Како да станете подобар љубовник?!

Сигурно сте наишле на многу статии кои што во високи проценти ја изразуваат важноста на сексот во врската. 

 

За да си паснете како јазиче на лажиче со партнерот ви треба повеќе од само сексуална привлечност, тоа е факт, но сексот, (читај – водење љубов) си води клучна улога, а како и за секоја улога си треба соодветен тренинг за подобри перформанси.

Половина од нашето тело е мускули (читај мевце) од срцевиот, па се до флексорите на малото прсте на ногата, нивниот број е над 600 и заедно во спрега со повеќе од 200 коски прават машина од лостови и спреги.

Водењето на љубов освен што ја блажи душата, стимулира хемиски реакции и излачува хормони е пред сè и телесен акт, а за таа работа мускулот е во главна улога.

Каде можеме да накачиме во вртежниот момент кога е во прашање оваа тема, односно каде да фрлиме фокус:

Срце: Пумпава не е главна туку најглавна, кардио 2-3 пати во неделата минимум, 30-45 минути (без оправдување за не можам)… Не ја заборавајте никогаш, особено ако имате стресна работа, пушите и внесувате често алкохол. Кардиото во било каков облик, (трчање, велоипед, аеробик) ќе ви помогне и да ја намалите напнатоста во телото. На крајот од секоја сесија не заборавајте да направите стречинг и длабоко истегнување на активната мускулатура. Ако не сте за класици, пробајте зумба или некоја слична активност што освен кардио ќе ви ги размрда во ритам колковите и ќе ви влее самодоверба (чисто како сугестија).

Јазикот: Чист мускул (кој пробал телешки, знае), врши голема работа (ем лафи, ем ја меша храната при џвакање, ем се плези и доста е активен во страстните предигри), сигурно ви се случило некогаш да ви се здрви вилицата или да ви отрпне јазикот за време на давање орално задоволство и сето тоа од сакање, а не можење. Затоа нивната кондиција е важна.

Ако подолго време не сте биле активни во смеров не се оставајте без тренинг, правете вежби со јазикот буткајќи го горното или долното непце зад забалото, или растопувајте коцка чоколадо притоа притискајќи ја кон непцето (ова го пробавме и е кул). Ова ќе даде поголема издржливост и сила на јазикот за време на оралниот секс…

Мускулите на трупот: Кратко и јасно, многу планк (штица) во секакви можни облици, 3 пати неделно 5-10 минути ќе даде плус во секој поглед. Чучњеви со тежина без пардон, иако ги “тормозат” главно нозете, сепак имаат голем удел во стимулација на глутеалната регија и долниот дел од грбот (крстот). Внимавајте на техниката на изведба и дишењето, особено во планкот, иако е изометричен не значи дека не треба да дижете и да правите апнеа.

Карлица: Начичкана со мали мускули кои ја опфаќаат и пубичната регија и го формираат карличниот под, карлицата и нејзините мускули се танцувачи во целиот процес. Мускулите како pubococcygeus (мускул кој се наоѓа помеѓу опашката и пубичната односно срамната коска) се важни во контрола на процесите како што се ерекцијата, контрола на ејакулацијата, уринирање и  др. Кегеловите вежби се неизбежни во процесот. Знаеме дека на никој не му текнува да ги прави но еве предлог, на работа сте од 9 до 5 и ако сите тагнувања ви се од канцеларија значи дека сте врзани за столче. За да не му ја мислите ставате нотификација на рипит и телефонот ви мава потсетник секој ден во 12 и почнувате свесни контракции таму доле… репетиции, серии и за краткок период ќе си свиркате… од среќа се разбира!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија