Мотивација за сите вас од „Луѓе како нас”

Во одлична атмосфера и дружење оваа среда на 4 мај во киното Фросина, МКЦ беше одржано третото издание на фестивалот за филмови поврзани со планинското трчање „Луѓе како нас” 2016. 

Во организација на TREX, ПСД Макпетрол и Крали Марко Треилс трета година по ред се одржува филмскиот фестивал „Луѓе како нас” кој има за цел да го прикаже и доближи планинското трчање како една од најинтересните спортски суб-култури на трчањето, воедно и спорт кој е во голем подем во последните години во светски и домашни рамки. 

Низ четиричасовната програма беа прикажани два кратки филмови – The Indigenous Choice и прмотивното видео за трката Далмација Ултра Треил, трка која ќе се одржи оваа есен во регионот на Сплит и Омиш. Потоа беа прикажани два среднометражни филмови – Curiosity UTMB и For the Animals – Fiona Oaks, a како последен филм беше прикажан долгометражниот 100 Head, Heart, Feet. 

Во дел од програмата кратко обраќање имаше и Игор Јовановски, еден од организаторите на фестивалот кој се заблагодари за сите важни настани, клубови и организации во нашата држава кои играат улога во креирањето и ширењето на овој спорт како што се – Скопскиот Маратон, Момата Рок Треил, Прв до Врв, Шарпланинскиот Скајрејс, прилепскиот Крали Марко Треилс и Струмина Треил во Штип.

Традиционално секоја година, фестивалот одвојува време за дискусија со некој гостин од сферата на планинското и ултрамаратонското трчање, а оваа година присутните имаа чест да ја слушнат инспирационата и мотивациона приказна на македонскиот атлетичар и ултрамаратонец од Велес – Зоран Димов кој веќе неколку години е во борба за опоравување и враќање на трчањето од сообраќајна незгода која му нанесе сериозна повреда на левата потколеница. Покрај Зоран, соговорник беше и Светлана Стојаноска-Ивановска која е првата жена која во 2014 го има истрчано Ултра Треил ду Мон Блан – 170км. со 9800 метри висинска разлика. 

Организацијата на фестивалот би сакала да се заблагодари на сите присутни како и на ЕХО – филмскиот фестивал и Младинскиот Културен Центар за логистичката поддршка кои беа екстремно важни за одржување на оваа традиција и за развивање на овој спорт во нашата држава.