Палистер – зимско искачување на снег и роденден во „Мурато“

Како што секогаш ги правиме нашите тури така почна и оваа со смислување на целиот настан, посветување време на секој можен детал и трошење на целото време во неделата за да имаме убав викенд. Сето тоа го преточуваме на ФБ, преку евент каде има нешто многу напишано, а никој не знае што има, зашто никој не го чита детално.

Така да и овој пат беше во тој стил, само што сега имавме и сериозни читатели на тој евент и кој знаеа што пишува, така да целиот овој извештај претставува збир на искуства кои ги собравме во една тура, а верувам ќе ни послужат за некој наредни.

Скопје, 04:00 паркинг пред ПТТ на Железничка станица собрани млади ентузијасти и некој планински зависници за да го освојат тешкиот Пелистер ( во понатамошен текст Палистер, зашто така го викаат Битолчани ). Во просек најмладата група со која некогаш сум бил, да не се фалам, ама бев еден од најстарите членови на групата. Имавме многу млада и свежа крв која несебично делеа гратис енергија.

Сите 16 члена спремни и желни се утоваривме во нашиот фолксваген кој веќе и ни станува стандард за нашите зимски тури.

Поспани се разбудивме на некоја бензинска за кафе и сендвич, по мал одмор се упативме кон националниот парк на Палситер, каде ако дојдеш пред 08:00 не плаќаш за влез во националниот парк што беше и нашиот случај.

Стартот на кружната тура беше во 09:15 часот по локално Битолско време. Одењето по патот нагоре беше малку напорен дека беше покриен целосно во снег на кој поминал ратракт и само што беше се одмрзнал од студената вечер. Утрото многу ветуваше, температурата беше пријатна се гледаше и сонцето ако се свртевме надоле по планината се гледаа и тешките облаци над Битола.

Од искуство можам да ви кажам да не идете во кафана пред тура па макар и тоа било прослава од планинарски карактер или на една пијачка. Зашто ќе заглавите до доцна, ќе спиете 1 час и утрото нозете ќе си ги заборавите во креветот дома и ќе барате некој да ви ги позајми неговите макар на 10 мин.

Стигнавме до ловечката куќа, сите чекаа да загризат по некој од сендвичите што ги имаа понесено, ранците им беа тешки на сите, дека целиот товар за славењето на роденден беше распределен. Како искуство, роденден не се слави на 20 км од местото каде што застанува колата и натаму треба да се иде пешки и да се однесат сите потребни мастрафи. (роденденот беше страва).

Тука кај ловечката куќа ни се приклучи и Пепо домарот од Мурато. Тргнавме заедно нагоре, снегот не беше разгазен така, па Атанас реши да го потроши остатокот од силата што му остана за да направи пат. По него се смени и кумот Игор зашто стварно имаше голем нанос на снег.

Некаде пред Дебел Рид домарот се оддели од нас зашто времето ветуваше и не ни наслутувавме каков пресврт ќе има, се беше мирно.

Пред да дојдеме на седлото каде се дели патот за накај Големо Езеро и Антени во рок од 3 мин дојде густата дебела бела магла. Ни ги помати сите формули во глава, ни го смени мислењето и се во рок од неколку минути имавме страшна дилема дали да идеме накај Антени или да тргнеме кон Големо езеро со видливост од 2 метра. Целата оваа збрка ја поправи Пепо со телефонски повик – абе дојдете навака јас ќе ве чекам на патот после гребенот. Искуство повеќе !!! Сам се решаваш !

И така тргнавме слепи еден позади друг со голема верба во искуството на водичот Атанас, за што можам со тврдење да кажам дека и џпс’от погреши а он отиде во вистински правец. Секоја чест мајсторе !

Времето ветровито со брзина над 40 км/час цело време дуваше од еден правец, во едниот образ и така добро се трудеше да го отече и зацрвени, сетоа ова го осетив дека бев ја заборавил маската за заштита на лицето, со спремање од еден час пред поаѓање.
Искуство !

Така ние во тој со студ и снег до појас, се пробивавме да го најдеме правецот до домарот кој испалуваше по некој истрел од врме на време. Патот не беше видлив,па моравме да чекаме да видиме Атанас да не пропадне во некоја стреа за ние да куртулиме, 🙂 така порлека, полека го најдовме правиот пат. Ладни и премрзнати со мал излив на емоции го најдовме домарот.

Најстрашниот дел од ова Тренинг Искуство беше симнувањето до Големо езеро од ридот што се наоѓа лево од домот. Тука не стемни, а со тоа и нашите сили беа на самиот крај.

Како што беше наведено во евентот,( што и онака многу слабо го читаат), беше наведено времето на траење на пешачењето на првиот ден кое изнесуваше 7:30-8:30 часа одење.
Ридот беше замрзнат и маркациите беа пропаднати под снегот, дури и јакиот домар го грешеше патот, па така одевме по некоја тогаш логична удолница се до домот. Тука имавме голема употреба на цепини за правење стапки.

И после 9:30 часа пешачење стигнавме до домот. Морам да ја пофалам целата екипа за нивното разбирање за соработката во акцијата, сите беа психофизички спремни со мали исклучоци сите ја имаа потребната опрема, бидејќи од искуство со сите беше направен муабет за опремата пред акцијата – од искуство !

За журката во домот не зборам 😉 ќе си дојдете ќе си видите. Ќе кажам само Игор – Телефонот на Марина- Играта со светлото – и благодетите на славеничката Јасмина.

Следниот ден беше многу помирен, имаше ветар, ама го снема набрзо штом почнавме да се симињаме.Мини бусот беше во Ниже Поле, не натовари и не донесе дома . Палистер ми е планина која ретко ми дозволува така лесно да ја поминам, така да решив да и го сменам името како Битолчаните што ја викаат за да се зближиме 🙂
Поздрав !

Текст: Дејан Доневски
Корекции : Марија и Марина