Кошаркарски став во одбраната

Основниот предуслов за успешна игра во одбраната зависи од способноста на играчот за изведување на брзи движења во сите правци и притоа во ниеден момент да не ја наруши рамнотежната положба на телото.

Сето ова е возможно единствено ако играчот е поставен во основен кошаркарски став во одбраната и ако ја има совладано основната елементарна одбрамбена техника. Одбраната која играчот ја применува во одредени ситуациони услови на теренот преставува спој на техничко – тактичката спремност, желбата за игра во одбраната, борбеноста и позитивната агресивност во овој сегмент од кошаркарската игра. Некои тренери често кажуваат дека:

“Талентот се познава по играта во нападот додека карактерот се проценува по играта во одбрана”.

Зошто тогаш карактерот би го ставиле на последно место при селектирањето на играчите?!

Успешноста во спроведувањето на одбрамбените активности (посебно во работата со младите категории) во голема мера ќе зависат од настојувањата на тренерот и неговата способност да ги заинтересира своите играчи за извршување на одбрамбените задачи, да ја објасни важноста на одбраната во кошарката (со тоа да ги потикне и мотивира во обуката и усовршувањето), да знае да процени од што зависи добрата игра во одбраната и да биде мудар во изборот на вежбите и поставувањето на одбрамбените цели.

ПРОСТОРОТ ГО БРАНИМЕ СО НОЗЕТЕ ДОДЕКА “ПРИТИСОКОТ НА ТОПКАTA” ГО ОСТВАРУВАМЕ СО РАЦЕTE.

Секој играч треба да знае дека основата за добар одбрамбен став е детерминирана со добра рамнотежна состојба (баланс) која ќе му овозможи одлични предуслови за правовремени реакции и движења во сите правци на теренот.

Основната филозофија и цел на играта во одбраната е да ја намалиме офанзивната ефикасност на противничката екипа (постигнување на што е можно помал број на поени), или на одредени поединци кои се најдобри стрелци во противничките тимови. За успешно реализирање на овие задачи играчите треаба добро да ги знаат основните принципи од кои зависи успешноста во извршувањето на одбрамбените задачи:

– Секој играч треба да биде во одлична физичка кондиција;
– Да има максимална концетрација и желба за реализација на одбрамбените здачи;
– Максимална позитивна агресивност и борбеност во рамките на правилата на играта;
– Максимално агресивен притисок на играчот со топка (одбраната врз играч со топка секогаш се поставува на линија помеѓу топката и кошот);
– Агресивна одбрана на линија на додавање врз играч без топка – deny (одбраната на играч без топка на прво додавање секогаш е поставена на линијата помеѓу топката и офанзивниот играч);
– Насочување на топката кон бочните линии и што подалеку од кошот;
– Спречување на повратни додавања (give and go) и додавања во дубина;
– Помош во одбраната и брзо враќање кон својот играч;
– Воспоставување на страна на топка (strong side) и страна на помош (weak side);
– Комуникација во одбраната (топка, пас, помош, шут и др.);
– Играчите во одбрана секогаш мораат во своето видно поле да ја имаат топката и играчот кој го чуваат;
– Кошаркарски стручњаци често пати сугерираат на своите играчи дека одбраната се игра со главата, срцето и нозете односно телото.

Глава – се мисли на когнитивните способности како што се концетрацијата, прегледот на играта, способноста за антиципирање и кошаркарската интелегенција.

Срце – се мисли на конативните карактеристики на играчите кои се согледуваат преку желбата за обука усовршување и релизирање на одбрамбените задачи, при што како реципрочна вредност се јавува борбеноста и позитивната агресивност како неопходни фактори за успечно играње во добраната.

Нозете и телото – се мисли на неопходната елементарна техничка подготвеност на играчите и развиеноста на базичните моторички способности (брзина, сила, координација-агилност, рамнотежаи др.), кои се неопходни создавањето на дефанзивниот мозаик и успечното остварување на одбрамбените цели и задачи.