Истегнувањето е важно

Истегнување пред и после тренинг

Иако првенствено ги доживуваме како досадни, вежбите за истегнување се многу корисни за подоброто функционирање на локомоторниот систем, а можат да бидат и доста интересни. Подолу ќе наведам уште неколку интересни позитивни влијанија на вeжбите за флексибилност.

 

Телесно и ментално опуштање

Вежбите за истегнување се со низок интензитет, работата на срцето е смирена, а за време на нивното изведување можеме целосно да се релаксираме. Обично вежбањето нè разбудува, а овие вежба имаат сосема спротивен ефект. Доколку ги правиме пред спиење тие релаксираат и можат да нè подготват за добар сон. Изведувањето на вежбите за истегнување навистина помага во намалувањето на секојдневниот стрес.

Се намалува веројатноста за повреди

Со зголемувањето на опсегот на движењета во зглобовите се намалува ризикот од повреди на зглобовите, мускулите и тетивите. Овој ефект е многу важен за спортистите, но и за рекреативците, бидејќи на овој начин се намалува веројатноста за појава на повреда при изведувањето на секојдневните движења. Со погрешно движење на зглобовите, доволен е само еден непромислен потег за да настапи повреда, а опоравувањето не е толку брзо. Тоа никој не го сака!

Се подобрува циркулацијата на крвта

Со вежбите за истегнување се подобрува циркулацијата кај оние делови од телото кои ги истегнуваме. Со добрата циркулација се забрзуваат и регенеративните процеси. Па затоа и не зачудува фактот што токму вежбите за истегнување се прават на крајот на тренингот како почетна фаза за закрепнување на телото по напорот на тренингот, спортски или рекреативен. Слабата циркулација е болна точка за скоро сите стари лица, но се повеќе и за младите луѓе. Без добра циркулација, не може да се очекува дека телесните функции ќе се одвиваат во оптимални услови.

Се намалуваат болните менструации кај жените

Овој ефект, кој го предизвикуваат вежбите за истегнување не е толку познат, но е секако интересен за секоја жена. Ретки се оние среќници кои ги немаат овие проблеми. Се чини дека “строгото мирување во кревет” сепак не е универзален лек, но токму движењето се покажува како нешто што придонесува за значително подобрување во голем број на овој вид здравствени тегоби.

Истегнете се во пар!

Наместо повеќечасовните дружења во зачадените барови, поминете го квалитетно слободното време! Вежбите за во парови се добра забава за вас и вашата пријателка. Загрејте се со бавно џогирање или одење и подготвени сте за истегнување!

Не се форсирајте за да не се повредите и цело време комуницирајте.