Интервју со Зоран Иванов за кросфитерските работи

Кросфит-от како еден од поновите компетитивни спортови на сцена, полека си го бразди и својот пат во Македонија. За да разбереме нешто повеќе во детали за тоа какви КросФит основи се поставуваат кај нас поразговаравме со Зоран Иванов, сопственик на првиот КросФит клуб во Македонија. 

 

Каде се случи првата средба со КросФит-от и зошто се впушти токму во овој нов спортски сегмент?

– Дoдека бев во САД во 2005 година, еден од моите колеги ми предложи да пробам нов начин на вежбање. Вежбата ми звучеше едноставно и лесно „Најмногу сетови во 20 мин од : 5 згибови 10 склекови и 15 чучњеви”. Бидејќи сметав дека сум „во форма”, а посебно за згибови и склекови го прифатив предизвикот. Како што (течеше времето на вежбата), јас едвај успеав да го издржам темпото до 12-та минута (ако добро се сеќавам) и морав да ја прекинам вежбата. Едноставно не знаев што ми се случи. Се тешев дека „не ми е денот”. Но не беше така, набрзо сфатив дека јас не сум бил подготвен за предизвикот на функционалниот фитнес.

Всушност не ги знаев правилните движења, техниката, целиот тој систем кој е исклучително важен за да успееш да поминеш низ една вежба од КросФитот. Момент кога дефинитивно се одлучив за овој спорт беше кога запознав еден постарт човек (не повеќе од 60-тина години) кој ги правеше КросФит вежбите со двојно повеќе килажи од моите да изгледаат многу лесно. Од тој момент јас повеќе не се вратив на традиционалниот тренинг во теретана.

Како се одвиваше обуката и каде го стекна првото искуство како инструктор?

Пет години напорно работење како кросфитер, вежбав и учев детали, совладував техники, сето тоа се одвиваше на релација Скопје – САД. Во 2010 година во САД, еден од тренерите во клубот во кој вежбав Кросфит, ја забележа мојата вешина во изведувањето на техниката при вежбањето и начинот на кој јас ги презентирав движењата и им помагав на моите пријатели додека вежбав и ми предложи да бидам инструктор асистент. Искрено многу ми се допадна таа улога спортски тренер.

Набрзо се пријавив на курсот за сертифицирање за Кросфит тренер. На овој курс се запознав со легендата на КросФит-от Крис Спилер. Со него поминав повеќе од два месец увежбување на тренерската работа. Потоа веднаш го завршив курсот за Подготовка на тренери за Кросфит. Бидејќи Кросфит-от е составен од три Олимписки Спортови, завршив и Курс за олимписко кревање на тегови за која развив посебна љубов кон овој спорт. За другите два спортови посетував разни работилници и семинари, во кои активно земав учество и како слушател и како предавач.

 

Имаше ли претходно некаков вид на искуство околу тренерската работа?

Мојата професионална работа во која поминав 9 години бараше од мене да бидам Тим лидер во Специјалните единици на АРМ. Тука се стекнав со огромно искуство во организирање, обучување и водење на тимови на специјални единици како дома така и во странство.

Денеска кога ќе направам споредба со работата на спортскиот тренер и мојата професионална работа во основа се сосема исти. Сето мое претходно искуство само го преточив со спортот и слободно можам да кажам дека предноста е огромна. Во КросФит-от многу ми помогна Крис Спилер кој несебично го делеше и го дели неговото искуство со мене. Тој е мојот ментор. Исто така, искуството во клубот во САД и комуникацијата со искусните Кросфитери многу ми помогнаат во градењето на мојата тренерска работа.

Ти си единствениот лиценциран тренер по кросфит во Mакедонија, дали тоа беше клучот за да го стратираш проектот Кросфит Скопје?

Во основа одговорот е НЕ. Сертификатот за КросФит Тренер само ми овозможи да аплицирам за лиценца за отварање на КросФит сала. Тоа е процес кој мора да се помине доколку сакаш јавно да го промовираш КроФит-от и јавно да огласуваш дека држиш КросФит тренинзи. Сè друго е спротивно со законот, за што се носат правни последици. Сертификатот за Кросфит Тренер само ти овозможува да работиш во некој Официјален Клуб за КросФит, а не ти дава за право јавно да огласуваш дека држиш Кросфит тренинзи. Тоа може да го прават само Официјални клубови кои ја имаат лиценцата за КросФит.

Основата за стартување на КросФит Скопје беше мотивот да ја поделам со пошироката јавност во Македонија моќта и љубовта на КросФит-от. КросФит-от ми го промени мојот живот. Се збогатив со физички и морални вредности за кои многу добро знам дека кај нас во Македонија многу ни фалат, вредности кои ќе го подобрат квалитетот на животот. Доколку сакате да го доживеете ова искуство ќе мора да посетите некој од нашите тренинзи.

 

Како поедноставно би им го објаснил или доловил КросФит-от на оние читатели кој не го познаваат овој спорт и неговата суштина.

Пред да го објаснам КросФит-от сакам да потенцирам дека КросФит е за секого! Без огранучувања за пол, години и професија. Само оние кои не ја познаваат методологијата на Кросфит можат да го тврдат спротивното.

Затоа ние, официјалниот КросФит клуб, сме тука да ви помогнеме во остварувањето на вашите фитнес цели без повреда и за најкраток можен период. КросФит е мимика на секојдневното живеење, ако некое движење го нема во секојдневниот живот, сигурно го нема во нашиот тренинг.

Најкратко Кросфит е: основен програм за снага и кондиција. Тоа е спорт на Фитнесот во кој вежбаме: Мртво подигнување (deadlift), Подигнување (clean), Чучњеви (squat), Туркања (presses), Подигнување со Исфрлање (Clean&Jerk), Извлекување (snatch), а истовремено ги увежбуваме основите на гимнастиката: згибови (pull-ups), спуштања (dips), качување по јаже (rope climb), склекови (push-ups), стомачни (sit-ups), стој на раце и склекови од стој на раце (presses to handstand), пируети (pirouettes), превртувања (flips), издржувања (holds) во комбинација на возење на велосипед, трчање, пливање, веслање, а сето ова го правиме напорно, посветено и најбрзо што можеме.

При тоа јадеме месо, зеленчук, семки, овошје, малку скроб без шеќер. Внесуваме храна доволна за да го поддржи начинот на кој тренираме, а не да зголемуваме телесна маса.

Сето ова го правиме 5 или 6 пати неделно во најразлични комбинации од сите горе споменати и други елемнети. Рутината ја сметаме за непријател. Нашите вежби се кратки и интензивни и ве предизвикуваат да излезете од вашата конфорна зона, да направите нешто повеќе. Покрај физичкиот капацитет, КросФит-от ја подобрува и менталната издржливост. Постојано сме отворени за нови предизвици, се почитуваме и си помагаме меѓусебно во оставарување на нашите фитнес цели. Кросфитот те подготвува за предизвиците на непознатата иднина.

 

Каков е одзивот на членовите и заинтересираните луѓе, дали кросфитот ќе роди сериозна конкуренција која во иднина ќе застане и на меѓународна сцена?

Во моментов имаме 7 групи, работиме индивидуални тренинзи најчесто со професионалните спортисти, а тука се и луѓето кои доаѓаат за третманите за мобилност и освежување на телото или за тренинг за зајакнување после повреди. Заинтересираноста е се поголема.

Јас сум многу горд на членовите на Кросфит Скопје, бидејќи најголемиот дел од нив се од самиот почеток на клубот и заеднички растеме и се усовршуваме. Немам зборови како да ви го опишам чуството кога некој од членовите ќе постигне некој персонален рекорд во Олимписко Кревање на тегови или пак ќе совлада некоја гимнастичка вештина или ја доживува својата компелтна трансформација. Едноставно од нив ја црпам целата енергија и мотивација.

Најчест синоним за КросФитерите е “CrossFit family”…тоа значи дека се подржуваме и почитуваме како една семејна заедница, локално и секаде во светот. Многу од странците кои се на поминување низ Македонија, а кои се членови на други официјални клубови во САД и Европа доаѓаат во нашиот клуб и разговорот, дружењето тече како да се знаеме цел живот. На овој линк http://map.crossfit.com/ може да ги најдете сите официјални КросФит клубови во светот.

Во пошироката слика КросФит-от постојано расте. На меѓународна сцена е веќе 7 години со официјални КросФит натпревари. Во тек се квалификации за регионалните КросФит натпревари. Професионалните Кросфитери во САД и Европа со нивнот физички капацитет се доближуваат или пак во некој спортски дисциплини ги срушуваат светските рекорди.

Има ли интерес во Македонија да се отвораат и други вакви клубови?

Како што расте популарноста логично е интерес да има. Но, за жал морам да заклучам дека нашите луѓе во Македонија имаат тенденција да го избираат „пократкиот пат” за жал кој е и неправилен и против законски. Бидејќи КросФит е законски заштитен бренд, сите оние кои нелегално го употребуваат името КросФит (претпоставувам дека причината е за да бидат модерни) порано или покасно ќе се судрат со законот. Ние имаме правна служба која се занимава со сите оние кои го злоупотребуваат името Кросфит.

Имам приметено дека има отворено клубови кои се рекламираат дека даваат часови по КросФит, а немаат ниту сертифицирани тренери, ниту лиценца за КросФит, ниту пак програмата е одобрена од КросФит. На овој начин и двете страни губат. Вежбачите не го добиваат вистинскиот производ за кој плаќаат и плус им се згрозува безбедноста, а оние кои го злоупотребуваат името Кросфит ќе се соочат со законски реперкусии.

Патот не е лесен, а уште помалку ефтин за да ја носиш лиценцата на КросФит. Сите оние кои се заинтересирани за отворат официјален КросФит клуб можат да се информираат во КросФит Скопје или на официјалната веб страна на КросФит www.crossfit.com.

         

Опиши ни накратко еден ваш тренинг, колку луѓе најчесто земаат учество, која возрасна категорија има најмногу интерес и како жените гледаат на кросфитот.

Тренинзите во КросФит Скопје траат од 3 минути до максимум 40 мин. Јас не практикувам тренинг повеќе од 40 минути. Од влегување во салата до излегување вие сте под надзор на инструктор. Додека вежбате постојано добивате инструкции како да ја подбрите техниката при изведувањето на вежбите со цел да се постигне поефикасно движење и останете безбедни додека вежбате.

За нас најважно е како вие се движите при изведувањето на вежбите. Пред секој час како дел од загревањето имаме задолжително увежбување на техниката на специфичното движење кое е предвидено со дадениот тренинг и отстранување на најчестите грешки, дури потоа ја почнуваме вежбата. На крајот задолжително имаме тренинг за зголемување на мобилноста (разбивање на мускулни чворови и зголемување на флексибилноста на сврзните ткива и мускулите) со што го убрзува процесот на освежување на телото после напорна работа.

Бидејќи Кросфит-от нема ограничувања кај нас сите кросфитери (мажи и жени, спремни и неспремни, стари и млади) ја прават истата вежба. Разликата е во интензитетот. Тоа значи дека секоја вежба ја прилагодуваме (број на повторувања, килажа или времето) според вашиот физички капацитет и способноста да се движите правилно (безбедно) додека ги изведувате вежбите.

Ние имаме кросифитери од 14 до 55 години и сите тие вежбаат заедно. Морам да признаам дека сум многу горд на кросфитерките (кои за жал се едвај 1/3 од мажите) од нашиот клуб, бидејќи во изминатиот период докажавме дека со вежбање КросФит не се деформира телото, не се дуваа мускулите (тоа сите ме прашуваат „дали ќе бидам мускулеста, јас несакам големи мускули”), туку напротив се оформува и го добивате природниот балансиран изглед на телото. Бидејќи се први и засега единствени Кросфитерки во Македонија, ве охрабрувам да побарате од нив со нивни зборови да го пренесат нивното искуство.

Јас препознавам две категории на лица, физички активни и неактивни лица.

За оние физички неактивните лица, сакам да им препорачам да се занимаат со било која физичка активност која ги предизвикува или ја сакаат, бидејќи: „…природата го створила човекот да работи, а не да седи.”

За сите оние кои се занимаваат со некој спорт или физичка актиност сакам да им го препорачам следново: „…не постои тренинг на планетава Земја од 1 час кој ќе може да го корегира тоа што вие самите можете да го уништите во останатите 23 часа од денот.”

3,2,1 СТАРТ!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија