Одржување на планинарската опрема

Правилното одржување на вашата планинарска опрема, ќе го зголеми нејзиниот животен век. Прочитајте ги овие неколку совети за тоа како да ја одржувате вашата планинарска опрема.

Како да ги одржуваме нашите планинарски обувки:

– После секое планинарење обувките треба да се исчеткаат, бидејќи доколку не ги исчеткаме, прашината која се наоѓа на нив со секое движење ќе навлага се повеќе во мембраната, и ќе ја намали нејзината дишливост и водоотпорност. Доколку има кал, отстранете ја со мокра крпа, бидејќи со самото сушење, калта ја впива и одзема влагата од кожата на обувката, со што ја прави крута и подложна на оштетување.

– Извадете ја влошката од обувките, со што ќе им овозможите полесно и побрзо сушење. За побрзо сушење препорачуваме да вметнете неколку страни од весник, кои брзо ќе ја впијат влагата.

– Не ги изложувајте на извор на топлина, секогаш сушете ги на собна температура.
– Доколку после одреден период на носење, обувките почнат да пропуштаат вода, тогаш темелно исчистете ги, оставете ги да се исушат и импрегнирајте ги со спреј за импрегнација.

– НИКОГАШ не користете сапун, обични детергенти за текстил или омекнувачи, тие ќе го скратат животот на мембраната. Користете специјални детергенти за обувки со водоотпорна мембрана и никогаш немојте да ги перете машински со топла вода. 

– Доколку на вашите обувки се појави мувла, истријте ги и измијте ги со раствор од 80% вода и 20% оцет.

Додека планинарските обувки се нови:

– Новите планинарски обувки секогаш се одржуваат според препораката на произведувачот.
– Водоотпорните обувки, се додека не почнат да пропуштаат вода, немојте да ги третирате со спреј за импрегнација, тие се веќе фабрички третирани, па дополнителното прскање ќе ја намали дишливоста на обувките.

Одржување на облека, со или без мембрана.

-Доколку вашата јакна или панталони имаат водоотпорна мембрана, се препорачува рачно перење со ладна до млака вода. Немојте да користите обични детергенти, а строго забрането е користење на омекнувачи. Тие ќе ги затнат порите на самата мембрана, а тоа ќе доведе до намалување на дишливоста, уништување на мембраната и губење на водоотпорноста. СЕКОГАШ, сушете ги на собна температура, подалеку од извор на топлина.

– За панталоните и јакните кои не се водоотпорни, но се водо-одбивни(repellent), препорачуваме рачно перење, во ладна до млака вода, никогаш врела, со специјални детергенти, кои не само што нема да ја намалат водо-одбивноста и дишливоста, туку ќе ја подобрат водо-одбивноста, така што со самото перење автоматски се нанесува водо-одбивен слој. Ова важи и за јакните кои се полнети со природен пердув. Сушење на собна температура, никако машински.

– Кога сакате да ги перете вашите флисови, секогаш перете ги од обратната страна.

– Маиците кои се со заштитен фактор, перете ги рачно во ладна до млака вода.

– Вреќите за спиење перете ги рачно, со специјален детергент за перење на облека која е наполнета со природен пердув, кој нема да ја намали дишливоста, особено ако се полнети со природни пердуви. За сушење, никогаш немојте да употребувате машински сушари.

 Продолжете го животот на вашата опрема, бидејќи таа го продолжува вашиот! 😀