Централен Солунски Кулоар (550 m, V+)

Искачување на насоката Централен Солунски Кулоар на Нежиловите стени

Нежиловите стени претставуваат карпест отсек на планината Јакупица и се издигнуваат 600-700 метри во височина, се до самиот врв Солунска Глава.

Глетка нетипична за македонските планини која ги остава без здив сите љубители на природата што минуваат одовде.

Овие карпи со својата маркантност уште одамна го привлекле вниманието и биле предизвик за алпинистите. Така, првото искачување овде е направено во далечната 1934 година од словенечкиот алпинист Урош Жупанчиќ, а до денес се претпоставува дека се искачени околу дваесетина различни насоки.

Во деновите 19-20.09.2014 заедно со Никола, Бојан и Александра се упативме кон домот „Чеплес“ со намера да ја искачиме насоката „Централен Солунски Кулоар“ со должина од 550 метри и оценета како V+. Своевремено на оваа насока долгорочно работеле членовите на алпинистичкиот клуб „Исак Русо“ за да во есента 1998 година истата е комплетно опремена и со тоа претставува прва оклинчена насока на овој локалитет.

Според записите овде се оставени околу 70 клинови и карабинери со сидришта за абзел. Поради активноста на самата карпа и карактеристиките на високопланинскиот терен покриен со снег и мраз половина од годината, дел од клиновите повеќе ги нема или се во лоша состојба. Повеќе технички детали за самата насока може да прочитате тука.

Во домот „Чеплес“ ги затекнавме Зоки и Маја кои беа дојдени со иста намера да качуваат во стената наредниот ден на насоката „Воскресение“. Со оглед на тоа што Нежиловите стени не се многу фреквентен локалитет, вистинска реткост е во еден ден да качуваат дури три наврски. На спиење заминавме порано затоа што требаше да станеме во 03 часот по полноќ, раното поаѓање е неизбежно поради долгиот пристап кон стената кој води преку изворите на Бабуна и сувото речно корито уште нагоре.

Во 8:45 часот бевме под самата стена и се наврзавме во две наврски со тоа што Никола како најискусен од нас ме зема мене во наврска и ги водеше сите десет цуга од насоката, додека Бојан и Александра се менуваа во водството. За обезбедување ги користевме веќе постоечките клинови и ковавме наши. Качувавме во сосема солидно темпо и од насоката излеговме околу 15 часот, што значи дека ни беа потребни малку повеќе од шест часа.

Временската прогноза велеше попладневни врнежи, а за наша среќа истите започнаа токму кога излеговме од насоката и не следеа целото попладне до село Папрадиште. Со исклучок на Никола ова беше наше прво искуство на Нежиловите стени и си заминавме презадоволни, со надеж дека наскоро пак ќе се вратиме да качуваме тука.

Ова е локалитет што дефинитивно заслужува повеќе внимание.