Акцијата Малтатал-Австрија 2013 (видео)

Акцијата, Малтатал – Bake Rolls2013, започна во 5 часот утрото на 10-ти февруари од Скопје за Австрија. Оваа акција го доби oва име, затоа што за време на целото патешествие од 10 часа, единствено нешто кое беше дел од нашето дневното мени, беа неколку паковки со различни вкусови на овој производ и неколку тетрапак сокови.

Во акцијата учествуваа: Крунослав Аџиевски – А.К. Матка- Скопје, Виктор Трпевски – А.К.Матка – Скопје и Димитри Димитров – А.К. Патагонија – Охрид. Оваа акција е дел од програмата за работа на Македонската Алпинистичка Федерација за 2013 година.

 

Целта на оваа акција е да се припремат што поголем број на помлади алпинисти за качување на мраз, за подоцна истите дополнително да бидат подготвени за посериозни искачувања на други посериозни насоки во центри како овој во Малтатал – Австрија.
Кратко запознаваќе со областа Малтатал – Каринтија и условите кои таа ги нуди. Малтатал е долина на реката Малта која тече низ централно-источните Алпи во Австрија. Долината е развиена во врвен центар за искачување на мраз, но и други рекреативни спортови (планинарење, велосипедизам и др). Многустраноста на центарот нуди одлични можности за секој алпинист, без разлика дали е почетник или експерт. Замрзнатите водопади се лесно достапни (од кола во насока) и се безбедни од лавини при поголеми врнежи од снег.

Уште не несместени, на само 100м од објектот (Haus Hofer) каде веќе го имавме закажано нашиот престој, возбудата, адреналинот и маѓијата со која ве обзема тоа место го направија своето. Веднаш донесовме одлука, да одиме до првата насока која требаше да ја качуваме наредниот ден, но и да ја провериме состојбата на мразот на другите насоки, се со цел да ги побиеме нашите сомнежи за тоа дали има доволно мраз во насокитеи сл. Договорот за тоа кој ќе биде распоредот на качување го подготвувавме додека патувавме, како би заштедиле од времето за одмор и качување.

По извршената сондажа на терен, се упативме кон објектот (Haus Hofer) каде требаше да престојуваме наредните 5 ноќи. Од странана домаќините, веднаш добивме инструкции за куќниот ред и за тоа која е нашата соба. Без ни еден збор секој од нас го избра својот кревет и сите откако јадевме и договоривме за тоа што ќе правиме наредниот ден, заспавме.

Прв работен ден:
Како прва насока се договоривме да ја качуваме насоката:
Левата варијанта на Stannenbach (wi2-3, 350m) eдна од подолгите и за мене една многу убава насока во локалитетот. Долга, со сигурно обезбедени (сидришта) на секој 25m која нуди можност за ”билдање на километражата”, која мене и на Виктор ни беше неопходна. Оваа насока ја качувавме во тројка, а и сите други насоки. Додека качувавме на оваа насока се сретнавме со една наврска од Германија со која подоцна споделивме доста убави моменти заедно. За тоа подоцна. Потоа час до час и половина абзелување, во кола, на ручек, план за наредниот ден и во кревет.

Втор работен ден:
Како втора насока се договоривме да ја качуваме насоката:
Aluhol (wi3,180m) насока со северна експонираност, континуитет во тежината на качувањето, а и насока во која може добро да ги проверите и усовршите техниките за качување во мраз. Додека се подготвувавме да тргниме кон насоката во непосредна близина се подготвуваше и наврската од Германија која ја сретнавме претходниот ден и од тој момент почна нашата дружба за време на качувањето, но и потоа во еден од локалните ресторани каде направивме взаемна презентација на Македонските и Германските качувачки локалитети, како и планивите и начинот на работа на нашата Федерација. За време на еден од неформалните разговори дознавме дека за наредниот ден планираат да ја качуваат истата насока која требаше да ја качуваме и ние Mittlerer Maralmfall. И така секој ден, се до 14-ти Февруари.

Трет работен ден:
Како трета насока се договоривме да ја качуваме насоката:
Mittlerer Maralmfall (wi4+, 200m) лева варијанта. Мразот на Маралмфалл понуди квалитетно и долго качување тој ден, со неколку варијанти на насоките и качувачки детали кои ни оставија голем впечаток и тој ден вечно ќе го паметам како еден од најстудените во мојот живот. Додека ја качувавме последната должина, Круно налета на еден детал wi5 кој беше успешно совладан по едно часовно мрзнење. И овој ден помина во знакот на Македонско – Чешко -Германската дружба.

Четврти работен ден:
Како четврта насока се договоривме да ја качуваме насоката:
Десната варијанта на Stannenbach (wi2-3, 350m). Овој ден добивме задача од Круно, со Виктор да ја водиме оваа насока. Со што целта на оваа акција е комплетирана во целост. Но, пред да продолжиме кон самиот старт на насоката, повторно се сретнавме со Германците и во тој момент се решивме на една групна фотографија. Се поздравивме со желби за убаво качување и наредни средби во Банберг и Македонија. За време на качувањето успешно ги решававме проблемите кои ни претстоеја поради должината на нашите јажиња, и тука морам да напоменам дека во овој локалитет пожелно е да се качува со 60m Bicolor јажиња, а не со 50m, какви што беа нашите. Тоа е така затоа што секое од сидриштата на поголемиот број насоки е на растојание од 60m. Сепак и со тие проблеми успешно се справивме благодарение на организираноста и ажурноста на секој поединечно.

Петти и последен работен ден:
Како петта насока се договоривме да ја качуваме насоката:
Columbos (wi6+ 40м). Насока на која по двочасовно качување нашите раце беа тотално исцедени и заморени, покрај заморот тука мора да ја споменам и водата, која буквално се цедеше од мразот на нас и во секој наш нареден обид таа настојуваше да допре што повнатре и повнатре низ нашите слоеви облека. По краток договор помеѓу сите нас одлучивме ова наше качување во Малтатал да го доживее и својот крај.