Body Image

Децата и нивната слика за сопственото тело

Малишаните се како сунѓери, веднаш пикираат и впиваат информации од најважните фигури во нивниот живот, родителите. Од исклучителна важност е уште од рана возраст родителите да ги подучуваат своите најмали да го почитуваат и сакаат сопственото тело, што понатаму игра важна улога во нивниот психофизички развој.

Еве и неколку клучни совети:

1. Не критикувајте се себеси пред вашето дете
Не говорете гласно за негативните страни на изгледот на вашето тело пред детето, бидејќи тоа ќе се соживее и поистовети со вашата анкциозност. Наместо да се жалите за тоа колку, на пример ви се големи бутовите, преформулирајте ја реченицата: да речеме, колку сте благодарни што имате силни нозе. Фокусирањето на позитивните страни на вашето тело му помага и на вашето дете да го стори истото.

2. Промовирајте го вежбањето како секојдневна навика
Децата точно знаат дали нивните родители уживаат во некоја активност или не. Доколку зборувате за тоа колку многу сте морале да вежбате заради тоа што сте јаделе пица претходниот ден, децата нема да чувствуваат никаква желба за било каква активност бидејќи на истата ќе ја гледаат како казна. Наместо тоа, внесете некоја физичка активност во дневната рутина, направете ја забавна и покажете дека со задоволство ја правите истата. Возењето велосипед на пример.

3. Не употребувајте храна како награда или казна
Ветување сладолед или бомбони за добро однесување или обратно, скратување на десерт не е на арно. Тоа ги учи децата да ја користат храната на ист начин што води кон неправилности во исхраната подоцна. Наместо тоа, подгответе некој здрав оброк заедно. Ќе има малку хаос во кујната ама сето тоа вреди.

4. Објаснете им зошто одредена храна не е добра/не е здрава
Објаснувањето е мошне важно. Не е доволно само да етикетирате одредена храна како лоша, туку објаснете им зошто баш таа храна не е добар избор.

Сума сумарум, пиколините копираат, па нека копираат тоа што е позитивно и здраво.