Јадете и пробиотици, а не само антибиотици

Понекогаш, поважно e правилно да го нахраните вашиот микробиом отколку самите себе…

Терминот микробиом ги опфаќа сите живи микроорганизми кои живеат во и на телото. Значи тука спаѓаат вирусите, бактериите, протозоите, габичките и нивните гени. Има повеќе микроорганизми, отколку што има клетки во човековото тело или попрецизно, нивниот однос е 10:1, во полза на бактериите. Постојат добри микроорганизми, но и лоши кои се асоцирани со низа заболувања, обезитет, инфламација.

По неговото височество мозок, најголем број на неврони има во цревата, па ентеричниот нервен систем се нарекува „втор мозок”. Оттука логично е дека однесувањето на микрофлората во цревата влијае и врз нервниот систем.

Квалитетот на микробиомот е во директна корелација со она што го јадете и се менува соодветно со менување на диетата. Тука на сцена настапуваат пробиотиците.

За некои луѓе зборот пробиотик е ништо повеќе од јогурт или кефир, но всушност пробиотиците имаат далеку поважна улога во превенција и лекување на различни заболувања. За прв пат важноста на добрите бактерии во човековиот организам била дебатирана во почетокот на минатиот век, а на почетокот на 2000тите години, полезностите од пробиотиците се признати и од страна на СЗО.

Уринарни инфекции, дисбаланс во вагиналната микрофлора, дисбаланс во цревната микрофлора, долготрајна терапија со антибиотици, некои атопични заболувања, патничка дијареа, се само дел од палетата на состојби каде пробиотиците се покажале како успешни. Освен тоа, синтезата на витамините Б12, фолната киселина и К витаминот е зависна од бактериите во што го населуват алиментарниот систем.

Пробиотиците се живи култури на добри, полезни бактерии кои може да се внесат преку исхраната или во вид на капсули кои содржат дехидрирани, смрзнати соеви. Храна која изобилува со пробиотици се ферментираните производи, јогуртот и кефирот, но и комбухата, туршијата и киселата зелка, темпех, мисо, соја сос.