Посета на најреволуционерниот крај во македонија
ТУР ДЕ МИР ХИСАР
Ама нели ќе го возев оној туринг предизвик „Низ пајонските земји” што го возевме минатата година со Томе. И во последен момент ми светна наместо да одам Источна Македонија, да возам нешто во Западна.
Минатата недела, после Галичица, ни текна да се враќаме преку Демир Хисар и така ми дојде идеја да возам во тој крај. Потоа решив да ги посетам сите села во таа општина до кајшто има асфалт. Има вкупно 41 населено место, вклучувајќи го и градот, ама асфалт има до 37. Останатите четири друг пат ќе ги видам. И почнав да се спремам. Два дена читав за регионот, за селата, што има интересно да се види, цртав мапи на бајкмап. И нормално на страната на МЖ си гледав сатница кога тргнува возот за Кичево. Тој утринскиот.
И дојде средата, одам на железничка да вадам карта и ми викаат возот укинат. „Како бе укинат” – велам – „па на интернет стои.” И жената ми вика: „А, укинат е. На интернет само така стои.” Ок, нема проблем. И ми текна да одам со комбе. Извадив карта. Ме товари дечкото и ме симна во Кичево.
И тргнав. Прва станица Лукоил на излез од Кичево. Се пресоблеков и продолжив да возам. Времето беше матно. Цела недела прогнозата беше дека ќе врне, ама јас не му верував. Така ми одговараше. Скршнав лево за Демир Хисар. Селата се редеа лево и десно од патот. Ама не влегов во ниедно. Се чував за селата во Општина Демир Хисар. Тоа беше целта на предизвикот. Почна угорницата и почна да врне. Тоа врне ситно, јас си викам ајде ништо не е. Море кога засили дождот. Среќа имав километар до Велмевци, првото село што требаше да го посетам. Додека стигнав до првата куќа утоп се сторив, ама одма се пресоблеков. Се сокрив под чардакот на една стара куќа. Дремам така. Туку сум заспал. Па ме разбудија капки. Чардакот пропуштил. Капело врз бисаѓите. Кога и да врне целта ми е само вреќата и шаторот да се суви за да имам каде да легнам вечер. Вреќата од дома ми беше ставена во голема најлонска вреќа, а шаторот и така не пропушта. Дождот престана, и веќе ми се скрши филмот за тоа село. Не влегов понатаму.
Се вратив на регионалниот пат и почнаа да се редат селата. Следно беше Големо Илино на 5.5 км од регионалниот пат. Таму начекав пазар и десетина жители. Следно, добропознатото Железнец. Пак дожд и пак се криев под чардак. После доаѓа Мало Илино на 5 км од главниот пат. Стрмна угорница да се стигне до делото. Начекав еден човек со магаре. Што бараш тука, ме прашува. Е, ај како да му објаснам што правам? Може да има уште жители. Се симнав на патот и по некое време пак дожд. Се криев во црквата кај село Доленци. Тука свртев лево и се упатив кон село Брезово. Она село од песната. Врти врти и кога се отвори една глетка пред мене. Убавина. Немам зборови. Селото веднаш ми заличи на мијачкине села. Марио после ми потврди дека и тоа село било мијачко. На излезот од селото ме фати најголемиот дожд. Среќа се скрив под една варница. Тоа се оние бункери во кои се пече варта. Тука ги имаше многу.
Продолжив да возам нагоре. Море едни угорници, серпентини, врти, врти и оп село Зашле на 11 км од регионалниот пат. Кој ли се доселил тука и зошто? Селото се наоѓа на 1300 метри надморска височина. Прекрасно нешто. Мора да се посети повторно во блиска иднина и тоа со кола и повеќе луѓе. Поседов малку и тргнав надолу. На враќање поминував низ Брезово и го начекав бакалот којшто воедно беше и претседател на месната заедница. Интересни работи ми кажа. Ми раскажа за луѓето, за селската слава, приказната за Јордан Пиперката како го фрлил ќумбето полно со куршуми низ прозор и така успел да им избега на Турците. Пиев едно сокче и се спуштив надолу.
Регионалниот пат постојано оди по течението на Црна Река. Затоа и беше добро што го обрав Кичево за почеток на турата. Имав благ спуст после секое стрмно искачување. Целта ми беше да се движам по главниот пат и да скршнувам по споредните патчиња кои водат до селата. По некое време на главниот пат дојде скршнувањето за Бабино. Едно од поубавите и посодржајни села во регионот. Проаѓајќи низ него стигнав до Базерник на 4.7 км од патот. Стојам на влезот од селото и од таму ми доаѓа магла. Од маглата почнаа да се појавуваат фигури на луѓе. Еј, многу јака сцена.
Веќе ме стемнуваше и побрзав да се симнам. Сакав да вечерам во рибникот и да спијам тука на игралиштето ама си реков да повозам уште малку додека е ден. Така стигнав до Слоештица кое се наоѓа на 3 километри од регионалниот пат. Родното село и сега почивалиште на големиот Петре М. Андреевски. Стигнав до селото, купив нешто за јадење (салама, сирење, павлака и леб) и си се сместив за спиење. Се ми беше водено или натопено. Но шаторот и вреќата за среќа останале суви. Пуштив шатор, вечерав, облеков нешто на мене и влегов во вреќа. Оставив на мене да се сушат. Вечерта повремено ме фаќаше некоја треска, дали од водените алишта или од исцрпеност.
Утрото се разбудив околу 6. Многу густа магла и роса. Чекав до 8 часот да го исушам шаторот за да можам да го соберам. Сонцето веќе беше високо и тргнав на пат. Прво село ми беше Мренога. Чудно име. Мислев нема да најдам никого. Така сликајќи на средсело ми пријде еден човек со стап во рака. Ама мајтапчија. Тоа беше дедо Флорин валавничарот. Според неговите кажувања тој е последниот валавничар во цела Македонија. Валал ткаенини од неговата 15та до 75та година и го знаат од Горна Река преку Жупа и Дебарца, цело Мариово, Азот и Порече се до Полошките села. Од што бил мал по раст и слаб, војска не го земале и касно се оженил. Висок е околу метро и пол ама се качува на коњот без помош, без скали. Со него пиевме некоја ракија во дворот на Мите. Се собраа и некои други комшии. Ама морав да одам. Тука ми кажаа дека нема да можам да одам до село Боиште бидејќи нема асфалт и има многу кал од вчерашниот дожд. Ама можев да стигнам до село Вирово. Го знаете селото по најдобриот јаглен во Македонија. Всушност низ целиот регион имаше дим од местата за производство на јаглен. Но сепак, најубавиот доаѓал од Смилево. Смилевскиот јаглен свирел по пат додека го носиш до купувачот.
Повторно се вратив на главниот пат и свртев за Жван. Селото беше прилично живо бидејќи има многу повратници, туристи. Потоа продолжив за Сопотница. Селото било гигант на времето. Додека работел рудникот во селото се врткале и до 3000 жители. Сега има околу 1000 со негативен тренд. Се подружив со неколку дечиња и тргнав за село Суво Грло. Требаше и Радово да одам ама немаше пат. Од тука се менува конфигурацијата на теренот. По горното течение Црна Река тече во клисура. Нема широко поле. Но овде полето се проширува, и автоматски се менува архитектурата, повеќе жители има и различни занимања. Се исклучив од главниот пат и влегов во село Прибилци. Она познато село од песната. Селото кајшто бил мудурот или управникот на областа. Значи селото било значајно во османскиот париод. Потоа се редеа селата Ново село, Ракитница со славната Ракитничка битка, па Растојца и конечно село Кочишта. Селото ми изгледаше живо, но човек не видов. Тука поседов на чешма. Се оладив и тргнав надоле. Долг спуст до патот. Потоа лево доаѓа село Сладуево, па Слепче на 4.8 км и се вратив назад и правев пауза на Црна Река кај мостот. Ручек и освежување и мала дремка.
Кога поднамали сонцето продолжив во првец на Демир Хисар. Го поминав село Белче и свртев лево за Граиште. Тука свртува и Црна Река и се упатува кон Пелагонија. Потоа следуваа селата Вардино, Бараково, Единаковци и Света. Тука си поседов малку во црквата и по некое време ми се придружи батко Љубе. Нема нешто подобро од муабет со локално население. Не знам само зошто не ги снимам. Многу интересни приказни ми кажа, вклучувајќи ја и легендата за името на селото. Имаено, селото порано било од спротивната страна, на планината Древеник. Но на местото каде сега се наоѓа селото постојано имало светулки. И селаните викале: „Ене ги пак света(Т)”. И света, света, дошло името Света. Името е глаголот свети во трето лице множина изговорено на локален дијалект. Тука ме фати најголема криза на целиот пат. Цело време одев горе-доле и тоа ме исцртпи. Па и комбинацијата со силното сонце ме докусири.
Следуваше славното село Слепче кое минатата година одбележа 1000 години постоење. Неговото основање се совпаѓа со настанот на пристигнување на ослепените самоилови војници од струмичко Водоча. Поседов малку и тргнав накај Демир Хисар. Морам да кажам дека на патот видов триесетина велосипедисти коишто си возеа рекреативно со залезот на сонцето. Заклучив дека тука има голем потенцијал за организирање на некаков настан како би се поддржале тие луѓе и би се охрабриле и други да им се придружат во тие попладневни провозувања. Реков да се частам една вечера во ресторанот Чичко Таљо. Постојано ми приоѓаа луѓе од градот. Што одиш, од кај одиш, кај ќе спиеш? Не знам зошто, ама никогаш не им ја кажувам точната локација за преноќување. Вечерта ги посетив уште селата Суводол и Кутретино и тука поставив шатор, на 2 километри над селото.
Утрото се разбудив во 5. Прекрасен поглед на котлината. Јас бев на повисоко и се гледаше цело демирхисарско поле во утринска магла. Се симнав на патот и тргнав кон село Стругово. Беше многу рано и немаше луѓе. Па дојде село Загориче, па село Утово, Обедник и за крај едно и единствено село-херој Смилево. Веднаш отидов до Спомен домот на Смилевскиот конгрес. Се поклонив на Илинденците и Даме Груев, си седнав пред продавничката на средсело. Многу убав муабет со селаните.
Овие луѓе сеуште живо раскажуваат за илинденскиот период. Нивните предци биле дел од Смилевскиот конгрес, биле јатаци на комитите, биле дел од четите на славните војводи. Милина е да се зборува со нив. И најголемата гордост на смилевците е да кажат дека тие се единственото Мијачко село во демирхисарско, опколени со брсјачки села. Значи сите села во околината се Брсјаци, освен тие Мијаци. Ама кога им кажав дека и Брезово имало нешто Мијаци, очи ќе ми извадеја. Ми открија и дел од нивниот таен јазик. Никој не го разбирал јазикот на Мијачките ѕидари. И сеуште тајно си го чуваат.
По истиот пат се вратив назад и се упатив кон Битола. Прво има мала угорница, па мала удолница накај Кукуречани. За некое време стигнав Битола на станица. Се качив на воз и тргнавме.
Турата низ бројки: за 48 часа (од среда во 10.30, до петок во 11 часот) поминав 260 километри, искачив 3600 метри висина, посетив 36 села и еден град. Запознав многу прекрасни луѓе на коишто им ветив дека повторно ќе дојдам, но тогаш со повеќе пријатели. Тој крај дефинитивно заслужува да се посетува.
И секогаш ме прашуваа „ама зошто возиш сам”. Па сите се на работа, никој не е слободен. Јас сум на распуст и ми се може. Но сепак, и одбирам да одам сам.
П.с. го искинав Пепи Бафтировски на вокменот. Цел пат го слушав. А кога не го слушав, го потпевнував.
Мапа од регионот каде возев