]
http://fizioterapevt.org.mk