Јога за пред испит

Имате важен состанок или испит каде треба мозокот да го вклучите до максимум, а не знаете од каде да ја извлечете енергијата? Резервирајте време за краток јога час!

Од секогаш јогата се поврзува и со физичка и со умствена рамнотежа, а според едно ново истражување ја подобрува концентрацијата и способноста за примање на нови информации.

И не само тоа, туку испитанците кои применувале јога се покажале подобро на умствените тестови отколку оние кои трчале на трака. Станува збор за студија врз студентки на возраст од 20тина години од кои било побарано да направат најосновни јога вежби или да трчаат на трака пред да се процени нивната концентрација.

Истражувачите сметаат дека всушност медитивниот ефект од јогата се задржува долго и после вежбањето и на тој начин го подобрува фокусот кон останатите секојдневни обврски.

Во студијата биле применети најосновните јога асани како дрво, триаголник, куче и детска поза и тоа во времетрање од само дваесетина минути. Применете јога и вие пред наредниот испит или состанок за десетка или добра зделка.