Боречките спортови прав избор за вашето дете

Независно дали ќе одберете карате, џудо, реален аикидо, теквендо секако нема да погрешите.

Како што одминуваат годините полека, но сигурно познатите игри како криенка, ластик, народна, сервис кои се играа на улица, во маало или пред зграда заминуваат во заборав. За жал се помалку деца денес можат да се видат како уживаат во своето безгрижно детство онаму каде што и треба да се. Заедно со своите другарчиња во парковите или пред зградите.

Урбанизацијата ги избриша речиси сите места каде децата можеа да ги играат своите игри. Парковите ги снема, полјаните се претворија во градежни парцели, а улиците се преполнија со автомобили. Познатите игри од нашето детство новите генерации ги заменија со виртуелни компјутерски игри. Наместо криенка се игра angry birds, наместо сервис клинците висат на фејсбук, наместо ластик клинките гледаат серии на тв.

Родителите се во дилема, како да ги поттикнат своите деца на поголема физичка активност? Одговорот е едноставен. Ако повеќе нема игри на улица или во маало едиствениот избор е вашите деца да ги запишете на некој спорт. Но, кој е најсоодветниот, особено ако децата се се уште мали и имаат пет или повеќе години и никогаш до сега не практикувале некој спорт?

Изборот на спортски клубови во Македонија е голем, каде и да ги однесете нема да погрешите. Сепак, една препорака е децата да се обидат со боречки спортови и вештини. Како ниеден друг спорт, боречките вештини освен физичката активност кај децата го потикнуваат и менталниот и емоционалнот развој.

Децата се учат на дисциплина, почитување, кај нив се стимулира храброста, се потикнува самодовербата, им се развива вниманието и концентрацијата. Во една реченица се што им треба на децата во оној најзначаен период од нивниот раст и развој.

Независно дали ќе одберете карате, џудо, реален аикидо, теквендо секако нема да погрешите. Она што е особено важно пред изборот на клуб е да ја разгледате програмата и да се консултирате со тренерот од колку години е оптималната возраст за старт. Најдобро е вашето дете да вежба во специјализирана група со дечиња од негова возраст. Затоа не бидете срамежливи, распрашајте се наоколку, бидете упорни и побарајте повеќе детали за самиот спорт или вештина и секако во соработка со тренерот кој е должен да ви објасни се што ве интересира да го направите правиот избор.

Со малку упорност и трпение само по неколку месеци кај вашето дете верувајте ќе забележите драстични промени. Ќе се изненадите од неговата дисциплина на тренинг, од неговата подобрена физичка моторика и кординација, а најмногу ќе ве изненади самиот емоционален резвој. Детето ќе стане свесно за својата сила и за умешност во изведувањето на зададените вежби, ќе научи да ги почитува другите околу себе и ќе сфати дека со упорност може се да се постигне.