Скопје Летен Отворен Сквош Турнир 2014

Во вторник, на 30ти септември, се одржа вториот „Скопје отворен летен сквош” турнир (SSOS 2014), со право на учество на домашни и на странски натпреварувачи. Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје во организација на сквош клубот Винус од Скопје, со учество на 16 натпреварувачи.

http://vimeo.com/106921331]Освен домашни, на турнирот зедоа учество и натпреварувачи од Италија, САД, Шведска и Бугарија. Турнирот беше еднодневен и се одигра со забрзано темпо, организиран како комбинација од групен систем на почеток, а од четвртфиналето натаму како систем на елиминации. Се играа мечеви до разврска за сите места, со по 6 меча по натпреварувач.

Победник на турнирот е Кирил Сотировски, неколкукратен и актуелен шампион и победник на Купот на Македонија. Тој во финалето го победи Стефан Шишовски, a ова е веќе трето финале по ред во 2014г. на овие двајца репрезентативци. Како и во финалето за првенството, и овојпат Сотировски не дозволи изненадување, и со 3:0 во сетови го одбрани златото освоено во 2013г., на премиерното издание на истово натпреварување. Иако сите три сета беа резултатски тесни, Сотировски сепак имаше речиси целосна контрола на резултатот. Единствено во третиот сет Шишовски успеа да изгради предност од неколку поени, но и водството од 9:6 не му беше доволно за да го спречи Сотировски со последователни 5 поени да победи и со тоа да го освои турнирот. Сотировски одигра под ниво во првите мечеви, но како одминуваше турнирот, така тој ја пронајде својата најдобра игра во завршните мечеви. Иако на моменти попречуван во движењата заради повреда на колено, сепак имаше доволно технички квалитети за да ги контролира обидите на Шишовски. Шампионот лесно менуваше ритам на игра по своја желба, против најопасните противници, во полуфиналето и во финалето, одлично дозираше користење скратени топки, наизменично со динамична игра, како и со прецизни лоб удари. Со таква игра и со голема варијација на сервисите не им дозволуваше на противниците да наметнуваат своја игра или да го контролираат просторот. Во неколку битни поени успеваше од одбрамбени ситуации брзо да се доведува во позиции за напад, и речиси по правило скоро секојпат потоа и ги реализираше поените.

На трето место се пласира Бранко Калеовски, преку уште една победа над Горан Панев. И овој пар натпреварувачи веќе неколку пати се бори за медали во директни меѓусебни дуели. Како и многу пати досега, мечот се решаваше во петтиот сет. Вицешампионот од првенството од 2013г. Панев, при водство од 2:0 во сетови не реализираше 2 меч топки во третиот сет и испушти одлична можност да го заврши мечот во своја корист. Токму во периодот кога освен резултатот сосема ја контролираше и играта, и главно го фрустрираше Калеовски со попрецизна и разновидна игра, со неколку лоши избори на удари, загуби круцијални поени. Дотогаш индиспонираниот Калеовски почувствува дека се создаде шанса, и по освојувањето на третиот сет и намалување на водството, доби нов елан и наметна игра со повеќе динамика, која повеќе му одговараше и која резултираше со целосен пресврт. И четвртиот сет помина во релативно изедначена игра, но како што се подобруваше квалитетот на играта на Калеовски, така Панев ја губеше самодовербата и не најде начи за пресврт во своја корист. Во последниот сет неговата игра сосема се распадна, најмногу бидејќи не најде начин ментално да го надмине неуспехот од третиот сет. Со оваа победа Калеовски додаде уште еден медал кон својот сребрен од Купот во 2013г., и бронзените од првенството во 2013г. и 2014г.

Во полуфиналните мечеви, Сотировски одигра еден од своите најдобри мечеви во 2014г., и со многу разновидна игра сосема го надигра Калеовски. Противникот немаше воопшто шанса да

одговори на промените на ритам, на одличниот избор на удари, но и на одличната физичка подготвеност на Сотировски, иако беше очигледна желбата конечно да се победи ветеранот на едно официјално натпреварување.

Во другото полуфинале се одигра многу квалитететен меч меѓу Горан Панев и Шишовски. Иако резултатот беше максимални 3:0 за финалистот Шишовски, во сите 3 сета се водеше беспоштедна борба за секој поен. Токму првиот сет од ова полуфинале беше највозбудливиот сет на турнирот, и Шишовски мораше да спаси 4 сет топки пред да го освои сетот со 16:14! И во следните два сета Панев стигнуваше до 9 поени но по водство на Шишовски, и никако не успеваше да го надигра во прекршувачките поени. Панев се обиде со промена на неколку стратегии низ мечот, но вечерта едноставно немаше доволно оружја во својот репертоар за да може да го направи последниот исчекор против леворакиот Шишовски. Осцилациите во играта, особено при приемот на сервиси, беа преголем недостаток за да може да се изненади секогаш солидниот Шишовски. Тој со одлична техника го контролираше резултатот, а секако му помогна и самодовербата заради успесите во претходните соочувања со Панев.

Со пласманите на најдобрите четири играчи, се потврди и нивното рангирање кое е по истиот редослед.

Во борба за петтото место, Ивица Кондев со 3:1 го победи американецот Марк Лассер, во реприза на дуелот за трето место од отворениот зимски турнир годинава. Противниците беа сосема изедначени, и се чини дека пресуди заморот на Ласер, но и поголемата ментална волја на Кондев. Ова беше убав меч со добра техника и одлични поени на двајцата натпреварувачи. Во овој меч беше видлив заморот на играчите заради претходно одиграните мечеви, но тоа не ги спречи да го покажат својот технички и тактички квалитет. Мора да се истакне дека Кондев не изгуби волја за успех ниту после тесниот пораз од Шишовски во четвртфиналето. Во тој динамичен и многу изедначен меч, Кондев водеше со 2:1 во сетови, а во одлучувачкиот сет водеше и со 8:4, но имаше неколку падови на концентрацијата, што Шишовски умешно ги искористи во своја корист и со пресврт дојде до победа која го одведе меѓу најдобрите четири.

Во солидни изданија се покажаа и Златко Крстевски и високиот Франческо Корбо од Италија, но беше видливо дека нивната физичка подготвеност не е на нивото на техничките квалитети. Со видлив напредок во играта, но не и во резултатите, се прикажаа Ѓоко Петковски, Ѓоко Поповиќ, Живко Котевски и Дарко Црвенковски. Од оваа четворка се очекува поголем пробив во следните турнири. За забележување е враќањето на државниот вицешампион од 2011г. Благојче Богоевски, кој по тригодишна пауза и без поголеми технички тренинзи само на моменти потсети на своите најдобри денови. Во мечевите во група му одзема и сет на Сотировски, еден од само двата загубени на шампионот на овој турнир, но во подоцнежните мечеви беше забележлив кондициониот пад и тој не можеше подобро од 11 место. Швеѓанецот Томас Ларсон и Бугаринот Петар Расков одиграа под своите можности, додека Михајло Ристески, иако со стомачни тегоби, сепак се избори за 14 место.

Финале – Кирил Сотировски : Стефан Шишовски – 3:0 (11:8; 11:8; 11:9)

Меч за трето место – Бранко Калеовски : Горан Панев – 3:2 (8:11; 9:11; 15:13; 11:7, 11:0)

Полуфинални мечеви – Кирил Сотировски : Бранко Калеовски – 3:0 (11:2; 11:5; 11:7)

Стефан Шишовски : Горан Панев – 3:0 (16:14; 11:9; 11:9)

Автор

Squash Centre Skopje

Скопје

Македонија