Наслов

Што е пивска милја и кој е новиот рекорд

Секако дека е измислена од Американците, прво е милја, а после е мешање на спорт и алкохол, но сепак, мора да признаете дека е интересно да се види како две тотално спротивни активности може да се зауздаат (не секогаш) до постигнување на врвни резултати. 

Пивската милја претставува трка на 1,6 километри (1 милја) која најповолно е да се одвива на атлетска патека - каде еден круг е 400 метри. Во процесот на трчање 4 кругови потребно е натпреварувачите да испијат 4 пива (лименки или шишенца) од 0,33мл пиво (не помалку од 4,5% алкохол). 

Редоследот е следен: Трката започнува со пиење на пиво, се трча еден круг и се доаѓа до зона од 10 метри каде се пие следното, па повторно нов круг, и така четири повторувања. Секако дека можно е повраќање, а ако повратиш треба да направиш дополнителен круг. 

Интересно е тоа што иако целава работа е започната чисто од разонода и смеа (особено во американските колеџи), денес постојат атлетичари кои толку добро ја имаат завладеано оваа неспецифична варијанта на кратка атлетска дисциплина, што едноставно фасцинираат со нивните резултати. 

Имено, како што рушењето на бариерата од 4 минути за трчање една милја на Сер Роџер Банистер во 1954 година се сметал за скоро невозможен потег, така и денес, за пивската милја се сметаат фамозните 5 минути, кои доколку некогаш сте трчале и сте правеле математика тогаш знаете дека ова се пресликува во темпо од околу 3-минути по километар (заедно сосе пивата). 

Постојат бројни дечки кои успеале да ја срушат бариерата од 5 минути, а последниот рекорд на Кори Белемор (видео подолу) стои на 4минути 33 секунди, каде дечкото не само што поставува рекорд, туку и е побрз од тркач кој воопшто не пие пиво на стазата. Женскиот рекорд во оваа дисциплина го држи Ерин О'Mара со 6:08.

Сепак, брзината на Кори не е воопшто случајна. Тој е професионален млад тркач кој има најдобро време од 3:42 на 1500 метри, поседува одлична тркачка конституција и ред други фактори кои играат улога. Но сепак, во пивската милја влегуваат и ред други важни елементи како времето на пиење на пивата кое во голема мера влијае на резултатот.

Белемор заедно со неговиот пријател (поранешен рекордер во оваа дисциплина) експериментирале на темата и пронашле дека пивото истурено доколку се пие од шише е поставено на околу 45 степени - истото се истура за околу 6-7 секунди. 

Пиварата кое го произведува пивото Флајинг Манкис кое Белемор го пие за време на рекордот, е спонзор на младиот тркач. 

14 Ноември 2017

За авторот