Колку стрес ви додава диетата?

Стрес на работа, стрес накај работа, стрес дома, стрес пред банкомат, стрес насекаде. Колку стрес плус добивате кога сакате да симнете некој килограм со помош на диета?

Додека сосема е јасна и видлива корелацијата помеѓу исхраната и физичкото здравје, линкот помеѓу исхраната и психолошкиот момент никогаш не ни паѓа на памет, а всушност храната има и те каков импакт врз доброто т.е. лошото расположение.

Специфични нутрициенси имаат соодветен импакт врз хормонскиот статус, неуротрансмисијата и нивото на шеќер во крвта, а индиректно преку овие канали делуваат и врз расположението. Често, ставајќи се на диета, за да симнеме некој килограм, намерно или ненамерно, се лишиме токму од такви нутрициенси.

НИСКОЈАГЛЕХИДРАТНО ЛУДИЛО

Јаглехидратите обезбедуваат глукоза, а глукозата е број 1 храна за мозокот. Кога ќе решите да ги исклучите лебот, шеќерот, слатките, пастата и другите јаглехидрати од диетата, прво на гладување го ставате овој битен орган, кој не функционира беспрекорно кога ќе добие замена од кетони наместо глукоза, па често може да приметите намалена концентрација и фокус за време на ниско јаглехидратната диета. 

Од друга страна малку шеќерче го стимулира лачењето на серототнин, хормонот на среќа, а избегнувањето на јаглехидрати може да ја намали и количната на Б витамини, бидејќи оваа група на витамини се застапени во голема мера во јаглехидратниот тип на исхрана. Б комплексот има смирувачко дејство и ја намалува анксиозноста.

НИСКОМАСЛЕНА ПАНИКА

Кога елиминирате голем дел од мастите, лесно можете да се претворите во гладно-бесна личност. Прво масната храна ја успорува дигестијата за да го одржува нивото на шеќер во крв стабилно и стомакот сит подолго време, а второ нискомаслените продукти често се богати со јаглехидрати па можете да го кренете шеќерот до плафон, а потоа и нагло да ви падне. Во тој момент ќе сакате да откорнете нечија глава… Една студија од Универзитетот во Охајо вели дека ваквите диети се најчеста причина за караници со партнерот.

Нискомаслена диета исто така значи дека се лишите и од добра доза на омега 3 масни киселини кои имаат протективно дејство кога станува збор за справување со стресот, ја намалуваат инфламацијата во организмот и го подобруваат расположението.

ДИЕТА БЕЗ СТРЕС

За да немате додатни стресови од диетата препорака е да не држите воопшто диети. Никој не бил среќен додека преку гладување симнувал килограми. Подобро фокусирајте се на полнење на чинијата со здрава храна, без да му ја мислите дали имало многу масти или мноу јаглехидрати. Јадете здраво, пред се вкусно, многу зеленчук и овошје и ќе се чувствувате подобро, повитално без сиот тој стрес и чувство на вина кога ќе каснете нешто “забрането”. И секако барем малку пот не е на одмет, како додаток на вашата здрава и балансирана исхрана.

Секако не постои рецепт за живот без стрес, но постои балансиран начин на исхрана кој може да ви го олесни справувањето со стресот.