Бивак

За време на курсевите на МАА учевме да носиме бивак вреќи, како почетници едвај се чекаше тој момент да дојде, да се направи бивак и да се помине ноќта на отворено, на планина или на карпа, за да може после тоа да се раскажува како ноќта била долга и ладна.

Бивак. Бивак на карпа, бивак на отворено итн. Има два вида бивак: принуден и планиран. Принуден бивак е оној што секогаш може да не изненади, било каде и било кога.

Добро е да се тренира бивак, а подобро е да се избегнува – но на некои качувања бивакот е неизбежен, во долги насоки на карпа или на некои долги тури.
Други причини за бивак се лошото време, магла, залутување и повреда.
Имаме бивак во хоризонтална положба и бивак во вертикална положба, значи лежечка и стоечка положба во зависност од местоположбата.

БИВАК ВРЕЌИ денес се произведуваат во различни модели, и од разни материјали – битно е при купување да се внимава материјалот да е водоотпорен и да дише. Тежината на квалитетна бивак вреќа е од 250 гр. до 500 гр. Паковката е мала, со цена од 40 евра па нагоре.

Секогаш да се носи во ранец покрај прва помош.

Исто од стар подметач да се исече парче со големина колку ранецот, и да се стави внатре на ѕидот према грбот (идеа на Јован Поповски). Не фаќа место, во случај на бивак може да се извади да се седи на него или да се лежи, може добро да послужи.

Бивак во лежечка положба – тогаш може да се употреби ваква вреќа покрај другите работи што ќе ги употребите – ранец, ствари. Доколку е снег да ископате дупка, кога сте внатре треба да се внимава на дождот и мокриот снег, брзо треба да се реагира и да се засолните пред да се намократ стварите на вас. Бивак вреќата е само да се помине ноќта за да се избегне носењето вреќа со пердуви, заради 10 пати поголема тежина. Добро е да се носи јакна со пердуви – додека се активностите, качување или пешачење може во горотекс, но додека се седи и ноќе најдобро е на себе да се има јакна со пердуви.

Ги има во различен волумен, и најдобри модели се: Rab, North face, Marmot итн.
За на карпа битно е да се најде добар терен доколку времето дозволува и да се избегнат места кои се изложени на грмотевици, целата опрема за качување да се стави на страна, се разбира со нешто претходно треба да се обезбедите доколку висите и сл. Наместо бивак вреќа подобро се користи пончо (пончо или како ние велиме кабаница) за бивак со ракави и долу нозете ви се слободни, само оваа за бивак е малце поразлична. Две работи се важни, штити од ветер и од вода. И овозможува подобри движења на тесно место, а во принуден бивак може да се случи и да стоите цела ноќ.

Покрај пончото, бивак вреќата и јакната со пердуви е важна да се помине бивакот, се разбира од вас зависи и какви чевли имате, ракавици, капа и друг делови од опремата, па се до прва помош и други ситници кои секогаш ги носиме на терен, вклучувајќи нож, лампа, итн. Повеќе посветив внимание на пончо, јакна со пердуви и бивак вреќа.
Во случај да не можете да се симнете сами од местото каде што сте во бивак, многумина од нас носат мобилни тел. или радио-станици или некој друг вид на сигнализација и сл. со кои може да се алармира за помош до спасителна екипа, другари и др.

Битно е за време на бивакот да се сочува смиреноста, да нема паника и веднаш да се организира во првата прилика извлекување, и најважно е да се дадат што подобри податоци за местото на настанот таканаречено бивак место.

Доколку имате мобилен или радио-станица штедете ги батериите, договорете одредено време на јавување, пример на еден саат. Телефонот или радио-станицата чувајте ги во себе речиси прилепени до телото, ниските температури може да влијаат и на исклучен апарат. Во принуден бивак штедете на вода и на храна. Доколку има повреден, треба добро да се заштити и да се санираат повредите. Смирено да се чека додека не стигне тимот за спасување – штом условите дозволат.

Претходно не трошете енергија повикувајќи во лоши услови да полета хеликоптер, или некоја екипа да стигне до вас! Во таква ситуација покрај вас сите се ставаат во опасност. Затоа се чекат подобри услови, заради безбедност на сите.

Запомнете, при секоја поголема акција, да направите осигурување поединечно на секој член вклучувајќи и хеликоптер, осигурувањето може да го направите во својата земја или директно во местото каде што ќе одите на качување, пример: Цермат, Шамони, Исламабад, Катманду и др. Секоја акција си има своја тежина. Вашето искуство и фантазијата, се разбира и волјата и силата ќе помогнат многу да се извлечете од дадената ситуација.
Преживеани во принуден бивак има и на 8600, 8700 мнв. Не е битно каде сте во бивак, најбитно е да се извлечете живи и здрави од него.