Преобрази се на Крчин

По повод празникот Преображение Господово на 19-ти август, секоја година од реканското селото Битуше се организира искачување до малата планинска црквичка под врвот на планината и до врвот Голем Крчин. Одлична можност да посетите еден од најубавите региони и планински предели во цела Македонија. 

По повод овој празник мештаните како и многу гости кои доаѓаат во селото организирано посетуваат една малечка планинска црквичка (1889нмв) која се наоѓа во подножјето на врвот Голем Крчин (2341нмв). Ова е сериозен планинарски предизвик кој овозможува љубителите на планините да ги доживеат и видат едни од најубавите предели на Националниот парк – Маврово.

Тргнувањето е закажано за 19-ти Август во 06:00 часот од месноста Драга (1090нмв) кај скитот на Св. Јован Бигорски (поранешната караула) над селото Битуше (900нмв). Во 08:00 се пристигнува кај месноста Гинова чешма (околу 1530нмв). Овде се прави најголемата пауза која може да се искористи за кафе, освежување и надополнување на залихите со вода. Патот понатаму оди малку низ шума, малку низ ливада, наизменично и преку Крчинска Краста околу 09:30 се пристигнува до планинската црквичка(1889нмв) во подножјето на врвот Голем Крчин.

Овде мештаните на селото седат подолго време во непосредна близина на изворите со вода и црквата кое го носи името Преображение и го искористуваат времето за одмор и релаксација. Притоа појадуваат и шетаат по подножјето на врвот каде берат боровинки (кои ги има во изобилие) и го посетуваат бачилото каде може (ако имате среќа) и да купите некое добро парче сирење.

Од оваа локација врвот Голем Крчин може да биде искачен за околу еден час по маркираната патека што започнува од бачилото. Се искачува Мал Крчин (на карта Рудина 2238нмв) и покрај месноста Врток се искачува врвот Голем Крчин (2341нмв), каде што се наоѓаат остатоците на малата црквичка на самата граница со Албанија.

 

***На оваа планинарска тура се движиме по целосно маркирана патека. Многу убава, преполна со пејсажи, панорамски места и прекрасни рељефни форми. Во најголемиот дел патеката е добро видлива, маркирана и лесна за следење. Во долните делови е поставена во шума, а од 1700 метри и повисоко во зоната на пасишта. На три до четири места има извори со вода за пиење. Техничките тежини се умерени до средни.

Алтернативна патека !!

Напомена: За сите оние поискусни и авантуристички љубители на планината постои и кружна алтернативна дводневна патека. Се трга на 18-ти август, се спие во шатори кај месноста Гинова чешма (прочитај погоре), се искачува Голем Крчин и се продолжува до ледничкото езеро Локув (1565нмв), сместено на планината Дешат. Постои и можност за алтернативно безплатно спиење во селото Битуше.

Пријавувавањето за оваа алтернативна патека е до недела, 17.08.2014. Пријавување и повеќе инфо за настанот може да добиете ТУКА.