Чичко Алцхајмер се плаши од тренинг

Квалитетното ментално здравје во средна и покасна возраст е желба на секој човек па затоа не чекајте да превземете нешто околу тоа.  

Алцхајмеровата болест е дегенеративно заболување на мозокот која се манифестира со деменција, губење на краткорочно и долгорочно памтење, променливо до конфузно расположение, психофизички дефицит, иритабилност, агресивност и редица други симптоми. Раното пријателство со Алцхајмер сигурно ќе ве направи добар муштерија и неплатен манекен на фармацевските компании.

Можеби ќе поминат уште многу години до откривањето на лекот за оваа непријатна болест но сепак единствена засега призната алатка која успешно може да ги одложи нејзините манифестации е редовното спортување.

Мозокот на човекот тежи 2% од целокупната телесна тежина, но троши 20% од целокупниот кислород внесен во организмот. После дваесетата година капацитетот на искористеност на кислородот секоја година опаѓа за 1%. Возраста со намалените спортски активности резултира со сигурен дефицит на кислорот а со тоа и рани дегенеративни мозочни промени.

Спортските активности се единствената компензаторна алатка за оптимална кислородна сатурација (заситување) која е правопропорционална со бистар ум, свежина, подобрени сетила, добро расположение, подмладеност со нови визии и позитивен став кон околината.

Генетскиот етиолошки фактор е надвор од нашата контрола, но препорачани моќни превентивни мерки кој квалитетно го намалуваат ризикот од Алцхајмеровата болест се:

  • ЗДРАВА ИСХРАНА
  • РЕДОВНА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ
  • РЕДОВНА МЕНТАЛНА И СОЦИЈАЛНА АКТИВНОСТ
  • ОДРЖУВАЊЕ НА СТРЕСОТ ПОД КОНТРОЛА

Одлуката дали ќе бидете МЛАДИ СТАРЦИ или МЛАДИ, А СТАРЦИ е ваше решение, а вистината дека НЕКОИ СТАРЕАТ КАКО ЗЛАТО И МЕРМЕР, А НЕКОИ КАКО КОНДУРА е навистина – ВИСТИНА…