Измасирај, заролај, истегни, ослободи

Ако сакате квалитетна мускулна рекуперација најдете квалитетен рецепт. Масажата, пенастиот ролер и стречингот се супер сами по себе, а уште подобри во комбинација. 

 

Мускулниот опоравок после долги и тешки тренинзи или пак натпревари каде одредени мускулни групи одработиле сериозна работа е исклучително важна работа во спортот, без разлика дали сте професионалец кој за кратко има нов натпревар или сте само рекреативец кој утредента сака да отиде на работа со помалку болки.

Масажата, пенастиот ролер, стречингот и ладните облоги се основните компоненти кои докажано помагаат во рекуперацијата по напорните тренинзи или натпревари и успеваат да го намалат мускулното воспаление кај спортистите, а најдобро е кога овие (или барем неколку) методи се искористат комплементарно со што ефектите се надополнуваат.

 

Пенастиот ролер е техника со која што се зголемува прокрвеноста во одредена мускулна регија (онаа која се рола) со што се намалуваат инфламаторните фактори т.е. воспалението. Ако не знаете како, прашајте си го инструкторот во теретаната.

Масажата докажано ја подобрува локалната циркулација и влијае врз процесите на мускулен опоравок. Можете да пробате и со некои типови на самомасажа, но доколку можете да си дозволите професионален физиотерапевт, тогаш одите на повисоко и поквалитетно ниво.

 

Стречингот било дали динамичен или статичен го зголемува протокот на крв во одредените регии и се бори со тензијата и згрченоста во мускулите. Тој е одлична опција после напорен тренинг бидејќи ги враќа мускулните влакна во нивната првобитна позиција.

 

Ладните облоги се исто така одличен начин како може да се подобри опоравокот на ткивата кои биле под голем стрес. Доволно е да држите кесичка со мраз или студена лименка неколку минути на одредено место, а студот ќе си го направи своето.

Е сега. Најдобрата варијанта е сите овие работи да ги комплетирате во еден целосен рекуперациски рецепт после тренингот како би добиле максимален ефект врз опоравувањето. Убаво е најпрво да се измасирате или ролате на пенастиот со што ги ослободувате мускулните влакна од тензијата и им давате дотур на нова свежа крв, а после тоа да направите еден благ стречинг.

Завршете со ладни облоги за краток период и имате поголеми шанси да се како нови.

Дополнителни информации за забрзување на опоравокот можете да прочитате ТУКА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија