ЗАВЗЕМИ ОДБРАНБЕН СТАВ! СПРЕМНИ?! ПОЧНИ!!

Заврши мечувалскиот турнир “СОЛИДАРНОСТ 2015”

Изминатиов викенд на теренот на спортскиот центар Форца, се одржа 49-от меѓународен турнир во мечување Солидарност 2015 во организација на Мечувалечкиот клуб Работнички-Скопје.

 

Првиот натпреварувачки ден, во саботата се натпреваруваа девојчиња и момчиња во категориите пионери (под 12 години и под 14 години) и кадети (под 17 години). Неделата беше резервирана за сениорите во женска и машка конкуренција дисциплина меч (инаку, мечувањето е спорт со три дисциплини: меч, флорет и сабја). Овој турнир има голема традиција и прв пат е одржан хуманитарно за жртвите во големиот земјотрес 1963 год. Секогаш бил посетуван од голем број мечувалци од соседните земји и регионот.

Оваа година учество земаа над 40 сениори во двете конкуренции и нешто помалку пионери и кадети. На турнирот гостуваа клубови од Бугарија, Грција, Кипар, Романија, Србија и три клуба од Македонија. Честитки до мечувалскиот клуб Софија кој е најуспешен клуб на овогодинешниот турнир со освојување на највисокото одличје во женска и машка сениорска конкуренција.

Кај дамите најдобра беше Марија Цачева (БУГ) по финалната борба со Фани Варвери од Грција. Претставнички од Македонија на турнирот беа Настасја Ристоска, Јелица Божин, Андријана Колевска и Милица Ристовска. Бугаринот Иван Зафиров во финалето успеа да го совлада мотивираниот македонец Димитар Петровски, а уште еден медал за Македонија освои Марко Исајловски кој третото место го подели со грчкиот претставник. Кај мажите имаше очекувано повеќе наши претставници: Томи Александровски, Марјан Александровски, Александар Анастасов, Марко Божинов, Давид Илиески, Филип Јовановски, Сашо Ристоски, Андреј Стојковски, Илија Трбогазов и Војдан Чадо-Тодоровски. Во помладите конкуренции со медал се закити Уна Куциноска.

Ова докажува дека мечувањето, кој е спорт со подолга традиција кај нас, има потенцијал и квалитет и за поголеми дострели, меѓутоа со никакви предвидени финансии или друг вид на поддршка од домашните институции, со немање на мечувалска сала, натпреварувачите се оставени сами на себе доколку сакаат да се подготвуваат или учествуваат и борат рамо до рамо со своите врсници или противници/чки од другите земји.

На пример, на тековните Европски игри во Баку (натпреварите во мечување ќе се одржат од 23ти до 27ми јуни) учество ќе земат над 200 мечувалци/ки во 3те дисциплини поединечно и екипно, а наши натпреварувачи воопшто не беа испратени на квалификации. Ги повикувам сите кои се заинтересирани за овој спорт нека ги погледнат стримовите од овие натпревари и нека ни се приклучат во овој џентлменски спорт познат како спорт кој е физичка манифестација на шахот, спорт кој бил застапен од првите олимписки игри, спорт кој заедно со тенисот бил прв во кој им било дозволено и на жените да се натпреваруваат, спорт кој е активен и на параолимписките игри, спорт кој не познава полови и старосни освен его бариери. Touché, Pussy Cat!