Дали поголем мускул значи и поголема сила

Во зависност од специфичните потреби, различни спортови би можеле да имаат помал или поголем бенефит од тренингот за хипертрофија. Пред да започнете со тренинг за хипертрофија би било добро да бидете запознаени со неколку фактори кои играат голема улога во правилното имплементирање на овој тип на тренинг во вашата програма за вежбање.

 

Најчесто кога станува збор за хипертрофија (зголемување на мускулната маса), се применува тренинг со надворешно оптеретување во кој се користи бодибилдеркиот пристап (голем волумен, бавно темпо на изведување на вежбите и повеќе изолирани вежби) кој директно НЕ ги подобрува спортските перформанси. Сепак овој тренинг има успешна примена во делот на рехабилитацијата и превенцијата од повреди каде може да помогне во зајакнување на тетивите, лигаментите и сврзните ткива.

Зголемувањето на мускулната маса може да и наштети на спортската изведба поради следниве причини:

Нефункционална хипертрофија (саркоплазматска хипертрофија) – оваа хипертрофија предизвикува зголемување на мускулната маса, но не придонесува во зголемува на силата која може да се манифестира. Во ваква ситуација треба да придвижите поголема тежина без притоа да имате поголема сила. Нефункционалната хипертрофија предизвикува зголемување на неконтрактилните елементи од мускулните влакна што е случај при примена на класицен тренинг за хипертрофија кој најчесто го користат бодибилдерите (Зациорски, 1996)

Прекумерната мускулна хипертрофија го стеснува васкуларниот систем, посебно крвните садови и капиларите во мускулите, што предизвикува намален транспорт на кислород и хранливи состојки до мускулите. Поради ова се отежнува и отстранувањето на нуспродуктите од мускулите, а со тоа се успорува и опоравокот после тренингот.

Затоа при изготвување на план за одреден тренажен процес добро размислете дали тренингот за хипертрофија ќе биде дел од тој план (во зависност од специфичните карактеристики и побарувања на одреден спорт), а доколку и биде, потрудете се за негово правилно имплементирање.