АванТУРНО во Април

Одлучивме да ја пуштиме јужната страна со оглед на неверојатно убавата структура на снегот. По неколку вртења направивме скршнување во десно и влез во еден прекрасен долг кулоар со неверојатно квалитетен снег.

Снежната сезона годинава е несомнено неверојатна и различна од изминативе години. Иако и претходните сезони одевме турно и скијавме во април па дури и мај поради некој ненадеен снежен бран, вака зачестени врнежи од снег и волку дебела снежна покривка која континуирано ги прелива планините, одамна немало. Секое утро изминативе недели, а неретко и на заједисонце погледот кон Шара, Јакупица, Караџица го одзема здивот – кон запад Љуботен сиот во болскот – доминантен, но префинет и елегантен, Кобилица сета остра, дефинирана, вџашувачи убава, секогаш од различни агли ѕирка и шеретски се насмевнува со својот пикантно остар врв, кон југ Солунска Глава далечна но толку присутна и голема одекнува со својата магија, кон север Скопска Црна Гора нежно ткае филиграни по небото.

Април годинава е чудесен. Од неколкуте интензивни врнежи кон крајот на март во комбинација со пред Велигденскиот снежен бран, Шара е сета во болскот. И така, малку пред тој Велигденски бран, поточно на 2и април кога некако луѓето календарски се темпираат дека нема веќе зимо и дека по некои општествени норми треба се друго да се прави, ама не снег да се бара, ние неколкумината ентузијасти одлучивме да делуваме според реалната состојба. А таа беше метри снег и преубава прогноза. И така и би. Четврток, 2и април Методи Чилиманов, Тони Зен, Горјан Кавраков, Илина Арсова и јас, Маја Мухиќ си дојдовме на Попова Шапка, тој гравитационен центар на Шарскиот масив со секогаш семоќната Церипашина. Ништо радикално немавме на мени, Церипашина сме ја оделе турно повеќе пати, но сега екипата збрана, сонцето, новиот снег, бит боксот на Тони и фактот што бевме сами на планината на 2и Април го додаде магичниот космички зачин на приказната.

Од Шапка тргнавме околу 11.30 наутро, јас со сплит борд, Тони, Мето, Илина со турно скии (Илина со телемарк), а Горјан со бордот на ранец (кај и да е и тој ќе мора да купи сплит борд ако сака почесто да не дружи на вакви ескепади). Се качивме на врв на жичарата околу 1 часот попладне. Имавме сесија луди вежби со склекови додека некој одозгора не притиска, нешто што наликуваше на сумо борба помеѓу Илина и Мето, прогласување на победник и конечно упатувње кон Антените над Церипашина. Наскоро со турно скии стигнаа и Данко и Димуш, наши драги пријатели, пасионари скијачи.

Одлучивме да ја пуштиме јужната страна со оглед на неверојатно убавата структура на снегот. По неколку вртења направивме скршнување во десно и влез во еден прекрасен долг кулоар со неверојатно квалитетен снег. Преубави линии а потоа влез во каналот кој оди до патот на Шарски Води. Мето си извозе своја линија, погоре над каналот, така фаќајќи убави кадри од нашата екипа подолу.

И ете така, преубав ден, преубава аванТУРНА тура. Екипата Мето, Тони Зен, Горјан и јас направивме уште неколку вакви последователни тури, меѓу кои и една фантастична на северната страна на Казани и тоа на 11ти Април 2015. Снег има уште многу. Сите пасионирани скијачи и бордери, ранците на грб, крзната под скии и патот под нозе. Има уше многу преубави линии и сезона која се чини ке потрае уште неколку недели. Уживајте во секвенците од нашето второ-априлоско АванТурирање. 🙂

текст на Маја Мухич