Зошто цедениот портокал не оди после пастата за заби?

За сите сабајлешни цедачи на цитрусно овошје или ноќни консумирачи на вотка со портокал…

Првата голтка од навидум освежителниот цеден цитрусен џус понекогаш може да има екстремно горчлив вкус. Одговорот е прилично едноставен…

Повржината на јазикот, а особено рецепторите за горчливо се прекриени со фосфолипиди. Кога ќе ги исчеткате забите, сурфактантите од пастата (оние пенливи материи) го измиваат фосфолипидниот слој, па она што претходно било горчливо сега е екстремно горчливо.

Решение? Испијте го сокот од портокал пред да ги четкате забите и тој нема да ви горчи. Но, од друга страна, пиењето на кисели пијалоци како цитрусни сокови, вино и млеко пред четкањето на забите има друга негативна страна.

Киселоста на овие пијалоци го разградува (деминерализира) површниот слој на забите па така забите се поподложни на еродирање при самото механичко четкање со секогаш благо абразивните пасти и четки. Решение пак за ова е да ги неутрализирате киселите наслаги со вода или уште подобро раствор од сода бикарбона пред самото четкање за да не си го оштетите најтврдото ткиво во организмот.