Заштити се од сонце додека спортуваш

Една од најголемите препораки од почетокот на минатиот век беа за што повеќе сончање за подобро здравје, силен имунитет и здрави коски. Работите од тогаш до сега видно се изменија. 

Со секоја спортска или рекреативна активност или подолг пасивен престој на сонце, секако дека ќе се почестите со темен тен, а можеби и посериозна изгоретина од каков не степен.

Клетките на кожата имаат силна меморија за нивното оштетување во тек на животот и силен кумулативен ефект така да ракот на кожата не е резервиран само за типови со генетска предиспозиција.

Предвремено остарената кожа засекогаш ќе ве потсетува на сончевите авантури или ќе биде причина за болно каење. Соодветна анти УВ заштита подразбира неколку препораки кои секогаш треба да кореспондираат со типот на Вашата ценета кожа…

 

  • Користете антисоларни креми во подебел слој и секогаш со таргет на најекспонираните делови (нос, рамења, лице)
  • Препаратите секогаш треба да бидат со погусти својства и потешко да се разградуваат од потта
  • Најчеста препорака е користење на креми со висок заштитен фактор 30 – 50
  • Набавете си соодветни мали и прикладни џепни пакувања од антисоларните креми за спортување во природа бидејќи препораките за премачкување се на секои 2 часа.
  • Информациите за висината на УВ индексот ќе ви помогне во организацијата на вашите тренинзи и спортски или рекреативни активности
  • Најдобра заштита од подолго изложување на сонце е не излегување на сонце!
  • Избегнувајте интензивно и директно изложување на сонце во период од 11-17 часот
  • Најдобра заштита во периоди на високо УВ зрачење е механичка заштита (капа, шешир, широки светли кошули или маици)
  • Водените спортови и подолготрајни забави и игри на вода изискуваат користење на водоотпорни антисоларни препарати.
  • Маслиновото масло не е заштитно средство, но е одличен природен препарат за нега на вашата кожа.
  • Голема грешка е ако мислиме дека во ладовина не треба да бидеме премачкани со заштитна крема
  • Точно е дека потемните или црните типови имаат повеќе меланин за заштита, но никогаш 100%
  • Најпрепорачани се заштитните средства на природна база или средства што во својот состав немаат оксибензон (средство кое ја пореметува синтезата на хормонот)
  • Во секој случај бидете критични во употребата на антисоларните препарати.
  • Заштитата на вашите усни со специјални заштитни лабела е дополнителна препорака.

Антисоларните препарати не се користат за да го продолжите престојот на сонце туку да ја заштитите вашата кожа од штетните дејствија на ултравиолетовата радијација.

Во продолжение, Ви предлагаме да си направите фототипска идентификација на Вашата кожа за да немате дилеми во изборот на соодветна заштита.


ТИП -1 млечно бела кожа, пеги, црвена или плава коса, плави очи. Ова се типови со екстремно сензитивна кожа кои лесно црвенеат, лесно горат и никогаш не поцрнуваат. Ова се фото-сензитивни типови со заштитно време од 3-10 мин (заштитно време на самата кожа без препарат).


ТИП-2 светла кожа, плава коса, светли очи. Овие типови лесно поцрвенуваат и изгоруваат и минимално фаќаат боја. Прилично фото-сензитивни типови со лично заштитно време од 10-20 мин.


ТИП-3 светла кожа, костенлива коса и очи. Овие типови ретко горат, понекогаш ќе зацрвенеат и лесно фаќаат боја. Фото –сензитивни типови со лично заштитно време 20-30 мин.


ТИП-4 темна кожа, очи и коса. Ретко горат, не црвенеат и секогаш јако поцрнуваат. Фото-сензитивен тип на кожа со заштитно време до 40мин.


ТИП-5 темно кафенеста боја на кожа, темни очи и коса (азиски тип). Овие типови ретко горат но јако поцрнуваат. Фото-несензитивна кожа.


ТИП-6 црна кожа, очи и коса (афро-американски тип). Никогаш не горат на сонце. Фото-несензитивен тип.