Златните раце на Диме

Тоа се луѓето кои доаѓаат први во салата, и си заминуваат последни. Низ нивните раце минуваат сите, и понекогаш тие се главните кога треба да се состави екипата. Од нивната стручност и способност зависи дали тренерот ќе може да смета на сите, како и дали оние што се жалат на повреда можат брзо да се вратат во процесот на тренирање.

Ракометарите ги гледаме како се борат на терен, за секоја топка, а во секој дуел влегуваат бескомпромисно. Играчите се главните на секој натпревар, заедно со стручниот штаб кој има задача да подготви стратегија со која ќе може да се разбие, да се победи противникот.

И додека овие се најекспонирани, и секогаш во преден план, во секој колектив постојат и тн. „позадинци”. Луѓе без кои тешко може сѐ да функционира беспрекорно, кои имаат подеднакво голем придонес во секој успех, индивидуален или колективен.
Тоа се физиотерапевтите – луѓето кои доаѓаат први во салата, и си заминуваат последни. Низ нивните раце минуваат сите, и понекогаш тие се главните кога треба да се состави екипата. Од нивната стручност и способност зависи дали тренерот ќе може да смета на сите, дали оние што се жалат на повреда можат брзо да се вратат во процесот на тренирање.

Димитар Маневские дел од медицинскиот тим на Вардар од самиот почеток кога стартуваше проектот под водство на сопственикот Сергеј Самсоненко. Сѐ што тимот има освоено досега, истото го има освоено и Димитар Маневски. Последниот пехар што оваа сезона гордо го подигна беше по финалето од СЕХА лигата, кога во Белорусија по третпат го закачи златниот медал што го освоија со тимот.

* Позади секој успешен маж, стои жена, а позади секој успешен спортист – физиотерапевт. Колку е тоа точно, и колку е важна улогата на физиотерапевтот во спортот?
„Точно е тоа што го кажавте. Зад секоја успешна екипа, зад секој успешен спортист се потврдува дека стојат физиотерапевти или цел медицински тим, што се грижи за нивното здравје и задржување на добрата форма. Сите се важни за еден спортски колектив каде за достигнување на врвни резултати потребно е вклучување и на медицинскиот тим, на физиотерапевтите.”

* Обично велат дека физиотерапевтите имаат златни раце. Што тоа значи?
„Битно во нашата професија е желбата да се работи оваа професија, да се има мотивација, но и желба да бидеш уште подобар. Според мене важно е да ја сакаш оваа професија зашто таа бара и 24 часовен ангажман и посветеност, а понекогаш и давање на многу повеќе од обично внимание. За нас нема слободно време, постојано размислуваме за екипата, и сѐ е подредено на потребите на играчите за постигнување на добри резултати.”

* Како изгледа еден „обичен” ден на физиотерапевт во Вардар?
„Во нашата пракса секој ден, секој тренинг е различен. Добиваме неделен план за тренинзите и натпреварите, на секој тренинг сме присутни, а и пред тренингот мора да ги подготвиме играчите за да го издржат напорот кој што следи. Зависи каков тренинг им следи и таква подготовка имаме со нив. Загревање за играчите, типирање, кинези типинг, ако е потребно и одреден вид на вежби, одреден дел на кинези терапија. Едноставно спремање на психомоторичките способности со различни вежби за подобро да го издржат напорот. За секој играч имаме посебен план, во зависност дали е рековалесцент, дали е повреден играч. Имаме работа речиси цел ден.”

* Се разликува ли нормален ден од ден за натпревар?
„Нормално дека малку се разликува. Гледаме пред сѐ кои играчи ќе бидат во составот, и на самиот ден на натпреварот правиме сѐ да им се олесни или да им се овозможи да го издржат тој напор од 60 минути што следи на натпревар. Постапуваме согласно потребите на секој поединец, во текот на денот се работат вежби и терапии прилагодени на секој играч кој ќе игра на натпреварот.”

* Кога одите на патувања носите торба со медицински помагала. Колку е тешка торбата на физиотерапевт и што сѐ има внатре?
„На секое патување носиме медицински препарати, лекови, физикални апарати. Сигурно се две чанти од по 20 килограми. Тоа за нас е опремата, подеднакво важна како и опремата во која треба играчите да настапат. Понекогаш носиме дури и маси за масирање со нас.”

* Соблекувалното е местото каде се кажуваат најголемите тајни, местото каде се кова планот како да се победи. А таму вие сте постојано присутни, и на победите и на поразите, и кога се радуваат и кога тагуваат.
„ Во соблекувалната се случуваат секогаш интересни работи. Тука сме сите како семејство. Секој има своја задача за одредена работа. Се знае кој е задолжен за музика, кој за забава, кој собира пари за роденденски подароци. Немаме забушанти, ниту пак играчи што имаат големи барања.”

* Пред да дојдеш во Вардар имаш искуство и со други спортови. Ракометот не единствениот спорт во кој си работел?
„Оваа моја професија започна одамна, пред 11-12 години. На повик од мој пријател да работам како физиотерапевт во фудбалскиот клуб Цементарница. Од таму и започна мојата љубов да работам во спортот. Од тогаш до денес, секогаш работам во клубови со големи амбиции. После ФК Цементарница, работев и во фудбалските клубови Македонија ЃП, Металург, како и во ФК Вардар. Управата на РК Вардар уште од првото превземање од господинот Сергеј Самсоненко, ме повика да бидам дел од медицинскиот тим. Да се биде дел од вака добро организиран тим значи да се има многу придобивки, да се работи со добри спортисти, да се запознаваш со други колеги од други земји, да можеш да разменуваш искуства, и да се дружиш и со луѓе од кои претходно само сум читал стручни трудови, а сега се пријатели со кои континуирано комуницирам.
Во голема мерка за ова што го имам постигнато му должам на мојот ментор Зоран Ханџиски, кој секогаш е тука кога ни треба нам или на спортистите. “

* Дали врз бројот на повреди влијае тоа колку играчите ги слушаат советите од докторите?
„Дали некој ќе го послуша советот од докторот или не, може да влијае на повредите и до 90 посто. Пред секој почеток на сезоната и на полусезоната се вршат тестирања, ги гледаме дисбалансите на мускулите и правиме планови како да се постапи со секој играч индивидуално, на што да се обрне внимание, кој е послаб екстремитет, кој дел од вежбите треба да се изработуваат… Доколку спортистот го прифати севкупниот совет и е согласен да ги одработи терапиите и вежбите, до 90 отсто може да се заштити од повреда.”

* Физиотерапевтите имаат задача најбрзо што можат да ги оспособат повредените играчи за натпревар. Некогаш тој период е еден или два дена, а некогаш е и само неколку саати. Како се успева сето тоа, особено кога играчот се жали на повреда, а следува битен натпревар?
„Како дел од нашата струка е секогаш да сме во трка со времето. Што побрзо овозможиме да се рехабилитира тој играч тоа е подобро и за самата екипа, но тој успех претставува и една лична сатисфакција за физиотерапевт. Во Брест на Ф4 турнирот на СЕХА лигата, Арпад Штербик имаше болка во грбот и за два – три дена успеавме да го рехабилитираме и на финалето на турнирот одбрани извонредно. За нас физиотерапевтите тоа претставува голема сатисфакција што сме успеале за толку краток период од два, три дена да овозможиме голманот да застане 60 минути и да одработи најдобро што знае.”

* Се што досега освоил Вардар во последните години, го имаш освоено и ти. Трите титули во СЕХА лига, домашните првенства, купови, четирипати во Топ-8 во ЛШ. Амбициите годинава се повисоки. Има ли сила во овие момци за уште поголеми успеси?
„Можам да гарантирам дека во момците постои таа свежина, желни се за докажување. Желни се да им вратиме драго за мило на Флензбург и можам да гарантирам дека ќе се борат до последниот атом на сили. Свесни се до каде стигнавме оваа сезона. Има многу труд и многу работа вложено на секој тренинг, на секој натпревар. Очекувам сѐ она што сме го зацртале да го оствариме.”

*Интервјуто е превземено со претходна согласност од РК Вардар 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија