Јога за деца – За правилен психо-физички развој

Јогата е дисциплина, или подобро, содржина што може да го разубави и продлабочи семејното живеење. Го разубавува затоа што човекот што ја практикува го прави поопуштен, поведар, попозитивен, подобар, а тие состојби ги пренесува и во кругот на своите најблиски.

Ако родителот го поттикнува своето дете да вежба јога и уште подобро, да вежба заедно со него, му поставува добри основи да се развие во отворена, способна и позитивна личност, а од друга страна, ако родителот е доволно отворен кон своето дете, и тој може да научи од него работи што одамна ги има заборавено.

Детскиот свет па и во раните школски години е комбинација од игра и реалност. Сега кога е стартот на новото полугодие, децата сѐ уште се во расположение и потреба за игра. Оваа нивна потреба не би требало целосно да биде заменета со обврските на училиште бидејќи таа е важна за нивниот правилен психофизички развој.

Школските деца доживуваат многу стрес-моменти: домашни задачи, наметнат притисок, закачки од соучениците, страв од добивање ниски оценки, контролни тестови, страв од преземените мерки за неизвршени работи и пониски постигнувања, пубертетски изолации. Сето ова може со текот на времето да доведе до физички и психички проблеми.

Одговорот на стресот во човечкиот организам инволвира автоматска физиолошка реакција и свесна одлука да се справат со ситуацијата. Физиолошката реакција на стресот прекината за време на детството, потсвесно се акумулира и испливува во возрасното доба. Учење стрес – редуцирачки методи како јога и медитација во детството е од длабоко значење токму поради тоа што тоа е времето кога се формираат нашите животни навики.

Влијанието на јогиските вежби е сестрано, па затоа и пристапот на нивното предавање и практикување внимателно го одредуваме. Одбираме вежби кои се сигурни, интересни и погодни за возраста на децата и нивните моментални потреби.

Низ јогата децата уште од мали ќе научат да развијат чувство за телото, што е носител на нивното здравје и на нивната среќа во текот на целиот живот. Се подобрува држењето на телото, учат како да се одмораат и со правилно дишење како ефективно да си ја користат внатрешната енергија. Им се зголемуваат еластичноста, имунитетот, силата, издржливоста.

Од друга страна, може да им помогне во формирање на одредени ставови важни за изборување за сопственото место во средината, да стекнат стабилност, сигурност, отвореност, верба во себе и во универзалното добро. Учат да бидат пососредоточени и со избистрен и помалку деструктивен ум, а меморијата и креативноста им се зголемуваат. Јогата може да биде и забавно другарување кое по часовите децата ги одмора, ги освежува и орасположува.

Едно истражување спроведено од Laura Santangelo White, Boston College, USA со 155 деца од 8-11 години ја покажува ефикасноста од осумнеделното вежбање на свесност со јога, седечки медитации и одржување свест при јадење и пешачење. Меѓу повеќето резултати биле и следниве:

– Многу повисока самодоверба, самопочит и самоконтрола
– Чувство на компетенција на училиште и повисок успех
– Повисока свест за сопствените емоции и справување со стресот
– Пројавиле желба за развој на вештини важни за општеството
– Се подобрил квалитетот на сонот
– Се намалиле надворешните реакции на наредбите од родителите.

Ефектите биле правопропорционални со бројот на посетени часови.

  • ”За вистински да се одржува физичкото здравје и во адолесценција и да се подобри квалитетот на животот, промените треба да настанат во детството.”

Јоurnal of Pediatric Health Care, jan.2012


Повеќе информации и контакт тука 

   Вања Ичкова

                                                                                               Весна Алексовска