Интервју со Д-р Горан Видоевски – рамни стапала

За да добиеме стручно мислење на темата рамни стапала или plani pedes, се обративме кај ортопедот Д-р Горан Видоевски за да ни ја разјасни оваа состојба што не е болест, но сепак бара соодветен третман и навики за правилен развој на стапалата. 

1. Зошто се појавуваат рамните стапала? Дали станува збор за наследна форма на стапалото или пак нешто што се здобива со тек на времето?

Скоро сите здрави бебиња се раѓаат со рамни стапала. Внатрешниот лак на стапалата, или поедноставно – лакот на стапалата се развива комплетно дури до крајот на првата декада од животот. Кај околу 20% од децата лакот од разни причини што ќе ги спомнеме подолу во текстот не се развива. Овие деца подоцна стануваат возрасни со рамни стапала. Рамните стапала често се наследни, но не секогаш. Постојат и етнични разлики, на пример, кај повеќето црни раси стапалата се природно рамни.

2. Што се рамни стапала?
Рамни стапала е термин воведен кај варијациите на нормалниот облик на стапалата каде надолжниот лак е намален, така да при стоеwе внатрешниот дел од стапалата е поблиско до подлогата или ја допира подлогата.

3. Дали има некои статистички податоци за тоа кај колку луѓе се јавуваат?
Повеќето рамни стапала не се патолошки. Околу 20% од возрасните имаат рамни стапала без да имаат некои посебни проблеми.

4. Дали може да се спречи појавата на рамните стапала? Ако може како да се стори тоа?
Како што веќе е споменато, скоро сите бебиња се раѓаат со рамни стапала. Со самиот раст и развој на детето до крајот на првата декада од животот рамните стапала се губат кај околу 80% од децата. За овој правилен развој потребни се неколку предуслови. Прво, децата треба да проодуваат БОСИ, а не со чевли. За да не им е ладно на нозете треба да се заштитат со чорапи или калчунки. Чевли на децата им се обуваат кога ќе започнат да чекорат надвор на места каде треба да се заштитат од надворешните влијанија (ладно, влажно) или од повреди (убоди и пресекување). Дури и откога детето ќе трча стабилно наоколу, пожелно е секаде каде сме сигурни дека нема да се повреди да се пушта босо. Бебињата ги прават првите самостојни чекорења (со држење) околу 9 месечна возраст. Тоа го прават најчесто на прсти, а кога газат на целото стапало, стапалата се ротираат со прстите према надвор, а скокалните зглобови се спуштаат навнатре. Колку и да изгледаат овие работи невообичаени за возрасните, кај децата до три годишна возраст тоа не само што е нормално, туку и е потребно за правилниот развој на стапалата и за исправање на закривените подколеници кои ги имаат сите бебиња кога ќе се родат поради нивната положба во матката.

Освен тоа децата имаат полабави зглобови од возрасните, што претставува природна заштита од повреди, а со самиот раст и развој таа лабавост се губи. Затоа овие рамни стапала кај децата до 10 годишна возраст не се патолошки и се нарекуваат флексибилни рамни стапала. Откога децата ќе започнат да одат релативно стабилно и послободно да се движат надвор потребно е обувките (чевли, сандали или патики) да се меки, лесни, еластични, со мало или никакво перниче во внатрешноста на обувката, а скокалниот зглоб да е слободно подвижен. За формирање на стапалото најважен е еден мускул на подколеницата кој се вика musculus tibialis posterior, а тој се зајакнува со одењето на прсти и по нерамни површини, како што е песок, земја, трева и слично. Веќе од тригодишна возраст децата започнуваат да одат како возрасните (пета-прсти), но нивната активност се зголемува и тие започнуваат да скокаат и да доскокнуваат на прсти со што уште повеќе се зајакнува мускулатурата на подколениците, а постепено се губи и лабавоста на зглобовите. Во школската возраст децата започнуваат и со спортски активности. Сето горенаведено е превенција од остануваwе на рамните стапала. Сепак во околу 20% од децата истите остануваат рамни и во возрасниот период од животот и обично не предизвикуваат никакви проблеми и не ги ограничуваат активностите. Интересен е податокот дека и кај врвните спортисти процентот на рамни стапала е околу 20%.

5. Кога и како се поставува дијагнозата “рамни стапала”?
Дијагнозата се поставува уште при првиот преглед на бебето од страна на ортопедот во случај да се работи за патолошки или ригиден тип на рамно стапало. Подоцна кога детето стои и оди самостално едноставен тест за тоа дали детето има патолошки рамни стапале е подигнувањето на прсти. Ако при подигнувањето на прсти се покаже сводот на стапалото, таквото стапало е нормално со флексибилен тип на рамно стапало. Плантограмите, или отисок на стапалата денеска се прави дури во школската возраст и е потребно за одредување на методот на лекување.

6. Дали постојат различни типови на рамни стапала? Ако постојат какви се типови има и може ли да ни дадете краток опис на секој од нив?
Постојат два типа на рамни стапала – флексибилен и ригиден тип. Флексибилниот тип е нормален и веќе го опишав. Ригидните рамни стапала може да бидат поради коскени проблеми или поради пореметување во меките структури на стапалото. Од коскените пореметуваwа најчести се т.н. тарзалните коалиции или вродена нераздвоеност на коските на стапалото, како и присуство на акцесорната (дополнителната) тарзална навикуларна коска или ос tibiale externum. И двете форми се конгенитални и настануваат интраутерино и се присутни при раѓање на бебето. Од пореметувањата на меките структури најчеста е затегната Ахилова тетива. Дијагнозата на овие стапала се поставува со клиничкиот преглед и со рентген. Постојат и стекнати рамни стапала кои се јавуваат подоцна во животот, а како последица на пореметувања на мускулите и лигаментите на стапалото. Такви се статичките, травматските, паралитичните и инфламаторните рамни стапала кои настануваат од премногу оптоварување на стапалата, повреди, заболувања на нервниот и мускулниот систем или поради воспаленија на зглобовите и лигаментите на стапалата.

7. Кои се потешкотии може да ги има детето или човек со рамни стапала? Кои се активностите кои на човекот со рамни стапала му се тешки, а на “нормалниот” човек му се полесни?
Додека флексибилните рамни стапала не предизвикуваат никакви проблеми и немаат потреба од никаков третман, ригидните предизвикуваат болка во стапалата, подколениците, а подоцна и во ‘рбетот, замор, може да се јават грчеви, а подоцна и дегенеративни промени на малите зглобови на стапалото. Причините се обично од статичка природа и најчесто заболуваат луѓе од одредени професии што подолго стојат и одат за време на работата, како медицински сестри, полицајци, војници и сл.

8. Како се лекуваат рамните табани? Дали можат да се излекуваат?
Флексибилните рамни стапала немаат потреба од лекување. Ако се појави болка во стапалата со влошки во обувките се елиминира тегобата. Кај оние луѓе кои се со поголема активност, како спортистите, постојат и соодветни обувки. Ригидните рамни стапала се лекуваат по принципот лекување на причината. Така, ако постои тарзална коалиција или дополнителна навикуларна коска, истите се лекуваат со гипсени редресмани и одмор, а доколку тоа не помогне лекувањето е оперативно. Ако проблемите се од воспалителен карактер, лекувањето е со антиинфламаторни лекарства, мирување и ортопедски помагала. Најчесто рамните стапала не предизвикуваат проблеми.

9. Дали во опција е хируршка корекција на проблемот?
Болното рамно стапало се лекува најчесто конзервативно и успешно. Оперативното лекување се остава како крајно решение, бидејќи и тоа не дава задоволителни резултати кај сите пациенти.

10. Дали постојат некои вежби кои можат да им помогнат на луѓето со рамни табани?
Одењето и скокањето на прсти, одењето босоноги по нерамен терен летно време, вежби за зајакнување на подколените мускули, спортска активност од било кој тип и слично може да помогне во подобрување на статиката и превенција од појата на болното рамно стапало. Бидејќи денеска децата се ограничени во играњето надвор, како и немањето на безбедни места за да одат боси, се употребуваат гумени полутопки со нерамнна површина на кои децата преку игра вршат кинезитерапија.

11. Може ли да им посочите на родителите како можат да забележат дека нивното дете можно е да има рамни стапала и што треба да направат во таков случај?
На крај уште еднаш ќе напомнам дека децата до околу 10 годишна возраст имаат физиолошки флексибилни рамни стапала. Патолошките рамни стапала обично се откриваат уште при првиот ортопедски преглед на бебето во родилиштето, а подоцна со редовните ортопедски прегледи. Самите родители се уплашени од изгледот на стапалата на нивното дете, што е сосема нормално, но единствено што треба да направат е да ги пуштат децата слободно да растат, што почесто да се босоноги, обувките да се меки, лесни и еластични, а за секој случај и редовно да ги носат децата на ортопедските прегледи по совет на матичниот лекар кој треба да знае кога се изведуваат редовните прегледи кај ортопед.

д-р Горан Видоевски
ортопед