Наслов

Ретро трчање - кога трчањето наназад е прогрес нанапред

Сериозно, не се шегуваме!!

Откако не успева да ги постигне неговите цели во атлетиката на средни патеки и да постигне време под 4 минути за 1 милја, Американецот Арон Јодер се решава да направи драстична промена. Во ист период, младиот атлетичар се бори и со повреди во коленото, а докторите му наложуваат дека во понатамошниот дел од животот тој тешко дека ќе може да трча и учествува во натпревари. 

Сепак, никој не му „напоменал” дека нема да може да трча ретро - наназад. Од тој момент, Арон целосно се префрла од (класичната) атлетика на она што се нарекува ретро-трчање или по нашки трчање наназад. 

И колку и да ви звучи чудно, трчањето наназад не е ништо ново во светот на спортот и рекреацијата, туку датира уште од околу 100 години порано, кога на њујоршките годишни Атлетски Игри се споменува извесен Ц.Меткалф кој истрчал 50 јарди за 9,25 секунди. 

Првиот светски Шампионат во ретротрчање се одржува во 2006 година во Швајцарија кога учествуваат околу 50 тркачи од малку различни националности. Сепак, разликата во бројки на шампионатот по десет години во 2016 година во Германија вели дека трендот на овој „чуден” спорт е во пораст. На ова натпреварување учествуваа 158 атлети од 20 држави на трки од 100 метри до полу маратон. 

Еден од најпознатите ретротркачи на светот е Фараи Чинмове - пчелар и растафаријанец од Зимбабве - познат како „Раста Би (пчела)”, човек кој го привлече вниманието на јавноста со неговите одлични резултати и настапи на повеќе светски маратони и ултрамаратони трчајќи ги целосно ретро - наназад. Ултрамаратонот „Комрадс" во Јужна Африка долг 90 километари, Фараи го има завршено дури 5 пати со најдобро време од 11 часа и 17 минути - дури дупло поспоро од „нормалните” тркачи. 

Арон кој го гледате во горното видео, пак, цели кон пократките трки и иако досега тој не успеа да истрча 1 милја под 4 минути во нормален стил, во 2015 година тој успеа да го постави новиот рекорд за трчање на 1 милја наназад - 5:54:24. Сепак, тој вели дека главната цел му се подолгите маратонски патеки во ретро стил. 

Само за информација, најдоброто време на полу маратон во ретро стил го држи Ахим Арец од Германија со време од 1 час 40 минути и 29 секунди, а маратонскиот рекорд е на Ксу Женјун од Кина со 3 часа 43 минути 39 секунди. 

13 Февруари 2018

За авторот