Успех на Сплендид Гран При во Будва 2014

Три Македонски претставници во кик бокс предводени од претседателот на федерацијата Александра Неделковска и тренерот на репрезентацијата Драган Атанасовски овој викенд учествуваа на престижниот професионален кик бокс спектакл ,,Сплендид Гран При ” во организација на Кик Бокс Сојузот на Црна Гора и хотелот Сплендид од Будва.

Главна борба беше борбата за светска титула на Иван Стругар со Русот Иван Кирилов во лоу кик дисциплината од кик бокс спортот. Стругар е петкратен светски професионален шампион во пет различни категории кој и овој пат ја однесе победата на поени и докажа дека е вонсериски шампион.

Пред професионалната борба на Стругар професионални пред борби имаа претставниците од Македонија, Црна Гора и Србија.

Кристина Стојчевска -55кг лоу кик настапи прва . Се сретна со Црногорската кик боксерка Анастазија Петрович. И двете девојки прикажаа одлична техника и завидна борбеност. Доминацијата на Кристина во сите три рунди како и размената и прецизноста на ударите резултираше со победа 3:0 , а публиката не се штедеше во аплаузите за двете кик боксерки. Стојчевска и Петрович се сретнаа по втор пат и втор пат ја победува на поени.

Втор настапи Ненад Манојловски – 67кг лоу кик кој се сретна со Ремзија Дачич кого Манојловски го победи на меморијалниот куп ,,Љупчо Неделковски “2013год. Во првата рунда Манојловски и Дачич разменија огромен број на ножни удари и Манојловски имаше блага предност.

Во текот на втората рунда во еден дел концентрацијата му опадна и Манојловски доби ножен удар во пределот на слабината по кој остана без здив и не беше во можност да продолжи. Борбата беше завршена во корист на Црногорскиот претставник.

Далибор Огнанов -75кг лоу кик, третиот Македонски претставник за свој противник го имаше Марко Николич со кој исто така се има сретнато и победено на меморијалниот куп во Битола минатата година. Огнанов со својата подготвеност , борбеност и техника во сите три рунди доминираше. Имаше размена на силни лоу кикови пропратени со аплаузи од страна на присутната публика во салата во хотелот Сплендид со кои ги бодреа и двајцата кик боксери. Ножните удари беа пропратени и со завидна рачна техника од страна на Огнанов. Судиите без дилема победата му ја доделија на Огнанов со 3:0.

Македонските претставници предводени од тренерот на репрезентација Драган Атанасовски со овации беа испратени од присутните. Во тек на самиот спектакл на претседателката на Кик Боксинг Федерацијата на Македонија и беше доделен постхумно златен кик боксер во чест на првиот претседател Љупчо Неделковски и соработката која и двете федерации ја имаа изминатите години.

Соработката ќе продолжи и годините што следат, а покана за следниот Гран При веќе е добиена.