Нов светски рекорд во садење дрвца

Четириесет и пет илјади граѓани од Еквадор пред две недели излегоа, посадија дрвца и срушија многу позитивен рекорд – Гинисовиот рекорд за садење најмногу дрвца во еден ден. Машала ден на дрвото.

Еквадорскиот „Ел президенте”, Рафаел Кореа, официјално ја објави бројката од 647.250 нови посадени дрвца во акцијата за садење која се одржа на 16ти мај низ целата држава. Освен добрата бројка на дрвца, акцијата е уникатна и поради различните видови кои се посадија, повеќе од 200 различни видови флора на 150 различни места во државата, со што успеаа да го срушат гинисовиот рекорд.

Акцијата доаѓа како дел од деценискиот план на државата да ја намали дефорестацијата во државата и светот со заштита на сè повеќе природни површини и одржувања на вакви контра офанзиви за садење нови дрвца.

  • „Сакаме овој рекорд да се руши секој месец, со што цела планета за брзо време би била полна со дрвја, кои ни требаат повеќе од било кога.” – волонтер во акцијата.

Кога се работи за рекордите во садењето дрвја, Филипините го држат рекордот за најмногу посадени дрвја за еден час, 3.2 милиони стебла посадени во минатиот септември како дел од националната акција за садење дрвја.

Дали ние би можеле некогаш да ги подобриме овие рекорди за денот на дрвото?