Интервју со македонските тренери во Бугарија Жикица Тасевски и Михаило Шејкероски - Шани

Пловдивското дерби со македонски шмек

Пловдивското фудбалско дерби кај нашиот сосед веќе подолго време си има и своја македонската прикаска. И покрај повеќето македонските фудбалери и тренери кој во минатото ги бранеле боите на Локо и Ботев Пловдив од неодамна ривалството се пренесе и на клупата кај овие вечни фудбалски противници во Бугарија.

 

Иако пријатели и познаници, улогите не им дозволуват да се опуштат, сепак Дербито Локо-Ботев е многу сериозна работа за Пловдивчани, a и за цела Бугарија. Михаило а.к.а Шани е подолго време во Ботев и ја извршува функцијата тренер по физичка подготовка, бил во стручниот штаб на повеќе тренери на Ботев, а сега е под кормилото на Станимир Стоилов. Во Локо Пловдив Жикица е помошник тренер на Сашо Станков. Позади себе имаат неколку одиграни дуели за кој што ќе ни кажат нешто подетално во разговорот додека се подготвуваат во Шпанија и Кипар со своите клубови. 


Каде и како се одвиваат подготовките на вашите клубови и во која фаза од подготвителниот процес се наоѓате и какви се условите за работа?

Жикица-Локомотив Пловдив во моментов се наоѓа по вторпат годинава на подготовки во Шпанија поточно во туристичкиот центар Марбела блиску до Малага. Претходно бевме 8 дена во Гран Канарија каде што учествувавме на турнирот Мас Паломас 2014 и игравме два натпревари со ПСВ Ајдховен и Шангај Ист Азиа. Во моментов во Марбела имаме одлични услови за подготовка, овде преку зимата е навистина голем фудбалски епицентар каде се подготвуваат голем број екипи од целиот свет. Температурите се стабилни околу 15-20 степени и има голем број на добро подготвени терени за тренинзи и тренинг натпревари. Убава е можноста да се гледаат тренинзи и пристапот на работа на екипи од различни држави. Противници на Локомотив Пловдив на подготовките се: Видеотон Унгарија, Јурмала Латвиа, Днјипро Украина, Динамо Киев, Стеауа Букурешт, Гуанг Зу Кина, Гетеборг, Рубин Казан, Анжи. Тука остануваме до 11 февруари со што ја завршуваме втората фаза од подготовките каде главна цел ни беше да преку одигрување на натпревари со силни противници создадеме база и техничко тактички ја воиграме екипата и што поподготвени да го дочекаме 22 февруари, пролетниот продолжеток од првенството во Бугарија.

 

Шани-Моментално се наоѓаме во Аја Напа (Кипар), каде што го одработуваме вториот дел од подготовката т.е. работиме на подобрување на специфичните индивидуални моторички особини и го воигруваме тимот со контролните натпревари затоа што по паузата привлековме пет нови фудбалери.

Какви се условите за работа односно каква е инфраструктурата на овие два клуба во Пловдив, со колку терени и бази располага целокупната школа и првиот тим?

Жикица-Условите за работа на ФК Локомотив Пловдив се мошне солидни. Клубот располага со спортски центар во кој освен главниот терен за одигрување натпревари има плус уште 3 помошни терени, сопствена фитнес сала и спа центар кои се на располагање на првиот тим и пионерско младинскста школа.

Шани-Во поглед на условите кои ги имаме во Пловдив, можам да кажам дека се совршени. Имав голема среќа и можност да учествувам во создавањето на една ултра модерна, прекрасна спортска база, изградена специјално за нашите потреби. Академијата на Ботев како и првиот тим користат 4 терена со природна трева, 2 терена со вештачка трева, фитнес од 300м2 со најмодерните уреди на пазарот, хотел, ресторан, спа центар, кафе бар, фан шоп, службени простории, трибина со 4000 гледачи.

Колку меѓусебни дуели имавте досега и како ќе го споредите пловдивското дерби во споредба со софиското ЦСКА-Левски, бидејќи за многумина освен што е постаро е и поголемо дерби во однос на публика и интерес?

Жикица-Досега во Локомотив имам одиграно два дерби натпревари против екипата на Ботев. Дербито Локомотивв – Ботев е нешто што многу тешко се опишува со зборови, напротив треба да се доживее. Тоа во Бугарија е дерби со поголем интерес и интрига и од софиското дерби ЦСКА-Левски. Најголемиот шмек на дербито го даваат многубројните фанови на двете екипи со своето навивање и кореографии за време на натпреварот. Пловдив е град во кој луѓето од најмало па до најстаро се делат на Локомотивци и Ботевисти, а за самото дерби се говори и се подготвуваат преку целата година, а радоста, тагата и мајтапите после дербито ги има буквално секаде во целиот град по тој натпревар.

Шани-Јас сум веќе две години во Пловдив и зад мене имам веќе 4 дерби натпревари, од кои 3 ни се нерешени и имаме една победа над вечниот противник „Локото“. Оваа година со промената на натпреварувањето (play off / play out), ќе имам можност да присуствувам на уште два натпревари и се надевам на уште две победи најмалку. Како за споредба со софиското дерби, пловдивското е многу постаро, а и попосетено со околу 15.000 фанови на секој натпревар.

Како го оценувате бугарскиот шампионат и каде ги гледате неговиот најголем потенцијал, а каде неговите најслаби страни?

Жикица-Бугарскиот шампионат е во голем напредок и е со навистина добар квалитет во однос на останатите балкански држави. Играњето на голем број странски квалитетни фудбалери вложувањето во инфрастуктурата, правење на фудбалски бази по највисоки стандарди само уште повеќе ќе го подобрат во иднина квалитетот на Бугарскиот фудбал. Еден таков успешен долгогодишен проект е ФК Лудогорец од Разград кој мошне успешно го презентира бугарскиот фудбал во Европа презимувајќи на прво место во сопствената група во УЕФА лигата.

 

Бугарската лига е со солидна посетеност на трибините на секој натпревар и медиски одлично покриена, за поздрав е тоа што сите клубови учесници од првата лига имаат потпишано договори за ТВ права и во буџетот им се влеваат солидни суми за наши услови.

Шани-Бугарскиот шампионат за разлика од македонскиот е, да не претерам, неколку класи повисок. Оваа година Ботев Пловдив има буџет од околу 8 милиони евра, а приближно истиот го имаат уште 5-6 екипи од ова првенство. Со таа финансиска моќ, бугарското првенство врви многу побрзо нанапред и во моментов е на 28-то место според рангирањето на ФИФА. Не може да не се спомене и успехот на тимот на Лудогорец кој го има во европските натпреварувања и кој уште еднаш покажува каде оди бугарскиот фудбал. Најголемиот минус е недостатокот на услови на последните три-четири тима во ова првенство. Но, најавите за кратење на лигата и вложувањата на нови спонзори се надеж и за поголем напредок на ова првенство.

Опишете ни ја атмосферата пред дербито, подготовките, публиката и славјето?

Шани-Во однос на дербито меѓу Ботев и Локомотив има многу да се кажува, но сепак најдобро е да се види и да се почувствува. Овој мал град од околу 300.000 жители живее само за овој натпревар. Фановите и на двата тима се спремаат по шест месеци за тој ден и можам да ви кажам дека кореографијата и песните се единствени, но сепак „Канарите“ (навивачите на Ботев) се истакнуваат и по посетеноста на гостински и по посетеноста на домашен терен…

Жикица– Недела дена пред секој дерби натпревар има посебни мерки на безбедност во Пловдив, а на денот на натпреварот е фудбалски празник, картите се распродаваат за неполн час и навистина чувството е фантастично да си на стадионот. Пред секој дерби натпревар на последниот тренинг доаѓаат навивачите да ни дадат подршка, а после тренингот имаме кратка средба на која ни ја искажуваат верноста и љубовта кон клубот, победата во тоа дерби е сè за нив затоа што до наредното дерби ќе бидат владетели на Пловдив.

Зошто Ботев пловдив се Канари, а Локо Пловдив Штрумфови. Дали знаете нешто околку тоа?

Жикица-Ботев Пловдив се Канари затоа што бојата на дресовите им е жолта па од таму ги нарекуваат Канаринци, а штрумфови за Локо потекнува од 90те години кога Локомотив имал многу млада и ниска екипа меѓутоа биле многу сложни и играле тимски и освоиле трето место во лигата и успешно се претставиле во Европа играјќи со Оксер. Па од тамо еден од старите многу познат пловдивски новинар ги нарекол штрумфови. Од тогаш заштитен лик на Локо Пловдив пред секој домаќински натпревар е штрумф маскота која се шета по тревникот.

Шани-Kaнари се викаат фановите на Ботев затоа што официјалните бои на клубот се жолта и црна, а понекогаш знаеме и Гаргамел да бидеме (хахахахха).

Како го оценувате потенцијалот на македонските тренери во странство?

Шани-На крај би сакал да напоменам дека македонските тренери многу повеќе ги ценат надвор од нашите граници отколку кај нас, а ние ги потврдуваме нашите стручни квалитети со потпишување на нови долгорочни договори или со преоѓање во уште поголеми клубови.

Жикица-Ме радува фактот што од година во година се зголемува бројот на тренери од Македонија кои работат во странство. Многу е тешко од една мала фудбалска земја како Македонија со слаб рејтинг на УЕФА-ФИФА ранг листата да се пробиваш во фудбалскиот свет, иако ви гарантирам дека сите македонски тренери кои работат во странство по своето знаење ни малку не заостануваат во однос на другите тренери. Се надевам со едно меѓусебно помагање пред сè создавање на македонско лоби и се разбира давање несебична стручна помош и подршка за развој на македонскиот фудбал да дојдеме до идни успеси на клубски и репрезентативен план со што ќе ни се отвори патот за работа во клубови со повисок рејтинг од Европа и светот.

За крај голем поздрав до редакцијата и читателите на порталот karas4training од Марбела Шпанија! 

 

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија