Циронки во доматен сос

Начекавме на пазарче малку од вкусот на Преспанскиот регион и проблемот “ручек” беше решен за тој ден. Циронките се всушност сушени белвици, конзервирани со сол, а вкусот е уникатен и прекрасен.

Традиционално преспанските домаќинки подготовката ја започнуваат уште додека рибата е свежа. Белвиците убаво се мијат и се посолуваат со многу сол. Треба да побелат од солта. Така се оставаат една недела. Рибите сами ќе пуштат водичка, а се става коприва и се покриваат за да се заштитат од бубачки и животинки. По една недела рибите се нижат со игла и конец како пиперки и се оставаат неколку дена на сонце. Така се прават циронки и може да траат цела зима, а обично на пазар се купуваат веќе исушени, во низ.

 
  • 1/2 низа циронки (10тина парчиња)
  • 1 литар салца
  • 2 главици кромид
  • 4-5 чешниња лук
  • маслиново масло
  • китка магдонос
 

1. Циронките се ставаат во подлабок сад, се потопуваат со врела вода 2-3 минути. Постапката се повторува неколку пати за да се отсолат и да омекнат.

2. На загреано масло се пропржуваат ситно сецкани кромид и лук, па се налева доматниот сок. Се додаваат и циронките и на тивко се крчка.

3.На крај се додава и магдоносот.