Качи јаже – тестирај сила

Качувањето на јаже е вежба за целото тело која се изведува од древни времиња. Оваа вежба е одличен тест за силата на горниот дел на телото, но исто така и одличен начин за развивање на сила генерално. Со неа ќе ги тренирате сите мускули на рацете, грбот, рамената и стомакот, а во исто време ќе ги подобрите агилноста и координацијата на движења.

Качувањето по јаже со веквови наназад е составен дел од обуката на многу воени единици, а во модерно време е редовна вежба во кросфит тренингот и во силовиот тренинг на спортови кај кои силата на горниот дел од телото е од суштинско значење. Причината за тоа е едноставна, качувањето по јаже е една од најефективните вежби за развој на мускулна сила, експлозивност и издржливост.

Она што треба да го знаете е дека качувањето по јаже спаѓа во групата на напредни вежби кои бараат солидна основа за воопшто да можете да ги изведувате. Со оглед на тоа што при изведувањето на оваа вежба работите само со сопствената тежина, се препорачува базата да се состои од вежби со слична позадина, пред се склекови и згибови. Со нив ќе развиете основна сила и мускулна издржливост која потоа ќе ви помогне полесно да ја совладате техниката на качувањето јаже.

 

Ако сте почетник, користете ги нозете. Тоа не само што ќе ви даде почетна основа и стабилност на полесен начин да ја совладате техниката на качување, туку и ќе ви помогне да работите на целото тело. Бидете упорни и не очекувајте дека качувањето ќе биде лесно.

За оние кои се понапредни, пробајте да се качите користејќи ги само рацете или пак предизвикајте се себеси секој нареден пат да се качите што побрзо. Доколку немате соодветно јаже за изведување на оваа вежба, не очајувајте, има решение. Замена за јажето кое на идентичен начин ќе ги реплицира движењата и мускулите кои се активни при изведување на оваа вежба е било каква ткаенина која ќе ја префрлите преку шипка за згибови.

 

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија