Што се антиоксиданси и која е нивната улога?

Антиоксидациска лекција

Лекција вредна за читање, ако планирате да имате или веќе водите здрав живот.

Антиоксидансите се хемиски супстанци кои може да се создаваат по природен или вештачки пат и нивната главна улога е да го спречат оштетувањето на клетките. Кога ќе се каже антиоксиданс всушност се зборува однесување, а не за хемиски состав, па така секоја супстанца која може да донира електрони и со тоа да им се спротистави на слободните радикали е антиоксиданс.

Најголем број и концентрација на антиоксиданси има во овошјето и зеленчукот, водените растенија и дел од морските плодови. Постојат над илјада различни антиоксиданси, но најчести во човечката исхрана се витамините А, Ц, Е, бета-каротените и ликопенот. Антиоксидансите исто така може да бидат вештачки произведени и да се консумираат во форма на суплементи.

Изложувањето на кислород (оксидација) доведува до ослободување на електрони од атомите и тие стануваат екстремно реактивни – слободни радикали. Тие слободни радикали се во постојана потрага по електрони тежнеејќи да го надополнат изгубениот електон и да се стабилизираат. Слободните радикали земаат електрон од соседната клетка, па така таа станува слободен радикал, па од соседната и така настанува „оксидативен стрес“ врз клетките.

Замешувањето во клеточната стабилност на атомско ниво има негативни последици. Самиот оксидативен стрес се поврзува прерано стареење и со голем број заболувања како карциноми, Алцхајмерова болест, Паркисонова болест, автоимуни заболувања, дијабетес, артритис, срцев удар.

Тука се вклопуваат антиоксидансите. Имено тие се првата линија на одбрана и го спречуваат тој „домино ефект“ на клеточно оштетување од страна на слободните радикали преку донирање на електрони. Уште повеќе, се смета дека антиоксидансите ги поправаат и веќе настанатите штети од оксидативниот стрес.

 

Иако сето тоа изгледа совршено на хартија, во пракса многу малку се знае со сигурност за антиоксидансите, слободните радикали и нивната функција. 

 

Иако на првите им се препишува антиканцерогено дејство, некои истражувања завршуваат со изненадувачки резултати во негативна конотација.

Пример, зголемената доза на бетакаротени од суплементи кај пушачи го зголемува ризикот од појава на рак на бели дробови. Кај срцевите заболувања антиоксидансите имаат единствено плацебо ефект, освен во случајот со витаминот Е кој се докажал како многу полезен за кардиоваскуларното здравје на жените.

Како и да е, сепак диетата богата со овошје и зеленчук, без разлика дали ги земате заради ќеиф, здравје или антиоксиданси ќе резултира со добро здравје, виталност и убавина.