Зимски алпинистички собир на Галичица заедно со неколку првенствени искачувања под Магаро

Традиционалниот зимски алпинистички собир во организација на Македонската алпинистичка федерација, оваа година се одржа од 16 до 19 Февруари на планината Галичица, поточно во регионот на врвот Магаро. На собирот учествува алпинисти од клубовите АК Матка, АК Патагонија, АК Осум и АК Плоча.

За разлика од претходните години кога акцентот на активностите за време на собирите беше ставан на општо планинарски содржини како вовед во зимската алпинистичка техника, оваа година се работеше според изменета програма која опфаќаше многу повеќе качување алпинистички насоки во зимски услови.

Секако, еден цел работен ден беше одвоен за основите на движењето и безбедноста на планина во зимски услови, меѓудругото и за лавинологија, прва помош на настрадани во лавинска несреќа, изработка на сидришта и точки за осигурување во снег и мешан терен, падови на заснежена падина и техники на качување во мешан терен.

Меѓутоа како што беше претходно напоменато главниот акцент беше ставен на качувањето заснежени кулоари и алпинистички насоки на мешан терен – карпа/снег/мраз. За време на собирот беа искачени седум првенствени насоки, а некои од учесниците за прв пат качуваа алпинистички насоки во зимски услови, се разбира под надзор на инструктори од МАФ.

Вреди да се напомене дека областа околу врвот Магаро на планината Галичица нуди идеални услови за воведни и подготвителни алпинистички качувања во зимски услови. Најдобри објекти за качување се двата амфитеатри под врвот кои имаат североисточна ориентација. Поставеноста на насоките е помеѓу 1850 и 2200 метри надморска височина. Должината на насоките се движи помеѓу 250 и 350 метри. До подножјето на насоките се стигнува по маркирана патека за 40 до 60 минути од планинската куќа на Црвениот Крст на Охрид која е поставена на локалитетот Липова Ливада.

Според карактерот на подлогата доминираат два вида на алпинистички насоки – заснежени кулоари и насоки на мешан терен од карпа и снег. Можностите за поставување осигурување се релативно добри, во првиот амфитеатар заради составот на карпата доста подобри одошто во вториот амфитеатар. Од опрема за осигурување најпогодни се мали и средни френдови, чокови со средна големина и сите видови на клинови.

За во иднина треба да се размисли за поставување анкери – фиксни точки за осигурување на излезите од насоките, заради тоа што во овие зони заради карактерот на теренот и висината на снежната покривка осигурувањето е нешто покомплицирано. За целокупниот комодитет на качувањата мора да се земе во предвид и удобноста што ја нуди планинската куќа на Липова Ливада која обезбедува можности за квалитетен одмор, подготвување на храна и изведување на теоретски наставни содржини или видео/фото анализа на направените искачувања.

Во продолжение следува преглед на направените првенствени искачувања:

Горен амфитеатар под самиот врв Магаро 2255 метри

1. МОЛИ 1
Поставеност: Десна половина на амфитеатарот
Карактер на насоката: Заснежен кулоар
Тежина: 55⁰/85⁰
Должина: 250 метри
Први качувачи: Костантин Циривири, Илија Циривири, Јован Јовановски

2. МОЛИ 2
Поставеност: Централен кулоар во амфитеатарот
Карактер на насоката: Заснежен кулоар со секвенци од мешан терен и завршен дел во мешан терен – карпа/снег
Тежина: 45⁰, М3
Должина: 200 метри
Први качувачи: Костантин Циривири, Илија Циривири

3. МОЛИ 3
Поставеност: Централен кулоар во амфитеатарот
Карактер на насоката: Заснежен кулоар со секвенци од мешан терен и завршен дел во мешан терен – карпа/снег
Тежина: 45⁰, М3
Должина: 200 метри
Први качувачи: Костантин Циривири, Илија Циривири

Долен амфитеатар под таблата

1. СПИРИДОН
Поставеност: Слабо изразен карпест жлеб во левиот дел на амфитеатарот
Карактер на насоката: Мешан терен – карпа/снег
Тежина: М3/М4, 50⁰
Должина: 300 метри
Први качувачи: Јован Јовановски, Кирил Каневче, Костантин Циривири

2. МОЛИ ДЕСНА
Поставеност: Марканетен превисен камин наклонет во лево, во левиот дел на амфитеатарот
Карактер на насоката: Мешан терен – карпа/снег
Тежина: М4/М5, 50⁰
Должина: 300 метри
Први качувачи: Мартин Пејовски, Илија Циривири

3. ЛИХНИДОС
Поставеност: Во десно поставена рампа во левиот дел на амфитеатарот
Карактер на насоката: Мешан терен – карпа/снег
Тежина: М3, 50⁰
Должина: 300 метри
Први качувачи: Костантин Циривири, Јован Јовановски, Кирил Каневче

4. ВЕДРАН – насоката е искачена во чест на раѓањето на Ведран Калинов
Поставеност: Тесен камин во левиот дел на амфитеатарот
Карактер на насоката: Мешан терен – карпа/снег
Тежина: М5, 50⁰
Должина: 300 метри
Први качувачи: Илија Циривири, Костантин Циривири

Во тек е подготовка на детален опис на насоките кој ќе биде наскоро објавен на страната на МАФ..
Покрај првенствените искачувања, беа изведени десетина искачувања во кулоарот “У” и две повторувања на насоката Лихнидос.

Македонската алпинистичка федерација изразува огромна благодарност до АК Патагонија од Охрид и Црвениот Крст на Охрид за обезбедената логистичка подршка при изведување на семинарот. Алпинистите учесници на семинарот чувствуваат голема лична благодарност до нашиот колега Григор Жура кој несебично беше посветен да ни обезбеди организациска подршка, комфор и топлина во куќата и не пречекуваше со топол чај.

Потенцијалот за качување на планината и логистичките удобности што ги нуди планинската куќа не потикнуваат да размислуваме за одржување на уште еден алпинистички собир во текот на зимава.

Македонска Алпинистичка Федерација

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија